137
18 shares, 137 points

Хибридниот теренец на Mitsubishi троши само 1,9 литар на сто километри и може да совлада 52 километри без да потроши грам гориво. Уште една добра вест: Хибридот е само 10% поскап од моделот со конвенционален погон.

Тоа што хибридната верзија на Outlander се разликува од неговиот брат со обичен погон само по вториот капак за резервоар од задната десна страна и по дополнителните натписи на каросеријата укажува дека уште во развојот на возилото било размислувано за верзијата со две срца – поточно, три срца. Истото се однесува и на ентериерот, каде што разликата се сведува на замената на бројачот на вртежи со „мерач на сила“, како и на двете дополнителни копчиња во средишната конзола.

Мерач на сила место бројач на вртежи
Мерач на сила место бројач на вртежи

Хибридната верзија е планирана уште од стартот на развојот на Outlander

Останатите две разлики може да се дознаат само со ленир. Подот пред задната клупа е повисок за 45 милиметри од стандардната верзија, додека кај подот на багажникот плусот изнесува 19 милиметри. Причината за тоа е добивање повеќе простор за батериите под подот. Разликата во големината на багажникот сепак е занемарлива, со 14 литри помалку кај хибридниот Outlander. По соборувањето на клупата се добива рамен под исто како кај стандардниот модел. Инженерите на Mitsubishi соодветно го дотераа и подвозјето и поставија дополнителна звучна изолација со цел да се постигне ниво на бучност како кај електричен погон.

Багажникот е само 14 литри помал отколку во класичниот модел
Багажникот е само 14 литри помал отколку во класичниот модел

Три срца: Бензинец и два електромотора за вкупно 203 КС

Outlander PHEV, при што кратенката доаѓа од Plug-in Hybrid Electric Vehicle, односно нешто блиску до хибриден автомобил со надворешно полнење на батериите, поседува три мотори. Напред и назад работат два електромотора со по 82 КС, но предниот со вртежен момент од 137, а задниот 195 њутнметри. Триото го комплетира дволитaрски бензинец со 129 КС. Бидејќи двата електромотора ја делат работата при постојаниот погон на сите тркала, електрифицираниот Outlander постигнува системска моќност од 203 КС. Најсилниот модел во гамата не е најбрз во крајната брзина, но затоа е најбрз при спринт до темпо 100 и при забрзување од 120 до 140 километри на час.

Разумен приказ за случувањата под подот
Разумен приказ за случувањата под подот

Електромоторите даваат погон до 65 километри на час

Погонот е оптимиран Outlander да вози со енергијата на батериите колку е можно подолго, а бензинецот се вклучува над 65 километри на час или порано ако се потрошат батериите. Во тој случај моторот дејствува како генератор и ги полни батериите. Над 120 километри на час, погонот на предните тркала доаѓа само од бензинецот, затоа што степенот на ефикасност на предниот електромотор во тоа подрачје станува неповолен, додека задниот електромотор продолжува да испорачува сила за задните тркала, односно за постојаниот погон на сите тркала.

mphev4

Батериите се полнат преку работата на бензинецот

Хибридниот Outlander има три начини на работа: Чисто електричен погон, сериски хибрид (бензинецот ги полни батериите, на пример при забрзување) и паралелен хибрид во кој класичниот бензинец работи заедно со задниот електромотор при брзина над 120 km/h, односно над 65 km/h ако батериите се подиспразнети. Во последните два начини на работа, прекумерната моќност се користи за полнење на батериите.

Двете копчиња на електризираниот Outlander, едното за батериите да мируваат, второто за батериите да се полнат преку моторот
Двете копчиња на електризираниот Outlander, едното за батериите да мируваат, второто за батериите да се полнат преку моторот

Бензинецот е подобар избор за хибридниот погон од дизелот

Врз погонот може да се влијае само преку двете копчиња во конзолата. Со копчето Save се поштедува батеријата, при што работи само бензинецот, додека со копчето Save се вклучува генераторот, заради полнење на батериите преку работата на бензинскиот мотор. Mitsubishi се откажа од дизел. Бензинецот е полесен, помал и побрзо се загрева. Покрај тоа, дизелот не е толку популарен во светот како што е во Европа.

ampnet_photo_20140124_074838

50 километри на струја: Тоа е цел ден без грам гориво

Според нормата за хибридни возила, Outlander PHEV троши 1,9 литар на сто километри и со полни батерии вози 52 километри само на струја. Бензинецот се вклучува секогаш кога наполнетоста на батериите ќе падне под 30 проценти, и обратно, обата електромотора му помагаат на моторот кога батериите повторно ќе се наполнат над минимумот од 30 проценти. Едно нешто не смее да се изгуби од вид: Стрелката на резервоарот. Ако тој е празен и наполнетоста на батериите е под 30 проценти, прво се исклучува климата, а кусо време подоцна се намалува и моќноста на погонот. Тогаш се појавува „желка“ во инструментите, како знак дека возењето ќе продолжи бавно до првиот приклучок за струја или барем до првата станица за гориво.

ampnet_photo_20140124_074843

Бензинецот ги полни батериите за 40 минути и со три литри бензин

За целосно полнење на батериите се потребни пет часови, односно два часови при индустриски приклучок со 16 ампери. Со брз полнач на 300 волти, 80 проценти од капацитетот се полни по само половина час – или бензинецот се остава да работи 40 минути како генератор, при што ќе се потрошат околу три литри бензин.

ampnet_photo_20131202_072324

PHEV е хит во Скандинавија поради државните повластици

Електризираната верзија на Outlander се нуди само во врвната моделска изведба, со кожа, радарски темпомат, следење лента и предупредување при судир, како и со неколку оригинални надворешни детали, меѓу кои спаѓа и светло сината металик боја на каросеријата. Ако се земе во предвид побогатата опрема, хибридниот модел би чинел околу десетина проценти повеќе од обичниот модел. Mitsubishi планира годишно да произведува најмалку 50.000 примероци. Досега во светот се нарачани 12.000 примероци, од кои 8.000 се веќе испорачани. Хибридниот теренец е хит во Холандија, Норвешка, Шведска и Швајцарија, како први пазари во Европа што го добија моделот, првенствено поради големите државни субвенции за возилата со чист погон. /automedia.mk

Технички податоци · Mitsubishi Outlander PHEV

  • Должина x ширина x висина (m): 4,66 x 1,80 x 1,68
  • Меѓуоскино растојание (m): 2,67
  • Мотор: Бензински, 1998 ccm
  • Моќност: 89 / 121 КС при 4500 врт./min
  • Вртежен момент: 190 Nm при 4500 врт./min
  • Електромотори (2): по 60 kW / 82 КС
  • Вртежен момент не е-мотори: 137 и 195 Nm
  • Батерија: Литиум јон, 300 волти, 12 kWh
  • Системска моќност: 149 kW / 203 КС
  • Крајна брзина: 170 km/h (ограничена)
  • Забрзување 0 до 100 km/h: 11,0 сек.
  • Потрошувачка (просек): 1,9 литар
  • Емисија на CO2: 44 g/km
  • Досег на погон на струја: 52 km
  • Празно возило / Носивост: 1810 kg / 500 kg
  • Багажник: 463 – 1472 литри
  • Тежина на приколка: 1500 kg
  • Гуми: 225/55 R18
  • Отпор на воздух: 0,33
  • Основна цена (во Германија): 41 990 евра

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

137
18 shares, 137 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *