за ,

Бројот на електрични автомобили во светот се зголеми на 1,3 милион

Според последните пазарни истражувања, низ светот во моментов возат 1,3 милион автомобили со погон на струја. Само лани се продадени над половина милион возила. Светски лидер и натаму е Норвешка.

Погонот на струја напредува со силно темпо. Според последните податоци, во светот моментно се возат 1,3 милион автомобили со погон на струја, што е речиси двојно зголемување за период од една година. Вкупно 550.000 електрични и плагин-хибриди се продадени на глобално ниво лани, од кои најголемиот број, над 200.000 примероци, припаѓа на кинескиот пазар. Со најголем возен парк од електромобили и натаму располагаат САД, каде што се регистрирани 410.000 вакви возила. Меѓу најголемите пазари се вбројуваат и Јапонија, Холандија, Норвешка и Франција. Во поглед на уделот на електрични возила во вкупниот возен парк, светски лидер и натаму е Норвешка, кадешто дури три проценти од 2,64 милиони возила во земјата имаат погон на струја. Секој петти нов автомобил во ланската продажба во скандинавската земја бил електричен автомобил.

Од моделите, најпродаван лани бил Tesla Model S со 42.730 примероци, пред плагин-хибридот Mitsubishi Outlander PHEV со 41.080 и Nissan Leaf со 40.270 примероци. За првпат меѓу водечките модели се појавува и автомобил од кинеска продукција, BYD Qin, со 31.900 продадени примероци лани.

Во статистиката влегуваат само патнички автомобили со електричен или плагин-хибриден погон, не вклучувајќи товарни возила и автобуси или автомобили со обичен хибриден погон.

Вкупно регистрирани примероци по модели:

Модел 2011 г. 2012 г. 2013 г. 2014 г. 2015 г.
Nissan Leaf 21.670 47.400 94.620 152.990 193.260
Tesla Model S 0 2.500 25.210 54.110 96.840
Chevrolet Volt 8.280 33.370 58.210 78.560 95.420
Mitsubishi Outlander PHEV 0 0 18.050 46.690 87.780
Toyota Prius PHEV 2.970 25.360 44.800 63.640 69.880
BYD Qin PHEV 0 0 0 14.750 46.650
BMW i3 0 0 920 14.500 36.550

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford Fiesta ST со 200 КС пристига на салонот во Женева

Секој петти директор ги добива најдобрите идеи во возење