за ,

Ако мора да биде комби, нека биде Volvo

Шведската марка се подготвува за премиера на комби изведбата од новиот S90 во Женева. Во ова време на спортски теренци и кросовери, комби моделите се заборавени. Volvo сепак не се откажува од овој дел од традицијата.

Кога новиот Volvo V90 ќе се појави под рефлекторите на салонот во Женева во март, зад него ќе стојат 60 години традиција на шведската марка во производство на комби модели. Само малку компании можат да се пофалат со педигрето на Volvo во дизајнирањето и производството на семејни комби модели. На 18-ти февруари, во Стокхолм ќе се одржи претпремиерата на V90, комбито на база на новата лимузина S90, пред официјалното деби на салонот во Женева.

Volvo PV 445 Duett
Volvo PV 445 Duett

Историјата на овие практични возила почнува пред повеќе 60 години, кога Volvo го лансираше Duett, како прв автомобил што понуди спој на секојдневна практичност и можност за примена во професионални цели. Оттогаш се продадоа над 6 милиони модели со комби каросерија, што значи дека секој трет автомобил од основањето на компанијата во 1927 година, бил комби модел. Според тоа, Volvo е вистинскиот специјалист кога станува збор за оваа форма на каросерија.

Во меѓувреме шведската марка го надгради имиџот со издржливи спортски теренци, со напредна безбедност и примена на последните технолошки иновации, но комбито и натаму останува дел од традицијата за негување. Volvo V90 ја користи истата платформа SPA како неодамна претставените XC90 и S90, којашто овозможува голема слобода во изведувањето разни каросериски изведби и флексибилност во погонската спрега.

Во продолжение е кусиот историски преглед на комби-моделите во историјата на Volvo.

Volvo Duett

Претставен во 1953 година, Duett прерасна во еден од најпопуларните модели и прв стартуваше со извоз на пазарот во САД. Во 1997 година, тој беше почестен и со поштенска марка со неговата слика.

Volvo Duett
Volvo Duett

Volvo Amazon

Во 1962 година следеше наследникот Amazon, под официјалната ознака Volvo 221. Тој имаше поелегантна и попретставителна појава од Duett, кој беше изведен од доставно возило, па соодветно на тоа имаше и повеќе простор за товар. Швеѓаните понудија и спортска изведба S со моќност од 115 КС, што беше мошне солидна вредност во 1960-те. Задниот капак беше дводелен. Volvo го примени ова решение и по 40 години, кај првиот XC90.

Volvo 221 Amazon
Volvo 221 Amazon

Volvo 1800 ES

Изведено од спортското купе 1800, комбито 1800 ES за Британците беше „Shooting Brake“, како поим за спортско комби со повеќе простор за спортска или ловечка опрема во багажникот, наспроти класичните купеа. Моделот се појави есента во 1971 година, со огромно задно стакло како заден капак, без рамка околу него. Шарките беа прицврстени директно на стаклото и тоа беше вистински спектакл во раните 1970-ти. Со продукција од само 8.000 примероци, спортското комби е еден од најпосакуваните и најценети модели кај колекционерите и љубителите на Volvo. Швеѓаните го искористија стилот на 1800 ES за концептниот модел што го прикажаа на салонот во Женева во 2014 година, како предводник на новата генерација комби модели на марката.

Volvo 1800 ES
Volvo 1800 ES

Volvo 245

Моделот од 1974 година е еден од најголемите носители на имиџот на Volvo, кој се произведуваше близу две децении, до 1993 година. Volvo го понуди и ексклузивниот модел 265, со мотор V6. Во 1980-те следеше 245 Turbo, како прв комби модел во светот со турбонатполнење.

Volvo 245 Turbo
Volvo 245 Turbo

Volvo 960

Последен модел со заден погон, како еволуција на серијата 700 од 1980-те години. Луксузниот модел се појави во 1990, со заоблени рабови на каросеријата и со комплетно нова генерација мотори со 6 цилиндри. Во 1996 година името беше променето во V90, коешто Volvo повторно ќе го користи по точно 20 години. Познавачите го ценат овој модел како најелегантно комби во историјата на марката.

Volvo 960
Volvo 960

Volvo 850 T5-R

Со дречлива жолта боја, 240 КС и забрзување до 100 за 6,9 секунди, Volvo 850 T5-R беше комби какво што светот не познаваше дотогаш. Понуден во ограничена серија на база на Volvo 850 од 1994 година, T5-R е неизбежно парче во колекцијата на ентузијастите. Volvo 850 се појавуваше и на тркачките патеки и во 1994 година ја декласираше конкуренцијата појавувајќи се во британскиот шампионат за туристички автомобили како прв комби модел.

Volvo 850 T5-R
Volvo 850 T5-R

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Niro ја стартува офанзивата на хибридни модели на Kia

„Електролитскиот“ Quantino доби дозвола за тестирање