за

Блиндиран Mercedes-Maybach го чува животот за 1,4 милион евра

Врвниот автомобил што излегува од фабриката во Штутгарт отсега е достапен во блиндирана изведба. Mercedes-Maybach S 600 Pullman Guard тежи 5,1 тон, долг е 6,50 метри и издржува проектил со калибар 7,62 милиметри. Секако дека тоа треба да се плати соодветно.

Апсолутниот најавтомобил од Mercedes-Maybach, со два реда фотелји поставени еден спроти друг, отсега е достапен и како Mercedes‑Maybach S 600 Pullman Guard, што значи во блиндирана верзија. Државниците и другите лица што чувствуваат дека нивниот живот е особено загрозен, сега можат да здивнат. Поточно, ќе можат да здивнат во првата половина од следната година, кога започнува испораката.

Mercedes-Maybach S 600 Pullman Guard

Mercedes-Maybach S 600 Pullman Guard нуди заштита до класа VR9, а тоа значи дека издржува челично зрно 7,62 х 51 милиметри, додека во поглед на заштитата од експлозија, патниците можат да се чувствуваат безбедно до детонација на 15 килограми ТНТ на растојание од два метри. Техничарите ја предвидеа блиндираната изведба Guard уште при развојот на стандардниот модел без заштита, така што нема никаква разлика во просторноста на кабината. Pullman Guard тежи 5,1 тони, дозволената носивост му е 500 килограми.

Врати се отвораат со електромотор, прозорци се спуштаат со хидраулика

Задните врати се толку тешки што за отворање и затворање служи електромотор. Стаклата се движат под дејство на хидраулика, исто како кај напознатиот Pullman во историјата, серијата 100 од 1965 година.

16C857_09

Со должина од 6,50 метри, Pullman е подолг за 1.053 милиметри од Mercedes-Maybach S-Class. Меѓуоскиното растојание изнесува 4.418 милиметри, што е подолго од автомобил од компакт класата. Со висината од 1.598 милиметри, Pullman е над 100 милиметри повисок од S-Class.

Под хаубата работи битурбо V12 од шест литри, со силина од 530 КС и вртежен момент од 830 њутнметри. Крајната брзина е ограничена електронски на 160 km/h.

Цената на обичната изведба на S 600 Pullman изнесува половина милион евра, додека блиндираниот Pullman Guard чини најмалку 1,4 милион евра – без вклучен ДДВ.

[FAG id=25526]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во Ми-Да Моторс претставена луксузната лимузина Volvo S90

Apple во преговори со производител на електрични скутери