99
164 shares, 99 points

На тест ни пристигна изведба на Volkswagen Golf со основен дизел и основно ниво на опрема. Така ќе се обидеме да ја разоткриеме мистеријата, зошто Golf не мора да биде поевтин, поголем, посилен, со повеќе опрема и поголеми бандажи, за да биде подобар

Електрични, роботски и летечки автомобили, СУВ-автомобили во јуриш, автомобили што се изнајмуваат на улица преку мобилна апликација, вмрежени автомобили. И Golf. Философот Хераклит во својот век пропагирал дека сé тече и сé се менува. Колку ли голема заблуда. Сé тече и сé се менува, освен Golf. Тоа што не се менува е култот на ова моделско име.

Доколку имиџот и реномето на автомобилите се мереа во коњски сили и њутнметри, „најнародскиот автомобил“ ќе имаше веројатно три илјади КС и десет илјади њутнметри. Тоа ќе важеше за сите негови верзии, варијанти и типови. Затоа што, нели, секој Golf е Golf. Дури и продавницата за резервни делови, зад аголот, се рекламира со Golf. Останатите натписи на излогот се марки.

Volkswagen Golf е еден од ретките случаи кога моделот е исто толку значаен колку марката – или малку повеќе

За само неколку години, водечките производители на автомобили ќе продаваат по еден милион електрични автомобили годишно. Волфсбург, конкретно, ја има поставено оваа цел веќе за средината на следната декада. Меѓутоа, Golf нема да биде тој што ќе вози на струја, барем не во толкав обем. Секако дека и во моментов постои електрична верзија e-Golf (плагин-хибрид GTE, исто така), но милионските продажби не се во негов домен. Таму презема идната компактна комбилимузина од електричното семејство ID., потврдена за 2020 година.

Volkswagen Golf 1.6 TDI Test 5
Мајстор за сé: Некогаш тоа ќе беше одличен слоган за VW Golf, денес автомобилов повеќе е ориентиран на вештачка интелигенција и системи за асистенција. Ние го возиме основниот модел

Но, зошто ID., кога автомобилот можеше наједноставно да се води како Golf, нова генерација на Golf? Затоа што ова моделско име содржи премногу историја, вклучува премногу луѓе, буди премногу сеќавања, раскажува премногу човечки приказни, се поврзува со премногу технолошки и технички пресвртници. Во каросериска форма чијашто основа останала непроменета од 1974 година. Сето тоа, кусо се опишува со имиџ и традиција. А, тие не дозволуваат дополнително да се оптоваруваат со електричниот погон. Од истите причини и Штутгарт ја измисли марката „EQ“, а Минхен „i“. Домашниот Audi избра e-tron.

Сите зборуваат за електрични автомобили, а пак сите возат Volkswagen Golf

Тука веќе би следело резимето: Денес сите зборуваат за електрични автомобили, иако само малкумина ја погодуваат смислата, а пак „сите“ излегуваат од салон со Golf. Понатаму не би имало за што да се зборува, затоа што за Golf е кажано сé, во седум варијанти досега, и се знае сé. Но, за едно нешто никогаш не бил пронајден вистинскиот одговор и не била погодена точната формулација: Зошто на Volkswagen Golf секогаш му успева по малку (или повеќе) подобро отколку на останатите?

Volkswagen Golf 1.6 TDI Test 4

Како што стои паркиран, со каросерија во ретка уни-боја на црн рубин, со основно ниво на опрема Trendline и со основниот дизел мотор 1.6 TDI во варијанта со 115 КС, овој Volkswagen во својата „основност“ не се разликува од голф-двојка од 1984 година, со 1,6-литарски дизел со 54 КС и 100 њутнметри, со 4-степен менувач, со појасен безбедносен ремен за средното место на задната клупа како стандард и со потпирачи за глава назад, како опција.

Основно ниво со двозонска автоматска клима и безбедносни системи за асистенција

Колку ли е само „неосновен“ овој Golf. Македонскиот Порше во спецификацијата додава уште 4 врати со електрика на задните прозорци, автоматски двозонски клима уред, радио со дисплеј на допир, кожа на волан, потпирач за рака напред, сé до предупредување и самостојно сопирање при опасност од судир, со распознавање пешаци на патот. Тоа важи за Trendline. Во повисоките нивоа следат уште повеќе ставки гратис.

Понудата може да се води како оптимум ниво на опрема, за класата, за локалниот пазар и за локалната возачка практика. Оптимум во овој случај значи: Кој ќе побара повеќе гратис опрема во салон, подобро нека биде отпорен на црвенеење. Евентуално, алу-бандажи и паркинг сензори ќе го доведат пакетот до плафон.

Volkswagen Golf 1.6 TDI Test 2

Опремата, сепак, не го создаде култот на овој автомобил. Тоа што на вратата пишува „новиот голф“, се однесува на моделското освежување, коешто донесе можност за ракување во кокпитот преку гестикулација, автопилот при застој на пат, виртуелна табла со инструменти, комплетен арсенал од системи за асистенција. Во возилото на тест нема ниту трага од сите овие техно-врисоци. Возиме основен модел, ги бараме суштинските квалитети на автомобилов.

Додека марките што пропагираат „висока противвредност“ ги обложуваат целите врати со пластика, VW поставува штоф

Завршната изработка и натаму е на високо ниво, исто како и практичноста, со пет големи прегради од секаков вид, веднаш на дофат на возачот, вклучувајќи џиновски џеб во вратата. По детали кои и не се толку безначајни, како што е штофот на потпирачот за рака на вратата и околу него или филцот со когошто се обложени џебовите во вратите, брзо се учи дека не треба секогаш да се верува на броењето ставки во опремата или на литрите во багажникот. Кусо за тоа: Golf не го тера возачот да менува навики, тој ги знае навиките.

Volkswagen Golf 1.6 TDI Test 18

За среденоста на кокпитот помага и тоа што електрична паркирна сопирачка следува уште во Trendline. Неретко се препознаваат обиди кај некои модели на пазарот, купувачите да се наведат на повисоко и поскапо ниво на опрема, само поради малечкото копче што заменува цела рачка меѓу седиштата. Не постои неизвесност ниту околу функционалноста. Средишниот потпирач за рака, на пример, се мести по висина и по должина. Навидум мали, но во секојдневието големи детали, особено кога се патува подолго. Сето тоа личи на понуда на искусен трговец, кој умее да создава клиенти и да ги задржи, место со своите (не)принципи на работа повеќе да им врши услуга на конкурентите.

Големината на овој автомобил е во возните квалитети, a не во бројките во ценовникот

Подрачјето во коешто фолксвагенот обично се издвојува од конкурентите се возните својства, квалитетите во возење. Во градското секојдневие се чувствува комфорно и тивко подвозје, добра прегледност, лесно ракување. Единствено, контролната електроника на моторот во некои ситуации се труди премногу да ја предвиди намерата на возачот и да му ја олесни реализацијата, на пример со кусо задржување на бројот на вртежи или со модулирање на вртежниот момент, при нагло постапување со педалот за гас во пониските степени на пренос. Но, возачот брзо се учи на оваа помош и веројатно ќе научи да ја цени.

Volkswagen Golf 1.6 TDI Test 29

На излегување од град, моторот остава многу поубедлив впечаток, отколку што може да се претпостави според зафатнината од 1,6 литар и моќноста од 115 КС. Кога менувачот ќе се најде во двата највисоки степени, повеќе се чувствува ефектот од 250-те њутнметри. Но, веднаш по излегувањето од град се открива и дека отсуствува „завршната“ промена на степенот на пренос. Менувачот е петстепен. Отсуството на шестиот степен на пренос за познавачите значи заштеда од најмалку 1.000 евра во цената на возилото.

Постои причина за динамиката што компактов ја постигнува со „само“ 115 КС: Лесен е

Во неколкуте стотини километри по автопат, кои се дел од вообичаената тест-рута на Аутомедиа, петте степени не се покажаа како сериозен дефицит. Тоа важи како за нивото на вртежи и акустичниот комфор, така и за нивото на потрошувачката. Би рекле, домаќински. Постои можност да се доплати околу 2.300 евра за седумстепен менувач со двојна спојка, а во тој случај може да се размислува и за 2.0 TDI со 6-степен мануелен менувач, со 150 КС и со едно ниво на опрема погоре, Comfortline, за околу 1.000 евра повеќе од опцијата на 1.6 TDI со менувач DSG.

Volkswagen Golf 1.6 TDI Test 20

Според перформансите и динамиката коишто ги докажа 1,6-литарскиот дизел со 115 КС и 250 њутнметри, особено по новата автопатска делница од Смоквица кон Демир Капија, повеќе моторизација од ова веќе преоѓа во луксуз. Тука треба да се има на ум дека мерилата се сменија кога Golf прејде во актуелната генерација, којашто е значително полесна. Овој 1.6 TDI постигнува подобри перформанси од Golf VI со дволитарскиот TDI со 110 КС (нов/стар: 1299/1339 kg, 10,2/10,7 s од 0-100 km/h, 198/193 km/h, 4,1/4,9 L/100 km, 106/128 g CO2/km).

Во класичниот петобој, Peugeot 308 е најевтин, штотуку пристигнатиот Ford Focus е најскап: Но, постојат големи разлики во понудата од опрема

Од бројчените податоци, недостигаат уште цените. Блиц-поглед во македонските ценовници на традиционалните конкуренти во „голф-класата“ покажува дека понудите ги отвора Peugeot 308 1.6 BlueHDi Stop&Start со 120 КС и опрема Active за 19.758 евра, по кого следат Renault Mégane dCi 110 Business за 20.090 евра и Opel Astra 1.6 CDTi Start/Stop Enjoy со 110 КС за 20.132 евра. Тестираната моделска изведба на Volkswagen Golf 1.6 TDI со ниво Trendline, во официјалниот ценовник фигурира со 20.725 евра. Најскап во оваа класична петорка е штотуку комерцијализираниот Ford Focus 1.5 EcoBlue, во основното ниво Trend и со цена од 21.900 евра. Тука не се земаат предвид тековните акции, промотивни попусти или екстра-пакети, исто како и нивото на опрема.

Volkswagen Golf 1.6 TDI Test 11

Со автоматски двозонски клима уред, радио со дисплеј на допир, магленки, мултифункциски кожен волан и самостојно запирање при опасност од незгода, како ставки што следуваат бесплатно во основното ниво на опрема Trendline, Golf се изборува за солидна позиција во кругот на конкуренцијата. Но, тоа не менува многу. Golf не треба да биде поевтин, поопремен, посилен или можеби за некого поубав, за да биде подобар Golf.

Заклучок

За Volkswagen Golf не е потребно оправдување околу изборот

Volkswagen Golf 1.6 TDI Test 9

Една практика на Skoda, од пра-премиерата на знаменосецот Superb, може да се искористи за да се дојде чекор поблиску до разоткривањето на култот на Golf. Возачи да се седнат директно во кокпит, пречистен од сите обележја на марката и моделот, без украсни панели и без каква било можност да ја видат каросеријата однадвор, со задача да извозат одредена рута. Целта би била, тие на крајот на возењето да одговорат верно: Колку би платиле за овој автомобил? Голема е веројатноста дека повеќето возачи би посочиле многу повисока цена од реалната.

Реалност е дека Volkswagen вложува фантастично многу пари, експертиза, време и труд во развојот на својот „голф“. И нормално е дека тоа се чувствува.

Дали дојдовме поблиску до разрешувањето на мистеријата околу Golf? Засега ги имаме следните факти: Тој се надоврза на еден фантастично успешен модел, „бубата“; Тој е европскиот број 1, од Европа и за Европа, исто како што е F-150 во САД или Nissan Micra во Јапонија; Неговите купувачи не мораат да бараат „оправдувања“ за изборот, Golf не мора да е поевтин, посилен, побрз за да биде подобар Golf.

Извесно е само едно. Секој што се обидел да ја разреши мистеријата на овој автомобил, само западнал повеќе во истата. Затоа, автомобилите се возат. И философите сé поретко ги цитираат.


Notice: Undefined index: fag_col_layout in /home/automedi/public_html/wp-content/plugins/flickr-album-gallery/flickr-album-gallery-short-code.php on line 37

Тест: Volkswagen Golf 1.6 TDI Trendline

Flickr Album Gallery Powered By: WP Frank

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

99
164 shares, 99 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743