за

Баварската полиција ќе вози електричен BMW i3

Полицијата во германската покраина Баварија отсега користи врвна автомобилска техника против криминалот. Електрични BMW i3 за првпат стартуваат со ангажман во полициска мисија во Германија.

BMW i3 ќе им овозможи на баварските полицајци да се спротивстават на криминалот на начин што е одржлив за животната средина и со примена на струја. Компактниот електричен автомобил на BMW за првпат се наоѓа во полициска служба во Германија. Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман утринава ги презеде клучевите од трите примероци од BMW i3 пред Министерството во Минхен. Од 2016 година, сите нови возила на баварската полиција ќе бидат лакирани според новата мустра што премиерно ја доби токму електричниот BMW i3.

Баварските полицајци во возниот парк имаат повеќе различни модели од понудата на „домашната“ марка, вклучувајќи модели од сериите 3 и 5, како и BMW X3, кој се користи првенствено во алпскиот регион. Според BMW, „високата агилност и подвижност, како и обемната функционалност, прават BMW i3 да биде совршено наменско возило за полицијата во урбаните средини – еколошки и одржливо за животната средина.“

bmw i3 policija 1095 Во специјалната опрема на BMW i3 за баварската полиција спаѓа сигнализација RTK7 од Hella, вклучувајќи иновативно црвено светло и звучен сигнал за запирање, како и озвучување и блиц-светла напред и назад. Опремата е дополнета со дигитална радио станица од Sepura.

Покрај тоа што е прв електричен автомобил од премиум сегментот, BMW i3 преку вградената СИМ-картичка и системот ConnectedRescue може да добива информации директно од полициската централа за адресата, причината за интервенција и за лицето што повикува. Софтверот во централата може да ги пренесе до возилото точните координати на местото каде што се бара полициска интервенција. Централата може во исто време да комуницира со најмногу 100 возила. Овој систем ја спречува можноста за грешка при пренесувањето на податоците и овозможува побрза интервенција од полицијата.

Производството на електричниот BMW i3 за полициска примена се одвива во фабриката во Лајпцих, а потоа следува доработка и доопремување кај партнерите.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Коментар: Нападот врз Volkswagen е одбрана за американската автоиндустрија

BMW стартува под нов увозник: Свечено отворен новиот центар на М Кар