за

Студија на СЗО: Колку пари – толку безбедност

На глобално ниво, во 2010 година имало 1,24 милион лица загинати во сообраќајни незгоди. Според статистиката, безбедноста на патиштата е најлоша во сиромашните земји

Ангола брои околу 19 милиони жители, што е четири пати помалку население отколку во Германија, но и покрај тоа, во 2010 година, во оваа африканска држава загинале 4.143 лица на патиштата, додека црната бројка во Германија изнесува 3.648 лица. Тоа го откри извештајот на Светската Здравствена Организација. Со 162 загинати на патиштата, Македонија бележи индекс од 7,9 фатални случаи на 100.000 жители, односно на нашите патишта е приближно опасно колку во Белгија, Чешка или Србија.

Потенцијалната опасност на патиштата зависи првенствено од тоа дали се регулирани централните аспекти на безбедност во сообраќајот. Според СЗО, тука се подразбираат обврската за ставање ремен, користење седишта за деца, казни за управување под дејство на алкохол и возење со превисока брзина, односно носење шлем при возење мотоцикл. Според студијата, само 28 од вкупно 182 опфатени држави ги задоволуваат бараните стандарди.

Во делови од Африка и Југоисточна Азија не се применува ниту основната обврска за користење безбедносен ремен. Поради тоа, здравствената организација на Обединетите нации бара од овие земји колку е можно поскоро да ги воведат неопходните законски промени. Според директорката на СЗО, Маргарет Чан, „доколку не се постигне тоа, семејствата и заедниците и натаму ќе тагуваат по жртвите, а здравствениот систем ќе мора да го сноси целиот товар на повредите и на здобиените повреди во сообраќајни незгоди.“

Велосипедистите и пешаците се особено загрозени

Во споредба со студијата од 2007 година, бројките бележат стагнирање на глобално ниво. Наспроти тоа, во Европа се бележи позитивен тренд. Во 40 од 48 држави е намален бројот на жртви во сообраќајот, односно за три години е постигнато намалување од околу 25 проценти, на 92.500 лица.

Најважните факти од извештајот за Европа:

  • Најмногу се загрозени пешаците и велосипедистите. На оваа група отпаѓаат околу 31 процент од жртвите во сообраќајот
  • Младите лица се чести жртви: 54 проценти од лицата што загинале во сообраќајот се на возраст меѓи 15 и 44 години, а 75 проценти од оваа група се мажи
  • Колку е помал бруто домашниот производ на државата, толку е поголема опасноста од загинување во сообраќајот. Смртноста во земјите со низок и среден стандард е двапати поголема отколку во земјите со висок стандард

На секој загинат во сообраќај во Европа доаѓаат уште 23 други лица, кои што се упатени на болничко лекување, како и 112 лица кои што морале да се преземат со болничко возило. Трошоците кои што на тој начин произлегуваат за здравствените организации се движат дури и до 3,9 проценти од бруто националниот приход.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Полициски автомобил со вградена интелигенција

И седиштата се опаметија