за

Британците во манија по електрични автомобили

Во првото полугодие Британците купиле за една третина повеќе електрични возила отколку лани. Близу 20.000 возила со погон на батерии се продадени од почетокот на годинава. Трендот продолжува уште посилно.

Британските возачи сé почесто се решаваат за купување електрично возило. Уште од 2011 година рапидно се зголемува бројот на електрични автомобили по патиштата низ островската земја, откако купувачите станаа свесни за предностите на погонот на струја, како ниски оперативни трошоци, помали даноци и ново возачко доживување.

Бројот на електрични возила се зголемува рапидно уште од 2011 година кога британската влада ги воведе субвенциите
Бројот на електрични возила се зголемува рапидно уште од 2011 година кога британската влада ги воведе субвенциите

Во второто тромесечје се продале за 38 проценти повеќе електрични автомобили отколку во истиот период лани, додека во првиот квартал продажбата пораснала за 27,4 проценти. Тоа укажува јасно дека продажбата на електричните возила ќе продолжи да расте со уште поголемо темпо. Од почетокот на годинава се продале 19.252 возила, вклучувајќи и плагин-хибриди, односно за 4.640 примероци повеќе отколку во истиот период лани.

70.000 возила со електричен погон се продадени во Британија од 2011 година

Бројот на возила со погон на струја во Британија наскоро ќе достигне 70.000 примероци, откако владата воведе субвенции во јануари 2011 година. Дополнително следува и субвенција во висина од неколку стотини фунти за поставување полнач за возилото во домот. На тој начин, возачите можат секое утро да имаат полни батерии во својот автомобил.

Продажба на електрични и плагин-хибридни автомобили во Британија во првите квартали од 2011 година до денес
Продажба на електрични и плагин-хибридни автомобили во Британија во првите квартали од 2011 година до денес

Според министерот за транспорт Џон Хејс, околу 18.000 лица во земјата работат во секторот на енергија со ниска емисија на штетни материи. „Сакаме Велика Британија да стане светски лидер во користењето и производството на електрични возила, за до 2050 година секој автомобил и доставно возило на нашите патишта да биде со нулта емисија на штетни материи,“ додава министерот. Британската влада инвестира над 600 милиони фунти во поддршка на електричниот погон.

Трошокот за струја за една милја со електричен автомобил изнесува 2 пени или 1,46 денар

Најпопуларни модели со електричен погон во првата половина од годината се плагин-хибридот Mitsubishi Outlander PHEV со 5.738 продадени примероци, пред Nissan Leaf со 2.336 примероци. Владината поддршка е пресудна за успехот на електричните возила во Британија. Купувачите добиваат субвенција во висина до 4.500 фунти (5.345 евра) при купување возило со електричен погон, поддршка при набавка на полнач за струја за домот, пониска акциза, како и пониски даноци за службените автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пред 80 години Škoda Rapid го обиколи светот

Овие кабриолети најбргу го симнуваат покривот