за ,

Вистината зошто Македонија не го спречува загадувањето од сообраќајот

Еколошки освестените држави со децении го пречистуваат возниот парк, само Македонија го гледа виновникот за отровниот воздух во скарата на ќумур. Тоа што никој не го кажува: Народот мора да троши гориво, државната каса мора да се полни

Македонија вози за државата да функционира. Секој граѓанин што поседува возило, несвесно, но послушно придонесува државната каса брзо и сигурно да се полни уште од првиот момент кога ќе проработи моторот во неговото возило. Аналогно на тоа, ако возилата мируваат, има помалку пари за државата. Тоа е кусото објаснување зошто ниту по десеткратно пречекорување на дозволената граница од 50 микрограми ПМ10 на метар кубен, државата Македонија и натаму не презема реални и радикални мери за спречување на загадувањето на воздухот од сообраќајот. Препораките децата, пензионерите и хронично болните да не излегуваат при прекумерна загаденост на воздухот со ПМ10 ниту оддалеку не ја допираат суштината на проблемот, но затоа и не спречуваат сообраќајот и натаму да се одвива со вообичаениот интензитет.

Во празниците нагло опаѓа концентрацијата на ПМ10. Зошто?

Следниов графикон табела јасно укажува од каде потекнува загадувањето на воздухот со честички ПМ10. Се разгледува периодот на новогодишните и божикните празници, со исклучително намален интензитет на сообраќај, во споредба со периодот по празниците, кога сообраќајот повторно се одвива вообичаено. Податоците се официјално признати и потврдени од Министерството за животна средина, со вредности на просечната концентрација на ПМ10 во воздухот, за општина Центар, Скопје. Сосема е очигледно дека во деновите со малку сообраќај драстично се намалува количината на опасните честички во воздухот, имајќи ја во предвид инертноста на воздушната маса.

zagaduvanje

Според тоа што го покажува графиконот повеќе не би требало да постои сомневање околу тоа од каде доаѓаат овие честички што сé повеќе ни стануваат видливи, а уште повеќе ги чувствуваме како остануваат трајно заглавени во телото. Впрочем, нашиот воздух не е ништо поразличен од оној што толку внимателно го чуваат општествените средини во светот каде што заштитата на животната средина ужива приоритет пред купувањето на медиумските гласила.

38 денари од 77,50 денари за литар бензин одат во државна каса

Додека државата глуми неукост и ни објаснува дека апстиненцијата на ветриштата и дождовите е главната причина што полека умираме додека дишеме, возилата продолжуваат да врват по улиците. Поинаку не смее. Малку потсетување што сé влегува во цената на горивата, со пример за бензин БС – 95. Во 77,50 денари за литар бензин влегуваат 0,080 денар за активности за заштита на животната средина, 0,890 денар за задолжителни резерви на нафта, 21,814 денари за акциза, 3,20 денари за трошок на промет и уште 12,322 денари на име данок. Притоа, самото гориво чини 39,194 денари, што значи дека 38,306 денари отпаѓаат на давачки кои ги касира државата. Со секој потрошен литар гориво БС – 95, македонската каса се полни со 38 денари. Ако нашите возачи просечно минуваат 10.000 километри за една година и нивното возило троши во просек 10 литри бензин на сто километри, тоа значи дека секој плаќа по 38.000 денари во текот на една година на сметка на државата. За тристотини илјади автомобили, колку што неофицијално изнесува возниот парк во државата, тоа дава 11.400.000.000 денари или околу 185 милиони евра – во случај сите возила да трошат токму БС – 95 и по десет литри на сто километри.

Преполовување на сообраќајот ќе значи преполовување на државната каса

Што би се случило ако Македонија реши уште од утре да го ограничи сообраќајот по патиштата и дозволи да се користат само еколошки коректните возила? Да претпоставиме дека половина од возилата би мирувале, односно не би трошеле гориво во име на одржување на државниот апарат во живот – иако реално би мирувале повеќе од три четвртини. Потрошувачката на гориво би се смалила, полнењето на државната каса повеќе не би успевало толку мазно. Преполовената наплата би повлекла или преполовување на народот што работи за државата или преполовување на нивните плати. Тоа би било еднакво на катастрофа. Како тогаш ќе се држи насмевката на нивните лица и подготвеноста да го дадат својот глас во име на продолжување со загадувањето на воздухот преку сообраќајот?

За три години потрошувачката на гориво е зголемена за 30 милиони тони

Сите преземени чекори во последните години одат во тој правец. Во периодот од 2010-та до 2013-та година, во Македонија се увезени вкупно 175.486 патнички автомобили, камиони и автобуси, од кои главнината се користени и без актуелни еколошки норми. Доколку при ослободувањето на увозот на користени возила беше земено во предвид нивното влијание врз животната средина, ќе се поставена барем неколку ограничувачки критериуми во поглед на староста на возилата, големината на моторот и потрошувачката на гориво. На улица се гледа што донесовме сите. Големи лимузини, најголеми што може за парите, со големи и силни мотори и соодветно висока потрошувачка на гориво. Јасно е дека не било приоритет да се обнови возниот парк и на народот да му се овозможи да вози евтини и чисти автомобили, туку спротивното, да се донесат колку е можно повеќе автомобили во функција на полначи на државната каса.

Еве ги и бројките. Во 2009 година, во вкупниот биланс на нафтени продукти, Македонија има потрошено 411.369.000 тони гориво на име патен сообраќај. Една година подоцна горивото расте на 428.046.000 тони или 4,05 проценти повеќе. Во 2011 година, нашите возила потрошиле 449.499.000 тони, што е повторно плус од 5,01 проценти! Во 2011 година, се случува минимален пад на 441.765.000 тони, што би требало да се поврзе со стегнувањето на кризата.

Биланс на нафтени продукти во период 2009-2012 (вредност во тони)

  2009 2010 2011 2012
Вкупно 411.369.000 428.046.000 449.499.000 441.765.000
Дизел 243.618.000 263.107.000 284.991.000 296.975.000
Бензин 123.339.000 123.131.000 129.734.000 111.708.000
Течен нафтен гас 44.412.000 41.807.000 34.774.000 33.082.000

Потрошувачката на гориво континуирано и рапидно расте, паралелно со големувањето на возниот парк во државата, народот послушно вози. За потсетување, колку повеќе се троши гориво, толку повеќе е полна касата на државата. За споредба, пак, од вкупно 417.383.000 тони нафтени продукти во 2012 година, дури 300.000.000 тони се потрошени во патниот сообраќај. Колку е тоа најдобро може да покаќе бројката дека индустријата во истата година потрошила само 47.878 тони нафтени продукти! Според тоа, возењето автомобил е најсилната индустриска гранка во Македонија.

Во 2014 година воздухот ќе се загадува уште повеќе

За иронијата да биде уште поголема, за оваа година е предвидено потрошувачката на горива да се зголеми за 2,6 проценти во однос на 2013 година – во годината која што е само една година поблиску до моментот кога ќе се отруеме од сопствените возила.

Затоа, ако некој спомне поведување акција за оставање на возилата и користење на јавниот сообраќај, никој не смее да го послуша. Народот мора да вози, државата мора да функционира. Во еколошки совесните средини, народот веројатно би го гледал сопствениот премиер како неизбањат, сокинат и неизбричен кога овој би дозволил воздухот околу да биде толку загаден и токму во протест би се откажал од секакво натамошно користење на автомобилите. Народот во тие средини би престанал да вози, затоа што тоа би било единствениот спас од труењето и заболувањето – така би им се одзела моќта на тие што го трујат и разболуваат сопствениот народ.

Народот вози, државата инкасира, народот се гуши

Инаку, како е можно земја каде што просечната плата изнесува 300 евра во најоптимистичкото сценарио, автомобилите да се возат со толкава упорност небаре е ова Германија или Америка? Кога ќе се земат во предвид сите трошоци околу автомобилот, вклучувајќи сервисирање, одржување, регистрирање, секако и полнење гориво, од нашите џебови се празнат по стотина евра секој месец. Вистински феномен. Холанѓаните, пак, познати се како нација што негува навика да вози велосипед. Или тие немаат пари или пак никој не ги тера да возат автомобил? Којзнае.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

4 коментари

Одговори
  1. SO Вистината зошто Македонија не го спречува загадувањето од сообраќајот VO POTPOLNOST SE SLOZUVAM. MOJOT PREDLOG SE SOSTOI OD TRI DELA: 1)KONTROLA NA SITE BENZINSKI PUMPI ZA SITE GORIVA KOJ SE TOCAT I NIVNA EKOLOSKA ISPRAVNOST I STEPEN NA OTSTAPUVANJE OD EURO STANDARDITE (KAZNA). 2)ZADOLZITELNA KONTROLA NA IZDUVNITE GASOVI NA SITE VOZILA NA TEHNICKI PREGLED I IZDAVANJE NA NALEPNICI ZA STEPENOT NA ZAGADUVANJE (ISPRAVNOST) 3)BESPLATNO PODESUVANJE ZA SITE VOZILA DO ISPRAVNA SOSTOJBA I DOBIVANJE NALEPNICA KOJA GARANTIRA ZA POVTORNO IZVRSEN BESPLATEN TEHNICKI PREGLED.

  2. Редно време е Македонија да се насочи кон електричните возила ако сакаме барем ние во Скопје да ги дочекаме 50-те години од нашиот живот. За ова треба и државата да помогне со субвенции и помош као што е тоа во сите високосвесно развиени држави. Владата беше во Естонија, зошто не го земат нивниот пример за стратегијата на државата во поглед на електричните возила. Или пак сето она што го напиша авторот во текстот погоре е апсолутна вистина а сите ние сме ….. (овој збор не сакав да го напишам).
    Колку што знам имаше една иницијатива и настан организиран од една група млади инженери ентузијасти на Машинскиот факултет, лани во јуни, на тема електрични возила.
    Не е лошо да почнеме да размислуваме се повеќе на оваа тема (ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТ), а власта да помогне ова да почне да се реализира за доброто на сите.

  3. sto da kazam. del od rabotite sto gi opisuvte epten drzat voda no ne e bas se taka kako opisuvate. Koga veke se povikuvate na rezultatite od monitoring stanicite za kv na ambienten vozduh treba da imate vo predvid deka mernite mesta lisice, rektorat i centar go odrazuvat vlijanieto na soobracaj vrz kvalitet na vozduh. Vlijanieto na soobracaj vrz vozduh pred se ogleduva od koncentarcii na NO2 i prasina PM10. Dokolku napravite sporedba ke vidite deka vlijanieto na soobrakajot ne e ogromno. Zgora na se azotniot dioksid e skoro vo 99% od slucai vo red t.e vo granicite na MDK.So pocit i samo napred mi se dopadja Vasiot pristap.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Комбито е четвртиот член во семејството на класата A на Mercedes

Уште скандали во ADAC: Шефот летал со хеликоптерот за прва помош