за

Турбо мотор со 100 КС за малечката Kia

Kia ја најави премиерата на новиот Picanto на салонот во Женева со неколку фотографии што прикажуваа динамично дизајниран малечок автомобил. Изгледот не бил напразно. Под хаубата ќе работи и бензинец со турбонатполнење и 100 КС. Најмалечкото на Kia не сака да биде обичен градски автомобил: Навигација, индуктивно полнење, напредни безбедносни системи. И седумте години гаранција на Kia.

Третата генерација на Kia Picanto ќе има светска премиера на салонот во Женева во почетокот на март, за продажбата да стартува веќе во април. Новакот пристига со самоуверен настап, којшто ја прикажува намерата на Kia да го постави моделот повисоко во својата класа, како квалитетно изработен и осмислен градски автомобил. Во изборот од мотори исто така има новитет: Трицилиндарски бензинец со турбонатполнење, директно впрскување и 100 КС. Тој сепак ќе биде достапен пред крајот на годинава.

Picanto досега градеше имиџ на симпатичен, добро опремен и штедлив градски автомобил. Третото поколение на моделот ја надградува оваа основа со подинамични возни својства, нови инфо-забавни системи и напредна безбедносна техника. Претходникот од 2011 година се продаде во 1,4 милион примероци низ светот, од кои 300.000 примероци завршија на европскиот пазар.

Kia Picanto GT Line 00006

Иако должината остана непроменета со 3,6 метри, Picanto сега изгледа многу подинамично, што меѓу другото произлегува и од продолженото меѓуоскино растојание (+15 mm) и покусиот преден каросериски превис (-25 mm). За новите форми да се прикажат во вистинското светло се нуди палета од 11 бои и повеќе дизајни на бандажи чија што големина достига до 16 инчи. Не остануваат незабележани и диодните трепкачи и дневни светла коишто работат во повисоките нивоа на опрема. Врвот во гамата го претставува новата моделска изведба GT Line, со различен дизајн на браниците, двојна издувна цевка со хромиран финиш и каросериски детали во контрастна боја.

Пет комбинации од бои за „кожените“ седишта во топ-изведбата GT Line

Kia нагласува дека материјалите во кокпитот оддаваат поубедлив впечаток за квалитет, во работна средина за возачот којашто се ориентира според големиот дисплеј во средишната конзола. Не отсуствуваат фини детали во хромиран финиш, исто како и можностите да се остави сопствен печат. За топ-моделот GT Line може да се избира меѓу пет комбинации од бои на вештачката кожа на седиштата.

Kia Picanto GT Line 00014

Според производителот, Picanto располага со најголем багажник во класата, со зафатнина од 255 литри. Иако димензиите на каросеријата се непроменети, во кабината се добива повеќе простор. Праговите се пониски заради полесен пристап, додека долниот раб од арматурната табла е подигнат за 15 милиметри во споредба со претходникот. Седиштата се изработени со истите материјали и со истиот конструкциски принцип како Optima.

Подвозјето е преработено во насока на зголемена динамика во возењето

Преправките во подвозјето се однесуваат првенствено на зголемувањето на крутоста на стабилизаторите, за поголема стабилност и подобра управливост. Управувањето доби скусен преносен однос, што прави истото да реагира подиректно, додека придобивка од продолженото меѓуоскино растојание е помалото потонување на носот при силно сопирање. На задната оска се користат нови водилки, коишто носат заштеда од 1,8 килограм. За зрелоста на техниката сведочи и дополнителната функција на контролата на стабилноста, којашто ги потсопира внатрешните тркала во свијок, заради спречување на подуправувањето.

Kia Picanto GT Line 00013

Покрај новиот еднолитарски турбо, во понудата се 1,0- и 1,2-литарски мотор, првиот со 67 КС и 96 њутнметри, вториот со технологија Dual-CVVT, со 84 КС и 122 њутнметри. Менувачот е петстепен, соопција за автоматски менувач кај поголемиот мотор, а зависно од моделската изведба, Picanto поседува и систем старт-стоп. Со неколку вообичаени модификации е скусено загревањето на моторот, а се користи и двостепена пумпа за масло, заради намалување на триењето. Еднолитарскиот T-GDI е познат од Ceed и Rio, располага со 100 КС и 172 њутнметри, со директно впрскување на горивото под притисок до 200 бари. Со овој мотор, Picanto забрзува до сто за 10,1 секунди, додека крајната брзина изнесува 180 километри на час.

Навигација до дисплеј од 7 инчи, темпомат, грејачи во седиштата, кожа на волан…

Kia ветува и акустичен комфор, постигнат со грижлива изолација и конструкциски зафати. Со декларирани 39 децибели во место, Picanto располага со една од најтивките кабини во класата, а солидна вредност се и 68-те децибели во возење. Тоа создава поголема основа за уживање во новите инфо-забавни системи. Како опции се нудат навигација со дисплеј од 7 инчи, вклучувајќи поврзување на интернет и подршка за Android Auto и Apple CarPlay, камера за рикверц, индуктивно полнење мобилен телефон.

Kia Picanto GT Line 00008

Многу ветува и податокот дека уделот на челик со висока цврстина е удвоен во споредба со претходникот, на 44%, со што е постигната уште поцврста структура, но и тежината е намалена за 23 килограми. Осумпати се подолги рабовите што се споени со лепење, вкупно 67 метри. Со овие мерки, крутоста на свивање во целина е зголемена за 32 проценти.

Kia очигледно не го двои Picanto од останатите свои модели, па го снабдува и со систем за самостојно сопирање при опасност од судир, којшто е голема безбедносна придобивка токму во природната средина на градското возило. Со овој темелен пристап и развојна цел којашто не се сведува само на постигнување колку е можно подостапна цена, Picanto потсеќа на времето кога Италијанците ја нудеа Lancia Ypsilon. Единствено е разлика што Picanto уште опстојува. Веројатно ќе го прави тоа уште подобро отколку претходникот.

[FAG id=27285]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota Prius PHV минува 50 километри на струја

Ferrari 812 Superfast: Коњот од Маранело беснее и на 70 години