за ,

Тест: Volkswagen Passat 2.0 TDI Highline

1. VW PASSAT, продадени примероци 111,292 (+39.7%)

Мирните денови за конкуренцијата завршија. Од осмата генерација на Passat се очекува на конкурентите да им го зададе најсилниот удар досега. Може ли големиот Volkswagen навистина да се издвои до таа мера?

Мирните денови за конкуренцијата пред појавувањето на новата генерација на Passat всушност и не беа толку мирни. Вообичаено е да се случи големо раздвижување пред пристигањето на модел што практично ја „држи“ класата, особено во класите што им носат добра заработка на производителите – десетина проценти кај Passat сепак се многу повеќе отколку десетина проценти кај Polo. Речиси без исклучок, малкуте преживеани модели во средната класа се подготвија навреме за ударот од големиот модел на Volkswagen. Конкурентот од Келн го има комплетно новиот Mondeo, којшто место пред две години, се погоди да стартува во исто време со Passat поради затворањето на фабриката во Белгија, а реагираше и Opel со фејслифтот на Insignia, иако тоа повеќе во обид да се избори за опстанок, отколку во надеж дека ќе ги загрози најдобрите модели во класата. Не случајно се погодува и Mazda6 да доживее фејслифт, а ниту освежувањето на аутсајдерите, како Peugeot 508, не е друго освен заземање одбранбен став.

Раздвижувањето на конкуренцијата e признание за моќта на Passat

Но, за што толку се борат моделите во оваа класа? За пример, бројките од продажбата на моделите од средната класа на германскиот пазар, како најголем единечен пазар во Европа. Лани таму се продале 380.000 возила од средната класа, вклучувајќи дури 164.000 примероци од премиум триото A4/Серија 3/Класа C. Очигледно, голема бројка. По модели, соодносот на силите изгледа приближно вака: Citroen C5 (2.242 продадени примероци), Peugeot 508 (3.293 примероци), Toyota Avensis (3.713 примероци), Hyundai i40 (6.697 примероци), Mazda6 (7431 примероци), Ford Mondeo (12.101), Skoda Superb (14.362), Opel Insignia (22.364 примероци) и Volkswagen Passat со … 72.153 примероци! Сите конкуренти заедно се продаваат колку Passat сам.

Со прецизните линии и дизјанот што го оддава „внатрешниот“ квалитет, новиот Passat цели кон премиум моделите во средната класа
Со прецизните линии и дизјанот што го оддава „внатрешниот“ квалитет, новиот Passat цели кон премиум моделите во средната класа

Овие бројки сигурно дека нема да ги објави ниту еден од конкурентите, зашто тоа би било признание за поразот. Факт е: Единствено Passat може и натаму да се носи со премиум моделите на тројката Audi, BMW и Daimler, коишто веќе одамна ја „презедоа“ продажбата во средната класа. Во меѓувреме, додека конкуренцијата се фали со „нови светла“ или со „интелигентно поврзување со мобилен телефон“, Passat ја освои титулата на автомобил на годината во Европа. Сé му е погодено на новиот Passat? Дизајнот на пример?

Дизајн што повеќе се чита и допира, отколку што се гледа

Можеше да се очекува поспектакуларен изглед од примусот во класата, но од „B5“ наваму, секогаш кога се појавувала нова генерација на Passat, таа изгледала помалку спектакуларно од очекувањата. Со чесен исклучок на CC. Особеноста на Passat B8 е тоа што дизајнот повеќе може да се допре и прочита, отколку да се „види“. Какви тоа машински и инженерски ресурси користи овој Volkswagen, штом зјаевите меѓу каросериските панели и рабовите по нив мамат да се допрат со прст, само за човек да се убеди дека навистина е изработено толку совршено?

Ги чека конкурентите подготвено. Сите тие заедно на германскиот пазар се продаваат исто колку Passat сам
Ги чека конкурентите подготвено. Сите тие заедно на германскиот пазар се продаваат исто колку Passat сам

Passat изгледа стегнато, цврсто, сигурно, доверливо – како добра бизнис зделка! И вистина, на кого би му верувале повеќе? На потенцијален бизнис партнер што пред управата се паркира со Volkswagen Passat, свежо измиен, во совршена состојба и порамнет внимателно на паркиралиштето, или на самозамислен бизнисмен со бугарски мерцедес, неиспран со месеци, под’рѓосан и оставен како што дошол? Дали повеќе да му се верува на бизнисмен што зрачи со доверба или на дограмаџија со вага што почнува да мери од сто грама?

Од лесната конструкција профитираат комфорот и возните својства

Во технички поглед, сé се сведува на намалената тежина и зголемената крутост на каросеријата. Од првото профитираат возните својства и ефикасноста на погонот, од второто безбедноста, и повторно, возните својства, но уште повеќе комфорот во возењето, првенствено во поглед на акустиката. Покрута каросерија пренесува помалку вибрации, а помалку вибрации предизвикуваат помалку бучава. Тоа „сé“, сепак значи врвна технологија и посегање по модуларната платформа, којашто во основата е логика на користење понапредни компоненти со „нормална“ цена на чинење.

Педантно, со врвни материјали и германска изработка. Надолжните отвори за проветрување го „имитираат“ дизајнот на предната маска
Педантно, со врвни материјали и германска изработка. Надолжните отвори за проветрување го „имитираат“ дизајнот на предната маска

Од дволитарскиот дизел со 150 КС во тестираниот модел, до кабината пристига само длабок дизелски тон, без острите и непријатни звуци што се карактеристични за дизелите и без какво и да било ниво на вибрации чиешто присуство може да се перцепира. Истото важи и за акустиката на подвозјето. Единствено може да се забележи извесна нијанса на стегнатост и „сувост“ во амортизацијата, тука Volkswagen можел малку да „попушти“. Субјективно, чувството на комфор кај Golf повеќе профитира од олеснувањето на каросеријата, иако тоа не го прави и покомфорен. Тоа, сепак, важи само при градско возење.

Најголемото изненадување следува на автопат

Вистинското лице на новиот Passat се покажува дотолку поинтензивно откако лимузината ќе се најде на автопат. Не може да не се почувствува како каросеријата буквално се прилепува за асфалтот. Passat се „трансформира“, поточно се внесува во улогата на крстосувач. Лимузината практично лета по автопатот, држи правец како авион и остава впечаток како ништо да не може да ја измести од линија. Подвозјето апсолутно ги простува нерамнините и реагира брзо и нечујно, уште пред патниците да почувствуваат што се случува меѓу тркалата и патот. Такво ниво на комфор обично може да се очекува само кај лимузините од високата класа и јасно е дека во тој поглед е постигнат најголемиот напредок кај Passat.

Ништо помалку не е импресивно однесувањето при динамично возење во свијоци. Тука најмногу се чувствуваат предностите од изгубените килограми, исто како и од прецизното и директно управување. Само најгрубите и намерни маневри можат да предизвикаат активирање на арсеналот од безбедносни системи, додека остатокот го завршува совршената геометрија на подвозјето. Во улога на „спортска“ лимузина, со минимален заостаток во поглед на управливоста, Passat би можел спокојно да се спушти во трка и со серијата 3 на BMW, иако е со преден погон.

Часовникот во кокпитот како детаљ од престижните италијански и англиски лимузини
Часовникот во кокпитот како детаљ од престижните италијански и англиски лимузини

Многу „апгрејди“ се предвидени за Passat, почнувајќи од дволитарскиот дизел со 240 КС, преку приспособливо подвозје (доплата од 1.001 евра) и погон на сите тркала, до диодни светла или седишта со масажна функција. Сето тоа е дел од премиум пакетот со којшто „Фау-Ве“ сака да ја позиционира својата лимузина поблиску до престижните лимузини од германското премиум трио. Но, и без нив, Passat посредува чувство на „скап“ автомобил – без притоа да ја жртвува цената на Volkswagen.

Passat 1.6 TDI е „новиот“ 2.0 TDI

Тестираниот Passat 2.0 TDI во повисокото ниво на опрема Highline чини 33.015 евра и наспроти средното ниво Comfortline со цена од 29.645 евра (основното Trendline не се нуди) дополнително располага со магленки, хромирани каросериски детали, диодни предни и задни светла, приспособлив темпомат, греење на предните седишта, облога од алкантара на седиштата и повеќе детали што ја облагородуваат кабината. Во поглед на цените, преоѓањето на Passat во новата генерација донесе уште една придобивка, една од најзначајните: Новиот Passat ја постигнува динамиката на претходникот со помали мотори, односно таму каде што претходно работел 2.0 TDI со 140 КС, сега може спокојно да работи 1.6 TDI со 120 КС – благодарение на намалената тежина и генерално повисокото технолошко ниво.

Според тоа, Passat 1.6 TDI е „новиот“ 2.0 TDI, па соодветно и цената за соодветна споредба со претходникот е 27.645 евра, што е точно 2.000 евра помалку во споредба со актуелниот дволитарец. Единствено мора да се „проголта“ фактот што 1,6-литарецот со 120 КС е достапен само во средното ниво Comfortline. За споредба, претходниот Passat со дволитарски дизел со 140 КС постигнувал крајни 211 km/h и забрзувал за 9,8 секунди до сто, додека новиот со 1,6-литарски TDI заостанува минимално со 206 km/h и 10,8 секунди, но затоа во потрошувачката на гориво симнува цели шест децилитри. Во оваа директна споредба, новакот е полесен за дури 88 килограми – вклучувајќи го додатокот опрема што го поседува новата генерација.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

LaFerrari мора во сервис: Проблеми со резервоарот

BMW најавува мотори со впрскување вода