за

Американскиот напад врз Volkswagen носи проблеми и за добавувачите

Колку се далекусежни последиците од американската афера Дизелгејт веќе се покажува и во добавувачката индустрија. Деловите за возила стојат во магацин, автопроизводителите немаат обврска да платат.

Само неколку денови минаа додека првите последици од нападот на американските автомобилски власти врз Vоlkswagen се покажат и кај добавувачите на компоненти за производителите на автомобили. Еден од првите погодени добавувачи е германскиот Mann + Hummel, кој ги произведуваше специјалните филтри за гориво и за воздух за погодените дизел мотори на Volkswagen. Големи произведени серии од овие делови сега чекаат во магацините.

Меѓу добавувачите и производителите на автомобили постојат строги договори. Доколку производителот нема потреба од нарачаните делови, не мора да плати за истите. Простор за преговори постои само за веќе произведени делови и за уште неиспорачани делови. Во тој случај, обично може да се преговара за компензациска испорака на делови за други возила. Mann + Hummel веќе ги скусува работните места и во неизвесност е како понатаму ќе се одвива испораката на делови.

Преку 200 компании во светот зависат директно од Volkswagen

Volkswagen исто така ја скуси продукцијата во одделни фабрики (Залцгитер во Германија, Пуебла во Мексико и Полковице во Полска) и ги укина дополителните саботни смени. Сето тоа се рефлектира и врз добавувачите. Според финансиските специјалисти од „Блумберг“, над 200 претпријатија на глобално ниво се зависни од Volkswagen, преку директни зделки со најголемиот производител на автомобили во Европа.

Во добавувачката индустрија, генерално, уште не владее паника. Производителот на заптивки ElringKlinger продолжува нормално со работата, исто како и најголемиот светски добавувач Bosch, чиј што софтвер е користен за контролата на манипулираните дизел мотори на Volkswagen. Овој контролен модул, со неопходните преправки, може да им се испорачува на другите производители на возила. Специјалистот за издувни системи Eberspächer, кој до 2014 година ги испорачуваше деловите за погодениот дизел на Volkswagen, исто така не дава изјави во врска со реперкусиите на Дизелгејт врз добавувачката бранша.

Голема шанса за добавувачите на компоненти во издувниот систем на возилата

Некои фирми би можеле дури и да профитираат од најавените сервисни повици на марките на коцнернот Volkswagen. Добавувачите на компоненти во подрачјето на издувните гасови во среднорочен период ќе можат да профитираат од тоа што производителите повеќе ќе внимаваат на намалувањето на штетната емисија во реални услови на возење.

Уште постојат неизвесности и околу индиректните реперкусии врз останатите производители на автомобили. Пазарните аналитичари предвидуваат дека продажбата на концернот Volkswagen ќе забележи пад меѓу еден и четири проценти, додека Mercedes и BMW ќе го зголемат својот пазарен удел на сметка на Audi.

Добавувачката индустрија ќе издржи удар од само еден концерн, но што ако следи уште еден или повеќе?

Најмногу ќе бидат погодени оние производители што се зависни од Volkswagen и од дизел технологијата. Тоа особено се однесува на фирмите што преку 30 проценти од своите делови ги испорачуваат на само еден концерн. Гигантите Bosch и Continental, коишто се вбројуваат меѓу водечките добавувачи и испорачуваат за сите производители на автомобили на глобално ниво, не мораат да стравуваат дека кризата во Волфсбург ќе се рефлектира врз нивниот бизнис.

Но, сосема е извесно дека приказната околу лажирањето на издувните гасови нема да заврши само на Volkswagen. Добавувачката бранша во моментов може да го издржи ударот од Volkswagen, но уште не се знае кој производител ќе биде ставен следен на тапет за манипулација со емисијата на штетни материи.

Најголеми 10 добавувачи за автоиндустријата во 2014 година

Според остварениот профит

Добавувач Профит во милијарди евра во 2014 година
Continental 34,5
Bosch 33,3
Magna 30,1
Denso 29,1
Hyundai Mobis 27,1
Bridgestone / Firestone 25,2
Johnson Controls 23,2
Aisin 20,0
Michelin 19,5
Faurecia 18,8

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo ја презема одговорноста при незгода со автономно возило

Volkswagen гарантира инвестиција од 4 милијарди евра во шпанските фабрики