133
18 shares, 133 points

Два од три нови автомобили во Франција возат на дизел. Владата планира да ја намали популарноста на дизел моторите и презема две радикални мери што ќе го спречат масовното користење на дизелот.

Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, има намера да ги забрани возилата со дизел мотор и на тој начин да го подобри воздухот во француската престолнина. Но, најголемиот противник е токму автоиндустријата. Владата сепак е решена да стави крај на доминацијата на дизел моторите. Во 2014 година, дури 64 проценти од продадените нови автомобили користат дизел. Во периодот меѓу 2006 и 2012 година, нивната популарност беше уште поголема, со учество во продажбата од преку 70 проценти. Франција презема мери, но и производителите на автомобили преоѓаат во одбрана. Тие не сакаат да го изгубат пазарот на дизели кој што многу им значи.

Сите модели од марките Peugeot и Citroen со дизел мотор поседуваат сложен и скап катализатор SCR. Станува збор за раствор од уреа којшто се впрскува во издувниот тракт со цел штетната емисија на азотни оксиди преку хемиска реакција да се трансформира во безопасни гасови. Моделот 208 HDI опремен со оваа техника има вредности на издувот што се далеку под лимитот на нормата Euro 6.

Од 2017 година сите дизели мора да поседуваат SCR-катализатор

Експертите предвидуваат дека по 2017 година сите автомобили со дизел мотор ќе мора да поседуваат ваков катализатор со селективна каталитичка редукција, затоа што тогаш стапува на сила нормата Euro 6c. Во моментов повеќе возила со дизел мотор ги задоволуваат нормите со обичен акумулациски катализатор, додека комбинација од акумулациски и SCR-катализатор се користи кај поголемите и помоќни дизел мотори.

Тоа што француската им го прави на дизел моторите би предизвикало големо разочарување кај пронаоѓачот на овој мотор, Рудолф Дизел, инаку роден парижанец. Сопствениците на стар автомобил со дизел мотор, со прва регистрација пред 2001 година, за замена со нов автомобил со погон на струја добиваат од државата премија во висина од вкупно 10.000 евра. Премијата се состои од бонус од 6.300 евра при избор на автомобил со емисија на СО2 под 20 грами и додаток во висина од 3.700 евра, за стариот автомобил да отиде под преса.

За даночните оптоварувања што земјите во ЕУ ги предвидуваат за возилата со прекумерна емисија на штетни материи во издувите гасови може да прочитате тука.

Граѓаните мораат да се интересираат за оваа можност што им ја нуди државата, затоа што во спротивно плаќаат најмалку по 150 евра годишно доколку возилото има емисија на СО2 повисока од 131 g/km, што станува многу посериозно кај возилата со емисија на СО2 над 201 g/km – сопствениците на овие возила мораат на француската држава да ѝ плаќаат казна во висина од 8.000 евра, секоја година, доколку се толку решени да продолжат да го користат своето возило. Бонусот не се условува со купување автомобил од француска продукција, туку важи апсолутно за сите марки и модели.

Но, во иднина се планира уште еден удар врз џебот на сопствениците на „нечистите“ автомобили и тој ќе важи при секое полнење дизел гориво. Ова гориво моментно се оданочува со 18 центи помалку по литар во споредба со бензинот. Од 2016 година, данокот за дизелот ќе се зголеми за 3,5 центи по литар, додека во исто време данокот за бензинот ќе се зголеми за 2 центи. Планот е постепено да се изедначат даночните стапки на дизелот и бензинот и со тоа да се ограничи интересот за купување и користење на возилата со дизел мотор.

За тоа како масовното користење на дизел горивото се рефлектира врз животната средина во Македонија можете да прочитате повеќе тука.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

133
18 shares, 133 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *