FeaturedFeaturedЕкологијаТемиТеми

Што ако имавме почисти автомобили место барокни згради?

Во време кога Македонија штотуку почнува да ја осознава катаклизмичната загаденост на воздухот, се наметнуваат прашања дали истата можеби ќе беше избегната доколку државата имаше одговорен и компетентен пристап во раководењето со возниот парк? Направивме едноставна „еко-математика“: Доколку 560 милиони евра, колку што чини проектот Скопје 2014, беа прераспределени во субвенција во висина од 3.500 евра за нови автомобили, сумата ќе се искористеше за 160.000 возила. Со почисти возила, атмосферата ќе беше поштедена од близу три илјади тони јаглероден моноксид, или уште поважно, од 224 тони суспендирани честички – на годишно ниво!

Почнува прочистувањето на македонскиот воздух, или поточно, обидот за негово прочистување. Конечно. За поздравување е потегот на скопскиот градоначалник да го избере градскиот превоз за патување до работното место. Без разлика дали и колку господинот Трајановски ќе го практикува јавниот превоз во иднина, граѓаните се тие што треба да го преземат истиот чекор и да го следат примерот. Градскиот превоз е придобивка на урбаното живеење и неговото користење е „нормалност“ во секоја урбана средина низ светот – освен во Скопје, кадешто истиот и натаму се потценува од граѓаните.

Повеќе културен проблем отколку „функционален“ проблем

Можеби токму помасовното користење на јавниот превоз е најефикасната мерка за брзо и трајно надминување на проблемот со аерозагаденоста. Повеќе културен, отколку функционален проблем: Не мора да се бара паркинг, сопствениот автомобил се поштедува од штетниот режим на работа на моторот на „незагреано“, борбата со сообраќајниот метеж му е препуштена на друг – и може вистински да се ужива во глетката на градот, место да се зјапа во издувните цевки.

Повторно, можеби, првичните мерки што ги презеде Скопје за соочување со катаклизмичната аерозагаденост нема да го постигнат очекуваниот ефект, но важно е што процесот е отпочнат. Необично е што токму сега успеваме да ја осознаеме еколошката свест.

Што ако 560 милиони евра се искористеа за субвенција за 160.000 нови возила?

Тоа што се наметна како прашање во редакцијата: Велелепниот проект Скопје 2014 во когошто секојдневно уживаат граѓаните и многубројните посетители на македонската престолнина, според процените на БИРН чини околу 560 милиони евра – што ако оваа грдна сума пари од народот беше искористена за субвенционирање на набавка на нови, еколошки автомобили?

Во времето кога Македонија ги спушти сите рампи за еколошка категоризација на возилата, земјите во ЕУ користеа субвенции, токму со цел да ја избегнат катастрофата и да го подигнат возниот парк на построга еколошка категорија. Некој ќе реагира: Голем број градови низ Европа и денес се соочуваат со лош квалитет на воздухот! Точно, но тие го активираат алармот при многу пониска концентрација на штетни честички, десетпати пониска од вредностите што ние ги имаме во последниве денови. Нејсе.

Нова Opel Corsa или неколку годишна Astra место 15-годишна „петка“

Нашата „еко-математика“: Доколку купувањето нов автомобил се субвенционираше во висина од 3.500 евра, сумата од 560 милиони евра ќе можеше да се искористи за 160.000 возила. Нови и еколошки возила од нормална класа, место стари автомобили што својот експлоатациски век го започнале некогаш одамна како возила од премиум класата. Нова Opel Corsa или само неколку години стара Astra, место петнаесетина години стара BMW „петка“ или Audi „шестка“.

Едноставна споредба на граничните вредности на емисија на штетни материи според различни квалитети на „еуро-нормите“ покажа дека поодговорниот и еколошки посовесен пристап во политиката на возниот парк можеше да нé поштеди од 2.752 тони јаглероден моноксид или 224 тони од најзагрижувачкиот „штетник“, суспендираните честички. Тоа е количината што секоја година се ослободува во нашиот воздух, поради отсуството на еколошката категорија во перцепирањето на автомобилите. Не е помалку застражувачка и вредноста за над 700 тони азотни оксиди на годишно ниво.

Колку ќе ја поштедевме животната средина од загадување доколку применувавме построги еколошки норми за автомобилите?

  Норма Euro 1

(за дизел мотор)

Норма Euro 4

(бензински мотор)

Разлика Намалување на емисијата на штетни материи по автомобил, за 10.000 километри годишно Намалување на емисијата на штетни материи од 160.000 автомобили, за 10.000 километри годишно
Важност за нови возила Од 1-ви јануари 1993 Од 1-ви јануари 2005      
СО 2.720 mg/km 1.000 mg/km 1.720 mg/km 17,2 kg 2.752 t
(HC + NOx) 970 mg/km 100 + 80 mg/km 790 mg/km 7,9 kg 1.264 t
NOx – (>500) mg/km 60 mg/km 440 mg/km 4,4 kg 704 t
PM 140 mg/km 140 mg/km 1,4 kg    224 t

За споредбата користевме автомобил со дизел мотор според нормата Euro 1, важечка во раните 1990-ти години, од кога и потекнуваат повеќето „петки“ и „шестки“, и автомобил со бензински мотор, според нормата Euro 5, со важност од 2005 година.

Разликата во строгоста на нормите е запрепастувачка: Дизел мотор од 1990-те години има трипати повисока емисија на јаглероден моноксид отколку бензинец од средината на 2000-те години, но и неспоредливо повисока емисија на азотни оксиди, чијашто количина воопшто не се ограничува според Euro 1. За споредба, првиот лимит на оваа емисија го поставува Euro 2, со гранична вредност од 500 милиграми на километар. Во пресметката му прогледавме низ прсти на дизелот и зедовме дека неговата емисија на штетни азотни оксиди е во рамките на Euro 2.

Лимитот на PM според Euro 1 е 140 mg/km, според Euro 6 само 4,5 mg/km!

Дизел моторите се главните виновници за емисијата на суспендирани честички или „PM“ од сообраќајот. Во 1993 година, нормата Euro 1 ја ограничува емисијата на овие честички на 140 милиграми на километар. Кај бензинските мотори отсуствуваат овие канцерогени честички, што доколку доспеат, остануваат трајно заробени во човечкото тело, како иницијална каписла. Како ориентација, актуелната норма Euro 6 ја ограничува емисијата на PM на 4,5 милиграми на километар!

Секое возило со дизел мотор испушта најмалку 1,4 килограм од овие честички за една година, при просекот од 10.000 километри. Некој ќе оцени дека тоа е незначително. Но, сто и шеесет илјади дизели според Euro 1, ја загадуваат животната средина со 224 тони PM! Од азотните оксиди, поради коишто еколошките власти во САД подигнаа врева откако утврдија дека дизел-моторите во реални услови на возење имаат неколкупати повисока емисија отколку вредноста што ја пријавуваат производителите, во нашиот воздух секоја година доспеваат 704 тони.

Што точно значат овие вредности за животната средина, можеби ќе одговорат еколозите.

Ознаки
loading...

Слични објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Откриен е Adblock

Ќе ни помогнете доколку ја исклучите вашиата блокада за реклами