за

Вака изгледа новото полагање „градска“ за Британците

безбедност во сообраќајот полагање возачка британија

Британските експерти ценат дека безбедното возење се гради од првите метри. Од денес, возачите полагаат според нова процедура, којашто трае најмалку 40 минути и опфаќа најразновидни услови и ситуации во возењето. Се очекува промените да доведат до подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Нулата е новата цел на автомобилска Европа. Тоа се однесува на нула емисија на штетни материи од возилата, но и на нула жртви во сообраќајот. Возачите во Велика Британија од денес полагаат градско возење според нова процедура, од којашто се очекува да резултира во поголема безбедност во сообраќајот во земјата.

Новото тестирање беше најавено уште на 30-ти декември лани, а стартува со примена од денес. Во меѓувреме, илјадници кандидати за возачи го минаа новото тестирање, пред неговото конечно воведување. Се покажа дека возачите што учествуваа во пробната фаза се посигурни и поискусни во возењето по споредни патишта и сообраќајници со две ленти. Целта е кандидатите да стекнат искуство во колку е можно повеќе ситуации, како основен предуслов за создавање безбедни возачи.

Полагањето се состои од пет дела:

  • проверка на видот (читање регистерска ознака на оддалеченост од 20 метри)

  • 2 прашања за безбедноста на возилото (прашање „кажи ми…“ пред почетокот на возењето и прашање „покажи ми…“ за време на возењето)

  • општа способност за возење (се вози по различни патишта и во различни услови, со исклучок на автопат, според упатствата од испитувачот, по неодредена рута)

  • возење во рикверц

  • самостојно возење (во времетраење од околу 20 минути)

Возењето трае 40 минути, односно 70 минути доколку на кандидатот му била одземена возачката дозвола и истиот мора да полага дополнителни тестови. При возењето е предвидено кандидатот да го запре возилото настрана, да појде обиколувајќи паркирано возило и да појде на нагорнина. Испитувачот може да побара кандидатот да изведе и итно запирање.

Во делот со возење во рикверц, кандидатот треба да изведе еден од три тестови: Паралелно паркирање, попречно паркирање (со влегување нанапред и излегување во рикверц или обратно) или запирање покрај десната страна од патот, по што следи враќање во две должини на автомобил и повторно вклучување во сообраќај)

При погрешно скршнување, на кандидатот не му се одземаат бодови – испитувачот му помага на возачот да се врати на точната рута

Самостојното возење трае 20 минути, при што кандидатот може да следи упатства од сателитска навигација или сообраќајни табли. Испитувачот одредува кој начин ќе го следи кандидатот и ја поставува навигацијата. Кандидатот може да користи и сопствен уред. Доколку возачот не може да ја забележи таблата (ако е покриена со гранка или слично), испитувачот му дава упатство да вози до следната табла што е видлива. Во случај возачот да сврти погрешно, бодови не се одземаат. Испитувачот ќе му помогне на возачот да се врати на точната рута.

Новитетите се во удвојувањето на времетраењето на возењето, од 10 на 20 минути, во можноста да се користи сателитска навигација, во исфрлувањето на паркирањето во рикверц во три точки (кое воопшто не се користи во реалноста), како и во барањето возачот да покаже познавања околу безбедноста на возилото.

Прашањата во текот на возењето имаат за цел возачот да научи да се справува со повеќе задачи, како и со патниците во возилото.

Откако кандидатот ќе положи, може веднаш да започне со возење. Со соодветна осигурителна полиса, новиот возач смее да учествува во сообраќајот без потреба од надзор од искусен возач или временско ограничување.

Околу нашите согледувања за ситуацијата безбедноста во сообраќајот во Македонија, можете да прочитате повеќе тука.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

samsung, роботски автомобили

Samsung очекува 20 милијарди долари профит од роботските автомобили

пошта во багажникот

Пристигна пошта во багажникот на автомобилот