за

Зошто (не) ги почитуваме сообраќајните правила

безбедноста во сообраќајот во македонија

Безбедноста во сообраќајот секоја година се влошува за еден до два проценти. Можеби тоа сé уште не е причина за аларм. Но, што ако се разгледува во подолг временски период? Влошувањето на безбедноста во сообраќајот е како неподмирен банкарски долг.

Број на сообраќајни незгоди зголемен за близу 40 проценти и натпропорционално зголемен број на настрадани лица, за повеќе од 40 проценти, при што сообраќајот се покажал кобен особено за пешаците – бројот на пешаци што загинале по нашите патишта бележи најголем пораст, со дури 44 проценти. Од каде одеднаш овие алармантни податоци? Во тоа што обично ни го сервираат службите чијашто надлежност задира во безбедноста во сообраќајот, обично се наведува дека бројот на незгоди и жртви во сообраќајот се зголемил за „незначителни“ еден до два проценти – во споредба со претходната година.

Безбедноста во сообраќајот е суштинска тема за којашто институциите не оставаат впечаток дека ја владејат

Оваа најцрна статистика којашто одамна требаше да биде обелоденета во јавноста и проследена со преземање радикални мерки за враќање на сообраќајот по македонските патишта во нормални рамки, произлегува од споредбата на последната државна статистика за 2015 година, со статистиката во 2005 година. Таа ја прикажува вистинската слика со безбедноста во сообраќајот. Од година в година, процент по процент, за една деценија нашиот сообраќај се претворил во „убиец“.

Во време кога светот се движи кон апсолутна нула во сообраќајот – што значи нула сообраќајни незгоди и нула емисија на штетни материи од сообраќајот – Македонија за десет години има 40-процентно зголемување на бројот на сообраќајни незгоди и уште поголема стапка на загинати пешаци во сообраќајот

Овие заклучоци произлегуваат од споредбата на најосновните статистички параметри. Натамошното завлегување во статистичката обработка, на пример со земање предвид дека едно од секои седум настрадани лица во сообраќајот е повредено или усмртено при превртување или слетување на возилото од патот (дури 1.037 лица во 2015 година, од вкупно 6.061 жртви) само ќе ги открие суштествените пропусти и недостатоци во третирањето на безбедноста во сообраќајот.

42 % од Французите минуваат пешачки на црвено светло, наспроти само 2% од Јапонците

Многу фактори влијаат врз безбедноста, но причината за незгодите речиси секогаш е човечка грешка. Со техниката на денешните возила и со напредокот на инфраструктурата, учеството на техничкиот фактор е незначително. Нема повеќе „колата не сакаше да запре“. Повеќе важи „возачот не сакаше да запре“. Токму напредокот на техниката влева погрешна самодоверба кај голем број возачи, да притиснат врз гасот. Познавачите на проблематиката знаат подобро. Времето на човечката реакција останува константа. Затоа, возењето со поголема брзина не води кон друго, освен кон побрзо приближување до опасноста на патот. Под опасност не се позразбира опасност од оштетување на сопственото возило, туку и опасност од удирање во пешак.

безбедноста во сообраќајот низ светот

Но, сообраќајниот морал не се разликува драстично во другите земји. Во Виена, на пример, аналитичарите за безбедност во сообраќајот забележиле дека 60 проценти од возачите не пуштаат трепкач пред крстосница и еден од десет пешаци минува на црвено светло.

Кога повеќето ги почитуваат правилата, сите ќе постапуваат исто, затоа што ќе им биде непријатно да станат упадливи

Возачите и пешаците честопати се убедени дека умеат да ја проценат ситуацијата, но ги превидуваат останатите учесници во сообраќајот. Секако дека постојат и возачи што прописно запираат на крстосница, дури и во случај кога возило не е на повидок и не постои опасност од санкции, како одземање на возачката дозвола. Тоа се должи на моќта на социјалните норми. Кога повеќето ги почитуваат правилата, сите ќе постапуваат исто, затоа што ќе им биде непријатно да станат упадливи. Со време ги впиваме социјалните навики, кои на крајот прераснуваат во ставови и убедувања.

Холандија, Австрија и Канада со највисок, Египет, Алжир и Тунис со најнизок сообраќаен морал

Од културата во земјата зависи колку граѓаните ќе ги почитуваат правилата. Меѓу другото. Холанѓаните, Австријците и Канаѓаните имаат највисок сообраќаен морал. Тоа го покажала анонимна онлајн студија спроведена лани, со повеќе од 6.000 испитаници. Во овие три земји била најниска стапката на возачи што одговориле дека не го почитуваат пропишаното растојание или разговараат со мобилен в рака во возење. На последните три места од вкупно 41 држави, се наоѓаат Египет, Алжир и Тунис. Аналогијата е верна. Во земјите со најголем број на возачи што одговориле дека не ги почитуваат правилата е најголем и бројот на жртви во сообраќајот.

Топлите климатски услови ги прават возачите агресивни и помалку толерантни

Научниците ја гледаат поврзаноста. Во општествата што заостануваат во развојот, изостанува и грижата околу почитувањето на сообраќајните правила. Постои уште еден фактор. Последните три држави имаат значително потопли климатски услови. Тоа влијае и врз сообраќајниот морал, затоа што луѓето реагираат поагресивно и помалку воздржано при жешко време.

Кој почесто минува пешачки на црвено светло, мажите или жените?

Направени се и истражувања врз основа на полот, коишто имаат покажано дека мажите поретко си дозволуваат да минат на црвено светло на пешачки премин отколку жените. Сепак, поверодостојно е влијанието на културата во земјата, отколку на полот. Научници го набљудувале однесувањето на над 5.000 пешаци во Стразбур (Франција) и во Нагоја (Јапонија). Резултатите се зачудувачки. Дури 42 проценти од Французите минуваат пешачки премин на црвено светло, наспроти само два проценти од Јапонците.

Покрај тоа, Французите двапати почесто се впуштаат во прекршокот кога некој друг пешак ќе ги „поведе“ да минат пешачки на црвено, отколку Јапонците. Затоа, пак, кога сами чекаат на пешачки, Французите и Јапонците се однесуваат исто и не се двоумат да минат на црвено. Тоа покажува дека обете култури ги почитуваат правилата, затоа што не сакаат да остават лош впечаток, дури и кај луѓето што не ги познаваат. Во тој поглед, Јапонците најмногу се придржуваат до пропишаното. Луѓето во западните култури помалку ги почитуваат правилата и хиерархиските структури.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

general motors lidar

General Motors си купи фирма за ласерски радари

тест на зимски гуми 215-65-16

Тест на зимски гуми на АДАК: Димензија 215/65 R16 H