за ,

Франкфурт 2015: Што бара Citroen со овој автомобил на салонот?

Едно од најголемите разочарувања на салонот е настапот на Citroen. Марката што некогаш важеше како револуционер во браншата, тука доаѓа со верзија на Cactus дотерана за на плажа. Како концепт.

Французите се чини повеќе сакаат да живеат во минатото и да живеат од гордоста на нивните големи историски достигнувања. Citroen, на пример, ветуваше дека на салонот ќе излезе со автомобил што ќе се повика на духот на легендарниот Mehari, на некогашниот минималистички автомобил што успеваше да предизвика максимална еуфорија. И додека светот очекуваше под рефлекторите на германскиот салон да се одушеви од автомобил што ќе го облагороди концептот на Mehari со иновативна технологија и свежи идеи, тоа што Citroen го претставува е само соголена верзија на единствениот модел што марката го продава во повеќе од апотекарска доза во моментов, на C4 Cactus.

Во внатрешноста на автомобилот за на плажа и рекреација се користеле материјали што обично наоѓаат примена во облеката за спортување. Во подот се изведени канали за да може возилото по користењето да се измие темелно, а седиштата се обложени со неопрен. Три воздушни перници се полнат со компресор и го сочинуваат покривот на Cactus. И тоа е сé, Citroen? Неколку штандови подалеку, автомобилот на Mercedes ја менува формата на каросеријата среде возење, електричниот автомобил на Porsche вози 500 километри на струја со моќност од 600 КС, а Jaguar барем изведува вртоглави лупинзи да го одушеви светот со својот „најпрактичен спортски автомобил во светот“. Сериозно, Citroen? Автомобили како сурферскиот Cactus можеа да бидат интересни само во 1980-те години. А ако некој денес и посака автомобил од овој тип, тогаш сигурно ќе го побара оригиналниот Mehari, место да ги купува денешниве „путер и мармалад“ автомобили на француската марка. Што си мислеше, Citroen?

citroen cactus concept m 1152476

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнете како овој Mercedes ја менува формата на каросеријата

Франкфурт 2015: Lamborghini Huracan Spyder