за

Американски автомобили во освојувачки поход на Европа

Ford Mustang

Ниту американските автомобили повеќе не се тоа што беа. Ford, General Motors и Chrysler – сите тие веќе нудат на европскиот пазар по неколку модели што солидно го погодуваат интересот на тукашните купувачи.

Ford Mustang и Cadillac Escalade порано беа достапни само на американскиот пазар. Овие луксузни, но не и толку напредни модели се одликуваа првенствено со голема моќност, висока потрошувачка, многу простор и техника што не беше секогаш во чекор со времето. Но, во меѓувреме, големата американска тројка од Ford, General Motors и Chrysler започна со најинтензивната глобализација во својата историја, приспособувајќи ја понудата од модели според најразличните барања на пазарот.

Ford Mustang за првпат во 50-годишната историја се нуди официјално во Европа

Ford Mustang, од оваа пролет, за првпат во историјата ќе се продава официјално во салоните на Ford на најголемите пазари во Европа, место како досега, преку специјализираните увозници за американски автомобили. Фановите на „пони“ автомобилите ќе се решат за моделот со осумцилиндарски мотор, но на европските купувачи ќе им се нуди и верзија на моделот со мотор со „нормални“ четири цилиндри. Ford Mustang е еден од најдобрите примери за тоа како на американските марки ја шират моделската понуда низ светот. Кон крајот на годинава Ford ќе започне со продажба и на кросоверот Edge, којшто е позициониран некаде во средината меѓу Audi Q3 и Audi Q5.

Cadillac Escalade ќе се обиде да му конкурира на Range Rover на европскиот пазар
Cadillac Escalade ќе се обиде да му конкурира на Range Rover на европскиот пазар

Слична стратегија подготвува и General Motors, првенствено со луксузната марка Cadillac. Од почетокот на следната година, од оваа страна на Атлантикот ќе стартува во поинтензивен обем продажбата на џиновскиот теренец Escalade, како сериозен конкурент на Range Rover, но заедно со него пристига и новиот крстосувач CT6, којшто ќе настапува против германското трио на престижни лимузини од високата класа – Audi A8, серијата 7 на BMW и класата S на Mercedes. Остнатите модели на Cadillac исто така се подготвуваат за овдешна битка со премиум марките од европските концерни и тоа повеќе години се провлекува во стратегијата на престижната марка на General Motors.

Голем дел од американските модели користат иста техника со европските

Разликата од претходните обиди е во тоа што освен дизајнот што е поблизок до европскиот вкус и носи поумерена американска нота, овие модели располагаат и со техника којашто не заостанува зад техниката на европските марки. За компонентите од подвозјето, менувачите и многубројните модули во автомобилите, американската тројка ја користи напредната технологија од глобалните добавувачи на автомобилската индустрија, односно во нејзините модели се наоѓа истата техника како во Volkswagen или Renault.

На салонот во Њујорк доживеа премиера новиот крстосувач CT6, како конкурент на серијата 7 на BMW и Audi A8
На салонот во Њујорк доживеа премиера новиот крстосувач CT6, како конкурент на серијата 7 на BMW и Audi A8

Оттаму, воопшто не изненадува тоа што идните модели на Cadillac повеќе нема да возат со големи мотори V8, туку ќе бидат достапни со најмодерни „даунсајзинг“ мотори, со турбонатполнење и директно впрскување на горивото. Врвната моделска изведба на Cadillac CT6 ќе користи бензински V6 со двојно турбонатполнење и 400 КС. Осумцилиндарци воопшто нема да се нудат. Основата на понудата ќе ја сочинува моделот со четирицилиндарец со турбонатполнење и 265 КС. Во сите варијанти може да се добијат најмодерни системи за асистенција, исто како и погон на сите тркала. До пред неколку години тоа беше незамисливо.

„Американците“ се наоѓаат на исто рамниште со европските модели и во поглед на дотерувањето на подвозјето и на работата на безбедносните системи. Строгите прописи за потрошувачката на гориво и за безбедноста се грижат моделите на Buick, Chevrolet, Ford и Chrysler да се приближат и во тој поглед до европските модели на BMW, Audi или Volvo.

Под влијание на европската технолошка авангарда се променија и пикапите

Знаците на глобализацијата се покажуваат дури и кај огромните пикапи, како Ford F-150, Chevrolet Silverado или Dodge Ram. Пикапот на Ford, којшто полни три децении е најпродавано возило воопшто на пазарот во САД и еден од најпродаваните модели во светот, во новата генерација ослабна значително со преоѓањето на алуминиум за поголемиот дел од каросеријата. Така, новиот F-150 тежи дури 300 килограми помалку од претходникот и троши помалку од десет литри бензин со 2,7-литарскиот V6 со 325 КС, којшто се очекува да биде најпродаван мотор во пикапот.

Во целиот овој тренд на интензивна глобализација, една работа не се промени. Големата тројка од Детроит уште не помислува да реагира со дизелски мотори, коишто во Европа уживаат популарност поголема од каде било во светот. Но, кога ќе се земе во предвид дека бензинците со турбонатполнење трошат сé помалку и трендот на хибридите со надворешно полнење на батериите продолжува незапирливо, тешко дека нешто ќе се промени во поглед на масовното воведување на дизел моторите во американските автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Aston Martin подготвува конкурентски модел на Tesla

Германскиот министер за сообраќај тестираше „самовозечки“ Audi