за

Шефот на Tesla ги советува инвеститорите да си купат акции во Ford

Разгневен од критиките на дел од акционерите, шефот на Tesla им препорача дека е подобро да си купат акции во Ford. Инвеститорите сакаат да го ограничат влијанието на Маск и да постават два независни члена во управниот совет на компанијата.

Крајно необично е кога шеф на производител на автомобили ќе препорача купување на возила или акции кај конкурентските компании. Илон Маск, првиот човек во калифорнискиот електро-специјалист Tesla, преку твитер им порача на дел од акционерите во компанијата да си купат акции во Ford. Повод за тоа е критиката од група влијателни акционери во Tesla, коишто сакаат да го ограничат влијанието на Маск. Тие бараат во управниот совет да се постават два независни члена, коишто нема да се професионално или персонално поврзани со Маск. Овие два члена ќе се избираат одново секоја година. Независниот управен совет ќе има улога да воспоставува баланс со шефот на компанијата. Во инвеститорската група меѓу останатите спаѓаат пензионерските фондови на градот Њујорк, на калифорниските учители и на сојузната држава Конектикат.

Во управниот совет на Tesla моментно членуваат Кимбал Маск, брат на Илон, како и Бред Бас, финансиски шеф на производителот на соларни инсталации Solar City, којшто лани беше преземен од Tesla. Инвеститорите сметаат дека пет од седумте членови во советот имаат тесни врски со Маск. Компанијата Ford е под контрола на семејството Форд, и тоа е можно, затоа што таму постојат два вида акции.

Маск објави на твитер дека Tesla наскоро ќе го исполни ветувањето и ќе назначи повеќе независни членови во гремиумот, а воедно нагласи дека чекорот не следува како реакција од критиките. Пред десетина денови Tesla се најде на насловните страници откако берзанската вредност на претпријатието извесно време ја надмина вредноста на General Motors, како највредна автомобилска компанија во САД. Кон крајот на годинава се очекува стартот на продажбата на новиот Model 3, којшто со цената од 35.000 долари ќе предизвика масовен бран на електричните автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Осумгодишник ја позајмил колата на татка си до сендвичара

Напредокот си зеде починка за годинашниот салон во Њујорк