за

Бондовскиот Aston Martin DB10 ќе биде дел од уличното ауто-шоу во Лондон

Уникатниот Aston Martin DB10, актуелно службено возило на најпознатиот таен агент во светот, на крајот на октомври ќе се појави меѓу експонатите на необичното улично ауто-шоу на лондонската Риџент Стрит.

Само неколку денови по премиерата на „Спектре“, актуелниот службен автомобил на тајниот агент Џејмс Бонд ќе се појави и во живо пред посетителите на уличниот автомобилски салон на лондонската Риџент Стрит. Изработен рачно, посебно за потребите на филмот, DB10 е последен во долгата серија модели на Aston Martin наменети за тајниот агент 007. Првиот модел на благородната британска марка во служба на Џејмс Бонд беше DB5 во филмот „Голдфингер“ во 1964 година.

Заедно со DB10, на уличното шоу на 31-ви октомври ќе бидат прикажани уште неколку актуелни модели на Aston Martin, вклучувајќи го последниот DB9 GT, специјалната серија GT12 и купе-лимузината Rapide S.

DB10 е изработен во мала серија само за потребите на филмот и го најавува новиот дизајнерски говор на Aston Martin
DB10 е изработен во мала серија само за потребите на филмот и го најавува новиот дизајнерски говор на Aston Martin

Шоуто на Риџент Стрит е дел од лондонската недела на автомобилите, во организација на Кралскиот автомобилски клуб на Лондон, кога целата британска престолнина е под знакот на автомобилите. Лани шоуто привлече 350.000 посетители. За време на уличниот авто-салон, главната улица за шопинг во градот се затвора за сообраќај, за на неа да дефилираат автомобили од минатото, од сегашноста и од иднината. Шоуто на улицата Риџент подеднакво ги привлекува и туристите, но и луѓето што сакаат навреме да подготват божикни подароци.

Главниот настан ќе биде собирот на олдтајмери, на кого што се очекува да бидат прикажани преку 100 историски возила. Повеќето од сопствениците на овие возила носат автентични костуми од периодот на нивните автомобили, воедно подготвувајќи се за прочуеното рели на олдтајмери од Лондон до Брајтон, чијшто старт следува еден ден по собирот од блискиот Хајд Парк, во недела на 1-ви ноември. Ветераните ќе чешаат рамења со јангтајмери, мотоцикли, нови модели и футуристички концепти, вклучувајќи и возила со хибриден или електричен погон.

regent street proslava db10-1
Автомобилското шоу на Риџент Стрит се одржува од 2005 година и привлекува преку 350.000 посетители на најпрометната шопинг улица во Лондон, за време на автомобилската недела во организација на Кралскиот автомобилски клуб

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Од Fiesta до Range Rover: Ова се најпродаваните модели во сите класи

Овој мотоцикл на BMW е измислен за каскадери