за

Четирицилиндарец за Jaguar F-Type

Два литри зафатнина и четири цилиндри се доволни за 300 КС и спринт за 5,7 секунди во новата моделска изведба на Jaguar F-Type. Заслугата е во турбонатполнењето. Добрата вест е што моторите V6 и V8 остануваат во понуда, уште подобра вест е тоа што дволитарецот го олеснува купето за повеќе од 50 килограми – од тоа профитираат и возните својства.

Нова основна изведба пристига во гамата на F-Type. Под хаубата работи најмоќната изведба од дволитарскиот мотор од генерацијата Ingenium, со турбонатполнење и 300 КС. Со четириесет коњски сили помалку од досегашниот основен модел со V6 и механички компресор, новата моделска изведба испорачува перформанси какви што се очекуваат од купето со целосно алуминиумска каросерија: Спринт до сто за 5,7 секунди и крајна брзина од 250 километри на час.

Поевтин, поштедлив и за 52 килограми полесен

Покрај тоа што новата основна изведба го прави купето подостапно и поштедливо, со 52 килограми помалку се овозможува уште поголема агилност во свијоци во споредба со верзиите на F-Type со поголемите мотори. Нормално е тоа што со 300 КС ова е најсилниот четирицилиндарец во историјата на Jaguar, но и мотор што постигнува највисока специфична моќност од сите мотори во гамата на марката со дивата мачка – 150 КС на литар зафатнина. На тоа се надоврзуваат 400 њутнметри почнувајќи од 1.500 вртежи, коишто преку осумстепениот менувач со двојна спојка се испорачуваат до задната оска. Во споредба со моделот со V6 со 340 КС, дволитарскиот F-Type е поштедлив за 16 проценти.

Jaguar F-Type 2.0 300 PS

Секако дека тристоте коњски сили не произлегуваат „случајно“. Во главата работи целосно варијабилна електрохидраулична контрола на отворањето на вшмукувачките вентили, за оптимална моќност, вртежен момент и ефикасност во целото работно подрачје. Самиот турбополнач користи лежишта со керамички топчиња, со цел триењето да се сведе на минимум. Горивото се впрскува под притисок од 200 бари во централно поставени инјектори, со што се постигнува правилно распрскување и согорување, а со тоа и врвна ефикасност и чист издув.

Jaguar F-Type 2.0 300 PS

Соодветно на тежината намалена за 52 килограми, од што најголемиот дел отпаѓа на моторот, преработени се и параметрите на подвозјето, со цел да се извлече поостра управливост, а секако дека и комфорот во возење ги користи придобивките од пониската тежина. Jaguar ветува и дека типичниот агресивен звук на верзиите со V6 и V8 во дел е задржан и кај четирицилиндарецот, со активна клапна во основното ниво на F-Type, односно со копче за „разгласување“ во нивото R-Dynamic.

Jaguar F-Type 2.0 300 PS

Дволитарската верзија пристига заедно со освежувањето за целата моделска гама на F-Type, коешто донесува редизајнирани браници, опција за диодни светла, олеснети седишта, нов инфо-забавен систем, внатрешен ретровизор без рамка и неколку украсни детали со хромиран или алуминиумски финиш. Со почит кон посилните модели, F-Type 2.0 има само една издувна цевка, место две средишни или четири издувни цевки кај моделите со мотор V6, односно V8. Бандажите од 18 инчи исто така имаат различен дизајн.

Комплетната моделска гама на Jaguar F-Type:

F-TYPE Coupé и Convertible:

  • 300 КС 2.0-литарски четирицилиндарец; Quickshift RWD
  • 340 КС 3.0-литарски V6; Quickshift RWD/ мануелен менувач RWD
  • 380 КС 3.0-литарски V6; Quickshift; RWD/ AWD, мануелен менувач RWD

F-TYPE R-Dynamic Coupé и Convertible:

  • 300 КС 2.0-литарски четирицилиндарец; Quickshift RWD
  • 340 КС 3.0-литарски V6; Quickshift RWD/ мануелен менувач RWD
  • 380 КС 3.0-литарски V6; Quickshift; RWD/ AWD, мануелен менувач RWD

F-TYPE 400 SPORT Coupé и Convertible:

  • 400 КС 3.0-литарски V6; Quickshift RWD/ AWD

F-TYPE R Coupé и Convertible:

  • 550 КС 5.0-литарски V8; Quickshift AWD

F-TYPE SVR Coupé и Convertible:

  • 575 КС 5.0-литарски V8; Quickshift AWD

Технички податоци · Jaguar F-TYPE 300 КС Coupé

Jaguar F-Type 2.0 300 PS

Мотор и пренос 1997 ccm, четири цилиндри, четири вентили по цилиндар, варијабилна контрола на обете брегасти вратила, електрохидраулична контрола на одот на вшмукувачките вентили, пречник и од 83.0 х 92.4 mm, компресија 9.5:1, директно впрскување под 200 бари, турбонатполнење, моќност 300 КС при 5500/min, вртежен момент 400 Nm при 1.500-4.500/min, пренос 8-степен менувач со двојна спојка Подвозје Две триаголни водилки напред и назад, двоклипни сопирачки клешти напред, вентлирани дискови 355 mm, едноклипни сопирачки клешти назад, дискови 325 mm, електромеханичко сервоуправување со запчеста летва Димензии 4,482 х 1,923 х 1,310 mm, меѓуоскино растојание 2,622 mm, ширина на трага напред / назад 1,597/ 1,649 mm, тежина 1,525 kg, багажник 310/408 литри, резервоар 63 литри Перформанси 0-100km/h за 5.7 s, крајна брзина 249 km/h, просечна потрошувачка 7.2 L/100 km, емисија на СО2 163 g/km Цена во Велика Британија 49.900 фунти

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест на летни гуми на клубот АДАК: Димензија 195/65 R15

Тест на летни гуми на клубот АДАК: Димензија 215/65 R16 H