за ,

Американците негодуваат повторно: Овојпат Mini им е недоволно безбеден

На Mini му се заканува дебела парична казна во САД. По слабите резултати при страничен судир, Американците реагираат дека Mini пребавно интервенирал со преправки на возилата. Кој ќе биде следен на удар?

Нешто чудно се случува од другата страна на океанот. По избивањето на скандалот со манипулираните издувни гасови на Volkswagen, кој е само жртвено јагне за практиката што е јавна тајна и вообичаена е во целата бранша, Американците веќе го отвораат следниот фронт. Агенцијата за безбедност на патиштата и на возилата поднесе тужба против Mini. Постои сомнение дека марката ќерка на BMW пребавно реагирала со преземање на неопходните модификации на возилата, откако Mini не го помина националниот краш-тест. Проблемот се однесува на 30.000 примероди од Mini Cooper и Mini Cooper S, произведени во 2014 и 2015 година, како и за екстремниот спортски модел John Cooper Works од 2015 година.

Во минатиот октомври, агенцијата за безбедност во сообраќајот изврши тестирање на безбедноста на Mini Cooper S при страничен судир. Резултатот од тестот: Тест-куклата не беше заштитена доволно од каросериската структура на возилото. BMW се согласи да иницира сервисен повик за возилата и даде гаранции дека во рамките на сервисната акција ќе изврши зајакнување на задниот дел од каросеријата кај примероците од моделското годиште 2015.

Mini може да плати парична казна во висина до 35 милиони долари

Според агенцијата, BMW не ги извршил овие подобрувања. Откако Американците во јули годинава извршија тестирање на Cooper S од споменатото моделско годиште, тоа исто така не помина со задоволителни резултати при страничниот краш-тест. Од BMW реагираат дека кај конкретното возило на тестот уште не биле извршени преправките, поради тоа што доцнела испораката на потребните делови, а со тоа и спроведувањето на сервисниот повик. Германците исто така нагласија дека возилата во Европа не се погодени од овој проблем и дека Mini на овдешната територијата ги исполнува сите стандарди за безбедност.

Од агенцијата тврдат дека BMW сепак можел да реагира побрзо со сервисната акција. Доколку некој производител реагира пребавно со преправки што се однесуваат на безбедноста на возилото или надлежните органите се информираат за проблемот предоцна, во САД следува казна во висина до 35 милиони долари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Од мотоцикл до 40-тонски влекач: Кој сопира најдобро?

Mini се откажува од купето и родстерот