за

Авто-мондијалот во Париз во знак на теренците

Подготовките за новата генерација на Suzuki Vitara се веќе во тек. Со атрактивна цена од 15.000 евра за стартниот модел, во регионов се веќе нарачани 900 примероци од компактниот јапонски теренец

Најголемиот дел од премиерите што се закажани за салонот во Париз им припаѓаат на теренските возила. Во големата фото-галерија ви ги прикажуваме сите модели што за првпат ќе се појават пред јавноста во француската престолнина.

Овогодишниот салон во Париз несомнено ќе мине во знакот на теренските возила и кросоверите, ако се има во предвид многубројноста на најавените премиери покрај Сена. Долгиот список го почнуваме од A и од Audi. Баварците неодамна ја освежија својата гама на модели во семејството на А6, а во него спаѓа и A6 allroad quattro, кој премиерно ќе се појави пред публиката во Париз. Вторите Баварци, BMW, пристигаат со новата генерација на луксузниот купе-теренец X6, чија што продажба ќе стартува кон крајот на годината со мотори со моќност од 258 КС па нагоре. Една класа подолу, а тоа значи и една класа подостапен за купувачите е американскиот Ford Edge – големиот брат на Kuga за прв пат ќе се продава во Европа.

Италијанците додаваат модел во семејството на „500“. Fiat 500X ја дели платформата со новиот Jeep Renegade и ќе донесе големо освежување во класата на малечките, особено со стилот. Honda има нова верзија на CR-V, официјално најпродаваниот спортски теренец во светот за оваа година. Моделско деби на штандот на Јапонците ќе има и малиот брат на CR-V, европската верзија на кросоверот што веќе една година се продава во Јапонија под името Vezel. Со овој модел се враќа и ознаката HR-V, но новакот не го следи необичниот изглед на својот претходник, туку се поставува како смалена верзија на CR-V.

Hyundai ix25 докажува дека и Корејците сакаат да загризаат големо парче од пазарниот колач на компактните теренци, додека посестринската марка Kia ќе настапи со третата генерација на Sorento, со спортски изглед и нагласен впечаток за премиум квалитет во кабината. Истиот правец го следат и Британците, со новиот Land Rover Discovery Sport. Новиот Disco доаѓа како замена на Freelander и воедно го прикажува новиот дизајнерски правец на специјалистот за теренци од островот. Тие нема да пропуштат да го прикажат на салонот и својот „коњ за трка“, Range Rover Sport SVR со 550 КС.

Европска премиера ќе има и првиот компактен теренец на Lexus, врз платформа на лимузината IS. Продажбата на смело дизајнираниот NX почнува во октомври, отсуството на дизелски мотор по традиција се надоместува со модел со хибриден погон. Lexus за прв пат во историјата ќе вградува и бензински мотор со турбонатполнење во NX. Колку навистина може да биде спортски еден теренец покажува фејслифтот на Porsche Cayenne. Швабите исто така нудат модел со хибриден погон во гамата на својот голем теренец.

Додека се чека премиерата на најавениот компактен кросовер, Шпанците ги услужуваат клиентите на возила со погон на сите тркала и зголемена теренска проодност со кросовер верзијата Leon X-Perience. Салонот во Париз е мошне важен и за една јапонска марка, и тоа не која било, туку за марката што со првата генерација на Vitara ги постави темелите на спортските теренци. Suzuki доаѓа на салонот со новата Vitara, за која што се најавуваат мошне атрактивни цени – конкретно околу 15.000 евра за стартниот модел – и во којашто трговците веќе го препознаваат идниот хит во класата. Неофицијално, околу 900 примероци од новата Vitara се веќе нарачани во нашиов потесен регион, пред почетокот на продажбата во февруари.

SsangYong пред неколку години привлече големо внимание со изгледот на новиот Korando и веќе најавува нова дизајнерска пресвртница, со двата студиски автомобила што го најавуваат идниот компактен кросовер. Купувачите на сериските верзии на XIV-Air и XIV-Adventure ќе имаат избор на 1,6-литарски бензинец или 1,6-литарски дизел. Светска премиера во Париз ќе доживее и бурно најавуваната нова генерација на Volvo XC90, со нов дизајн, нови мотори и изобилство од иновативна технологија. Почетната серија од 1.927 примероци, во чест на годината на основање на шведската марка, се распродаде за само 47 часови преку интернет. Два новитета ќе може да се погледнат и на штандот на Volkswagen. Едниот е фејслифтот на големиот теренец Touareg, а вториот е Golf Variant, кој по пример на Seat Leon X-Perience се нуди во верзија со зголемено растојание од подлогата и елементи од кросовер во дизајнот, под моделското име Alltrack.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Стартуваше производството на новата Mazda2 во Тајланд

Изложба на 16 тајни проекти во музејот на Porsche