137
18 shares, 137 points

Со воведувањето на новата моделска изведба А 160, влезниот праг во премиум-компактот на Mercedes се спушта за 2.000 евра наспроти досегашниот основен модел А 180. Со фејслифтот пристигаат и други новини.

Мак Аутостар го објави ценовникот што многумина го исчекуваа со нетрпение откако Mercedes на салонот во Франкфурт ја прикажа моделската изведба A 160, како нов влез во моделското семејство на марката со сребрената ѕвезда. „Стартот“ во Mercedes отсега чини 20.990 евра за моделот А 160, како одговор на конкурентските BMW 116i и Audi 1.2 TFSI.

Mercedes-Benz A-Klasse (W 176) 2015Mercedes-Benz A-Class (W 176Фејслифтот на класата А на Mercedes беше искористен за пригода за проширување на понудата во гамата на компактниот модел. Со фејслифтот пристигаат и познатиот Dynamic Select, со можност преку копче да се избере комфорна, спортска или штедлива работа на подвозјето и погонската спрега, како и диодни светла и дополнителна доза коњски сили за топ-моделот Meredes-AMG A 45 4Matic, кој отсега вози со 381 КС.

Mercedes уште во претходната генерација на класата А користеше амортизери со приспособлива карактеристика, односно амортизерите во основа реагираа меко при наидување на нерамнини при градска брзина и тврдо при повисоки брзини и во свијоци. Класата А со сегашниот фејслифт повторно добива приспособливи амортизери, со таа разлика што возачот може самостојно да ја избира „програмата“, при што интелигенцијата на подвозјето ги зема во предвид и податоците за вертикалното забрзување на каросеријата, завртувањето на воланот, попречното забрзување и соодветно ја пресметува работата на амортизерите посебно за секое тркало. Dynamic Select следува како стандард во посилните модели или во комбинација со одредени пакети на опрема, односно со доплата кај моделите од основата на понудата.

Дизајнот на предниот браник е во стил на концептниот модел за класата А

Промените во изгледот се однесуваат првенствено на новата форма на предниот браник, новите задни светла и издувните цевки што се интегрирани во задниот браник. Инструментите со сменета графика се посставени во „цевки“, што заедно со галванизираната површина на прекинувачите придонесува за поубедлив впечаток за завршна изработка. Средишниот дисплеј отсега е со дијагонала од 20,3 сантиметри. Освежувањето го комплетираат новите бои и материјали во кокпитот и новите изведби на финиш на украсната лајсна во арматурната табла.

Во кокпитот е сменет средишниот дисплеј и збогатени се можностите за поврзување на преносни уреди
Во кокпитот е сменет средишниот дисплеј и збогатени се можностите за поврзување на преносни уреди

Новитетите во погонската спрега, покрај воведувањето на А 160 со 102 КС како нов основен модел, вклучуваат и нов шампион во штедливост – A 180 d BlueEfficiency Edition со просечна потрошувачка од 3,5 литри, додека верзиите А 250 и А250 Sport отсега се достапни и со мануелен менувач. Моделот A 220 d доби 7 КС и отсега располага со 177 КС, а za исто толку е зголемена моќноста и на A 250 Sport и A 250 Sport 4Matic, со 218 КС. Вкупно 17 различни верзии на класата А стојат на располагање.

Топ-моделот Mercedes-AMG A45 4Matic повторно ја зголемува предноста како најсилен компактен автомобил во светот, со 381 КС и забрзување до сто за 4,2 секунди. Со новата класа А се смени и означувањето на моделите. Дизелите отсега имаат „d“ во ознаката, место CDI. Компактот е воедно и прв модел на Mercedes што е достапен со Apple Car Play и MirrorLink.

Модел Работна зафатнина Моќност Цена (во евра)
A 160 1595 102 20,990.-
A 180 1595 122 22,980.-
A 200 1595 156 26,680.-
A 220 4Matic 7G DCT 1991 184 32,540.-
A 250 1991 211 34,170.-
A 250 4MATIC 7G DCT 1991 211 36,590.-
A 45 AMG 4MATIC 1991 381 52,460.-
A 160 d 1461 90 23,900.-
A 180 d 1461 109 24,980.-
A 200 d 2143 136 28,300.-
A 200 d 4Matic 7G DCT 2143 136 33,130.-
A 220 d 7G DCT 2143 177 34,820.-
A 220 d 7G DCT 4Matic 2143 177 37,020.-

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

137
18 shares, 137 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *