за

Топ 10: Најдобрите автомобили произведени во Мароко

Мароко не е особено познат како земја производител на автомобили. Во 2000-та година се произведоа 31.314 возила, за во 2012 бројката да се искачи на дури 108.743 возила. Со тоа Мароко се најде на 36-то место меѓу светските авто нации.

Очигледно е дека отворањето на огромната фабрика на Renault-Nissan во Танџир во 2012 година придонесе земјата да се искачи многу повисоко на ранг листата на најголемите производители на автомобили во светот. Оваа фабрика има годишен капацитет од 400.000 возила и може целосно да го покрие пазарот во Северна Африка со возила од марките Renault, Dacia и Nissan.

За овонеделниот Топ 10, редакцијата на Automedia ви подготви селекција на најзначајните 10 модели што се произведени во автомобилската историја на Мароко. На воведната слика се наоѓа неприкосновениот Број 1 меѓу сите овие автомобили, Laraki Epitome.

10-то место за Menara WSC 2002 Roadster
Menara WSC 2002 Roadster

Верувале или не, мароканската марка Menara го произведе првиот автомобил во 1913 година, под лиценца на Peugeot Bebe. Компанијата има изработено и неколку возила за кралското семејство од Мароко. Во 2002 година марката се појави повторно на ретро родстерот Menara WSC 2002, во стил на Excalibur. Разликата со американскиот оригинал е во тоа што под хаубата не работи осумцилиндарец, туку дволитарски мотор со 120 КС, кој обезбедува крајна брзина од 160 km/h. Поради тоа, само десетто место за овој впечатлив модел.

9-то место за Renault Kangoo
renault kangoo

Единствениот модел на Renault во овој список успева само до деветтото место. Автомобилот е сосема во ред, но има уште многу други повредни автомобили од Мароко. Производството на Kangoo во Казабланка започна уште во 1999 година.

8-то место за Laraki Borac
laraki borac

Ова е првиот модел од марката Laraki на списокот. Borac се појави во 2005 година, како втор модел на спортската марка од Мароко во стил на престижно купе со конфигурација на седишта 2+2. Динамиката што ја ветува надворешниот изглед се остварува преку шестлитарскиот V12 од Mercedes, со 540 КС. Спринтот до сто трае 4,5 секунди, крајната брзина е 310 km/h. Секако дека станува збор за импресивен автомобил, но по него следуваат уште поимпресивни …

7-то место за Dacia Dokker
dacia dokker

Ако требаше да се избира според изгледот, тогаш Dacia Dokker веројатно немаше да се најде на овој список. Изгледот нема да предизвика заигрување на срцето, но кога се бара практична вредност на возилото, Dokker е близу до совршен. Поради ниската цена, тој сепак се пласира повисоко од Renault Kangoo.

6-то место за Dacia Logan
dacia logan mcv

Logan е моделот што ја започна успешната приказна на романската марка. Тој е веќе во втората генерација, комби изведбата изгледа многу поцивилно отколку кај претходникот, соодносот меѓу цената и добиеното остана непроменет, а тоа значи врвен. Само 6-то место за евергринот затоа што има уште многу други интересни модели од Dacia.

5-то место за Dacia Sandero
dacia sandero

Симпатичниот Sandero, комбилимузинската варијанта на Logan. Со штедливиот малечок мотор со турбонатполнење и ниската потрошувачка, Sandero е интересен и за купувачите што при купувањето не мораат да се раководат само според цената. Почесно петто место за него.

4-то место за Laraki Fulgara
laraki fulgara

И повторно Laraki! Овој автомобил го означи почетокот на марката Laraki во 2002 година. Првиот модел на амбициозните Мароканци користеше најблагородна основа. Повеќето од гените на Fulgura потекнуваат од Lamborghini Diablo, со исклучок на моторот, кој е производ на Mercedes, со 12 цилиндри и шест литри зафатнина. Првично автомобилот требаше да има 920 КС и крајна брзина од 398 km/h. Но, крајниот производ имаше „само“ 730 КС и крајна брзина од 350 km/h. Поради ова назадување следува само 4-то место за Fulgura.

3-то место за Dacia Lodgy
dacia lodgy

Донеодамна беше незамисливо да се добие нов семеен транспортер за седуммина и за малку пари. Тоа се смени откако во 2012 година се појави Dacia Lodgy. Моделот е хит речиси на секој пазар каде што се продава.

2-то место за Dacia Duster
dacia duster

Најдобриот модел на Dacia во моментов. Duster не е само издржлив и непоколеблив, туку и изгледа многу подобро од повеќето други спортски теренци. Ако тоа е недоволно, тогаш ќе послужи неговата цена.

1-то место за Laraki Epitome
laraki epitome

Ова е некрунисаниот крал на суперавтомобилите, со седумлитарски V8 со битурбо натполнење и 1.750 КС расположени да го согорат секој грам бензин. Дали двомилионскиот автомобил со карбонска каросерија вреди навистина колку McLaren P1? Одговорот веќе го знаете…

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дизајнерот на Citroen: C4 Cactus требаше да изгледа уште порадикално

Револуционерна идеја: Полнење батерии директно од Месечината