за

Визионерскиот Rinspeed Oasis е многу повеќе од „мобилна бавча“

Во првата седмица од новата година јавноста за првпат ќе го види во живо визионерскиот автомобил на Франк Риндернехт. Кога Rinspeed го најави Oasis, најмногу внимание привлече наполно функционалната „градина“ под ветробранот – но, тоа е само симболиката на Швајцарецот кој ја гледа иднината подобро од останатите. Суштината на Oasis сепак е во погонот, но и во ракувањето има неколку интересни идеи.

Тоа што однадвор е Rinspeed Oasis, внатре е „Intelligent Rolling Chassis“. Познатиот добавувач на автомобилската индустрија ZF ја разви оваа платформа, за големите производители на автомобили, но и новодојденците во браншата да ги базираат врз неа своите идни автомобилски концепти. IRC се состои од електромотори коишто се интегрирани во погонската оска, од иновативно подвозје и управувач којшто место копчиња располага со сензори за вклучување на многубројните функции.

Два електромотора вградени во задната оска и целосно рамен под

Rinspeed Oasis е првиот автомобил што ја користи оваа платформа на ZF или „Zahnradfabrik Friedrichshafen“. Задната оска е комбинација од торзиска оска и два електромотора со моќност од по 40 киловати или 55 КС, коишто се вградени покрај тркалата во алуминиумско куќиште заедно со преносен механизам – односно „едностепен менувач“. Ваквата конструкција е лесна и компактна, но и натаму е способна да го забрза Oasis за девет секунди до темпо 100 и до крајна брзина од 150 километри на час.

rinspeed oasis 00002

За предната оска на IRC се користи независно водење на тркалата со триаголни попречни водилки, со специјална конструкција којашто овозможува тркалата да се завртат за 75 степени – актуелните автомобили можат да ги завртат тркалата најмногу до 50 степени. На тој начин се олеснува паркирањето и маневрирањето, што е важна придобивка за градското возење. Oasis може за заврти во круг од само 6,75 метри.

Интелигентна електроника место механичка блокада на диференцијал

Платформата од ZF располага и со „торк-векторинг“, односно електронскиот одредува кој електромотор во моментот ќе испорачува поголема моќност до „своето“ тркало, зависно од условите на возење и ситуацијата, на пример во брзи свијоци, но и при паркирање. Што значи отсуството на овој систем, може да посведочи секој што има возено теренец од постарите генерации, при обидот да појде со тркала завртени до крај. За потсетување, Oasis ги врти тркалата за 75 степени, односно за половина повеќе отколку обичните автомобили.

rinspeed oasis 00003

Тоа што малкумина го забележаа досега е дека швајцарскиот визиомобил нема рачки зад воланот, ниту пак цели „клавијатури“ на истиот. Како тогаш се вклучуваат трепкачите, долгото светло, бришачите, сирената? За тоа се задолжени десетте капацитативни сензорски полиња, распоредени по целиот обрач. Кога возачот ќе потапка на одреденото подрачје од воланот, се вклучуваат левите или десните трепкачи, се пушта сирената или се ракува со функциите на системот за навигација и на радиото. Освен со тапкање, некои функции може да се задаваат и со повлекување со прстите по обрачот.

Воланот се претвора во работна маса кога автопилотот ќе ги преземе командите

Кога воланот ќе стане непотребен, односно кога возачот ќе го активира автопилотот да управува место него, воланот се претвора во маса, на којашто може да се постави таблет, тастатура или каков било преносен уред. Но, со воланот заминува и воздушната перница. Не сосема, затоа што друга воздушна перница ја презема заштитната функција во тој случај и истата е вградена во таванот над ветробранот.

Безбедноста е суштинска во Rinspeed Oasis. Возилото им ги подава бравата и горниот држач на безбедносниот ремен на своите патници уште пред влегувањето, завртувајќи ги во исто време седиштата нанадвор, за полесен пристап во кабината.

[FAG id=26650]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Камионџии се изживуваат врз сибирска мечка, Русите згрозени

Skype for Business пристигна во моделите на Volvo