за

„Безпилотско“ Audi за филмските ѕвезди на Берлинале

Audi ги стави во научнофантастичен филм ѕвездите на фестивалот во Берлин, превезувајќи ги во автомобил без возач. Но, автономната технологија мошне брзо ќе стане реалност и во секојдневниот сообраќај.

Audi го искористи публицитетот на филмскиот фестивал во Берлин за уште еднаш да докаже дека технологијата на автомобили што управуваат самостојно веќе е подготвена да зачекори во сериското производство. На свеченото отворање на фестивалот, филмската ѕвезда Даниел Брил пристигна до црвениот тепих во Audi A8 L W12 управуван од робот.

Audi at the BerlinaleЛуксузната лимузина ги пречека Брил и неговата девојка Фелицитас Ромболд пред хотелот и ги одвезе директно до палатата на фестивалот. За ориентација во просторот, автономната технологија се раководеше според околните градби, споредувајќи ги со информациите на прецизната навигациска карта и синхронизирајќи ги со движењето на автомобилот.

Премиум марката претходно докажа дека нејзината технологија за автономно возење функционира и на тркачка патека и на автопат, а сега и во услови на реален градски сообраќај во Берлин, со комфорен и безбеден превоз на патниците. Целта на техничарите беше возилото да се „однесува“ исто како зад воланот да седи искусен шофер, со пријатно забрзување и сопирање, сé до прецизното запирање покрај црвениот тепих.

Тестирањата на технологијата започнаа во 2009 година на Солт Лејк, за една година подоцна специјално подготвен Audi TTS да вози на познатата трка Пајкс Пик, во Колорадо. Првите возења на јавни патишта следеа во 2013 година во Невада. Потоа следеа демонстрација на пилотирано паркирање, извозување на тркачката патека Хокенхајм со тркачко темпо со Audi RS 7 Sportback, самостојно „пуштање“ на пат од Силиконската Долина до Лас Вегас и во сообраќајот во Шангај, а лани во октомври и автоматско избегнување пречки на патот во услови на градски сообраќај.

Audi at the BerlinaleТехнологијата е развиена со цел да ја подобри безбедноста и да ја презеде контролата над возилото, во услови на монотоно возење по автопат или во градски метеж. Покрај тоа, се постигнува и поголема ефикасност во возењето, се намалува заморот на возачот и се подобрува комфорот, а секако и возачот може да се „занимава“ со други работи додека автомобилот напредува кон целта.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Половина од продажбата на Volkswagen е во Кина

Mercedes воведува нова генерација дизели во класата Е