за

Јубилеј на бестселерот на Škoda: Дваесет години од првата Octavia

Првиот примерок од Škoda Octavia излезе од фабриката во Млада Болеслав пред точно две децении. Отогаш се произведени над пет милиони примероци. Не постои модел на Škoda што има достигнато поголема продукција од Octavia.

Пред дваесет годони, на 3-ти септември 1996 година, поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел го означи почетокот на работата на новата фабрика на Škoda во традиционалното седиште на марката во Млада Болеслав. Во следните две децении, Škoda Octavia прерасна во светски бестселер и до денес е најпродаван модел на чешката марка.

Во февруари 1995 година во Млада Болеслав беше поставен камен темелникот на новите погони во коишто производството на Škoda Octavia требаше да започне 18 месеци подоцна. За новата моделска серија беше изградена модерна хала со површина од 32.000 метри квадратни, заедно со управна зграда со површина од 2.500 метри квадратни и придружна инфраструктура од вкупно 3.000 метри квадратни. Во март беше готова лакирницата, со дневен капацитет за 1.800 примероци од моделите Škoda Felicia и Octavia.

„Прекрасно би било доколку сите фабрики изгледаат како оваа“

Претседателот Вацлав Хавел ја пушти новата фабрика во погон на 3-ти септември 1996 година, со што беше обележан стартот на сериското производство на Škoda Octavia. Претседателот на Република Чешка по тој повод изјави: „Фабриката е прекрасна, модерна, навистина е убава. Би било прекрасно доколку сите фабрики изгледаат како оваа.“

Развојот на новиот модел започна во 1992 година, околу една година по пристапувањето на Škoda во групацијата Volkswagen. Octavia користеше платформа од концернот, којашто беше меѓу најнапредните во тоа време. Со мудро осмислениот каросериски концепт на комбилимузина, Octavia се издвојуваше со практичноста. Огромниот капак отвораше пристап до багажник од 528 литри, односно максимално 1.328 литри со соборена клупа.

Производство и во Кина, Индија, Русија и Казахстан за бестселерот на Škoda

Купувачите имаа избор од два бензини и еден турбодизел. Во мај 1998 година се придружи и Octavia Combi, коајшто една година подоцна беше достапна и во верзија со погон на сите тркала. Последниот примерок од првата генерација беше произведен во ноември 2010 година, кога продукцијата достигна 970.000 комбилимузини и 470.000 комби изведби од Octavia.

Втората генерација го продолжи успехот на претходникот, со 1,6 милиони примероци од Octavia и 900.000 примероци од Octavia Combi произведени меѓу 2004 и 2013 година. Во ноември 2012 година следеше почетокот на производството на третата генерација. Бестселерот на Škoda денес е подеднакво популарен и како приватно и како службено возило, во големите возни паркови. Откако првиот примерок излезе од погоните на 3-ти септември, за овие дваесет години се произведоа над пет милиони примероци од Octavia. Моделот денес се произведува и во Кина, Индија, Русија и Казахстан.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-AMG GLC 43 Coupé ја извлекува целосната динамика од креацијата на македонскиот дизајнер

Samsung гради трета фабрика за батерии за електрични автомобили