за

Бумот на малите теренци ги спасува големите производители

Renault Captur е предводник во продажбата на мини кросовери со близу 90.000 примероци за шест месеци

Големосериските производители добиваат силен поттик од продажбата на малите теренци. Се очекува овој сегмент да се удвои до 2020 година и да достигне до еден милион возила годишно.

Растечката продажба на малечки теренци на европскиот пазар им го дава неопходниот поттик на големите производители. Успехот на моделите како Renault Captur и Opel Mokka наведува неопходност сé повеќе производители да бидат присутни со свој модел во овој сегмент што се очекува да се удвои до 2020 година и да достигне продажба од близу еден милион возила на годишно ниво.

Лидерот во овој сегмент, Renault, во првите шест месеци од годинава продаде 87.396 примероци од Captur, што ги надминува предвидувањата дури и на производителот. Малечкиот кросовер е втор најпродаван модел на Renault во Европа, по Clio. Во него лежи голема заслуга за растот од 14 проценти во продажбата на Французите во Европа во првите шест месеци од годинава. За да го задоволи големиот интерес за Captur, Renault мораше да ги прошири прозиводствените капацитети во фабриката во Ваљадолид, Шпанија.

Honda повторно го заживува името HR-V во Европа. Кросоверот на база на Jazz веќе една година се продава во Јапонија како Honda Vezel
Honda повторно го заживува името HR-V во Европа. Кросоверот на база на Jazz веќе една година се продава во Јапонија како Honda Vezel
Слични корекции мораше да направи и Peugeot, откако пазарот покажа поголем интерес за кросоверот 2008 отколку што очекуваше производителот. Peugeot ја зголеми продукцијата во Мулуз за 25 проценти, на 860 возила дневно. Со 73.452 возила во првото полугодие, кросоверот 2008 е втор во продажбата по Captur и воедно е трет најпродаван модел на Peugeot, по моделите 208 и 308. Исто како кај Renault, малечкиот теренски модел придонесе во голем дел за растот од 7 проценти во продажбата на Peugeot. Ниту Opel Mokka не е исклучок од позитивниот тренд, со голема заслуга во порастот во продажбата на марката со молњата од осум проценти.

Експертите гледаат голем профит за производителите од продажбата на малечките кросовери. Повеќето купувачи ги нарачуваат овие возила со повисоките нивоа на опрема, што особено е воочливо кај Renault Captur, кој во преку 60 проценти се продава во второто најскапо ниво. Одлично се прифаќаат и можностите за индивидуализација на возилата, со избор на посебни бои за бандажите, за каросеријата или во ентериерот. Сето тоа ја зголемува заработката на производителите.

fiat 500x 0936725764Ново моделско име во овој сегмент е Fiat 500X, за когошто се предвидува во 2016 година да достигне продажба од 60.000 примероци, додека бројката за сестринскиот модел Jeep Renegade изнесува 25.000 примероци. Влегувањето на Honda во овој сегмент со моделот HR-V, базиран на новата генерација на Jazz, ќе му донесе на јапонскиот производител продажба од најмногу 30.000 возила годишно. Hyundai исто така го потврди моделот ix25 за следната година, додека мини кросоверите на база на Volkswagen Up и Mazda 2 се очекуваат за две до три години. Многу се очекува и од Ford EcoSport, произведен и дизајниран во Бразил, којшто веќе е на списокот на десетте најпродавани кросовери од оваа класа, иако се продава само неколку месеци. Доколку трендот на мини теренците се прошири надвор од Европа, Ford може да профитира многу од овој модел што е проектиран за глобалниот пазар. Audi засега е единствен премиум бренд што се „спушти“ во сегментот на мини кросоверите, со моделот Q1 на база на A1, најавен за 2016 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche го претстави новиот 911 Carrera GTS со 430 КС

300.000 километри без прекин: Рекорд за Mercedes со погон на водород