за

Белгија станува „резервна фабрика“: Volvo V60 се сели во Гент

По одлуката на Audi да го произведува идниот Q6 во Белгија, сега и Volvo ќе го пресели својот популарен модел V60 во земјата. Челикот сепак ќе пристига од Шведска.

Од почетокот на следната година, Volvo ќе го пресели производството на комбито од средната класа V60 од Гетеборг во белгискиот Гент. На тој начин ќе се ослободат производствените капацитети во матичната фабрика на Швеѓаните во Торсланда, кои во моментов се преоптоварени поради големата побарувачка за теренецот XC90 и воведувањето на новите серии S90 и V90. Комбито V60 лани беше четврти најпродаван модел на марката, со повеќе од 60.000 примероци.

Во Гент се произведуваат моделите од компакт класата V40 и V40 CC, како и лимузината S60 и теренецот XC60. Комби-моделот V60 ја користи истата платформа како последниве два модела од средната класа и поради тоа е едноставно белгиската фабрика да го преземе неговото производство. Заедно со V60, во Гент се селат и V60 Cross Country и верзијата со плагин-хибриден погон. Каросериските панели за V60 и натаму ќе се изработуваат во Торсланда и ќе се испорачуваат до фабриката во Гент преку траекти, кадешто ќе се врши завршната монтажа.

Со преселувањето на V60 и на првиот плагин-хибриден модел, Гент ќе прерасне и во центар за хибридниот и електричниот погон на Volvo, вклучувајќи ги и батериите. Volvo планира во блиска иднина околу 10 проценти од вкупната продажба да отпаѓа на модели со хибриден и електричен погон и соодветно ќе ја зголемува понудата на овие модели. Кој крајот на следната година во Гент ќе започне да се произведува новата генерација на компактот V40, вклучувајќи ја и хибридната верзија, која ќе придонесе за зголемување на учеството на штедливиот погон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota ќе преземе целосна контрола над Daihatsu

Златен Nissan GT-R што (не) може да замени венчален прстен