за

Авто-трилинг: Кога три марки го нудат истиот автомобил

Од јапонско-француското трио само Toyota Aygo се нуди на нашиот пазар

На пазарот има многу случаи кога еден ист автомобил се продава под различни марки. Ова се само пет актуелни примери на трилинзи кај автомобилските марки.

Кога производителите на автомобили сакаат да заштедат при развојот на некој нов модел, постои можност да се повика партнер на помош. Заедничките модели се појавуваат во салоните со мали разлики во изгледот на каросеријата, но со идентична техника. Дури е можно и воопшто да не се менуваат каросеријата или ентериерот, туку само да се залепи друго лого. Тоа се нарекува беџ-инженеринг и денес се применува само во исклучителни случаи. Но, постојат и случаи кога соработуваат три партнера. Во продолжение се пет примери за тоа.

Впечатливиот успех на првата генерација ја наведе Toyota да ја продолжи соработката со Citroen и Peugeot во класата на малечките автомобили. Годинава стартуваше втората генерација на триото Aygo/C1/108. Сите три марки применуваат различен пристап во стилизирањетона каросеријата. Aygo e најрадикален, Citroen во намера да внесе препознатливост се реши за стил на детска играчка, а Peugeot за сериозен настап којшто изгледа тотално депласирано кај автомобил од класата. Без оглед на изгледот, техниката секогаш е иста. Каросеријата е долга 3,46 метри и достапна е во изведби со три и со пет врати. Моментно на нашиот пазар се нуди само Toyota Aygo, Французите уште не се воведени во понудата.

По истиот пример воспостави тројна соработка и концернот Volkswagen, но интерно меѓу своите марки, место однадвор да повикува партнер на помош. Volkswagen Up, Skoda Citigo и Seat Mii со должина од по 3,54 метри не само што имаат идентична конструкција, туку и изгледаат слично. Разликите во цената се раководат според хиерархијата на марките во концернот, односно Volkswagen е најскап во триото, Skoda е најевтина.

Разликите се движат во исти граници и кај триото чијшто носител е веќе подзастарениот Mitsubishi ASX. Со мали промени во изгледот на каросеријата се нудат Peugeot 4008 и Citroen C4 Aircross, коишто само малкумина ги имаат видено – овие француски модели досега не се понудени на нашиот пазар.

Во сегментот на доставните возила исто така не се непознати трилинзите. Од соработката на Renault со Opel произлегуваат Trafic и Vivaro, а сега им се придружи и партнерот на Французите Nissan, со Primastar. Овие транспортери се разликуваат минимално во изгледот, но затоа има повеќе отстапувања во опремата и во цените. Францускиот концерн PSA Peugeot Citroen има уште една соработка со трет партнер – уште од 1980 година трае заедничкиот развој на доставни возила со Fiat. Од оваа соработка произлегуваат Citroen Jumper, Peugeot Boxer и Fiat Ducato. Тројките се речиси стандард кај доставните возила. Уште еден пример за тоа е триото Fiat Cubo, Citroen Nemo и Peugeot Bipper.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сензационална збирка олдтајмери откриена во плевна во Франција

Еден милион примероци од Golf Sportsvan