101
22 shares, 101 points

По две децении од премиерата, хибридниот погон станува „откритие“ на годината. Никогаш досега не било поприродно да се посегне по погонот со две срца. Toyota Auris Hybrid во комби изведба, на тестот докажува дека ниту видот на каросеријата, ниту големината на дисплеите или поврзувањето со паметен телефон не можат да бидат важни колку што е важен погонот. Така било отсекогаш и ќе биде.

Кога се зборува за хибрид, всушност се мисли на дизел. После колку километри се исплатува модел со хибриден погон? Колку троши во град? Дали хибридот ќе продолжи да вози на струја кога ќе снема гориво и што ако му се истрошат батериите? Тоа се типичните прашања на европскиот возач, когошто производителите на автомобили го имаат научено да го обожува моторот што повеќе ништо не го спасува. Дизелот отсекогаш бил репер, но денес е најдлабоката кал во којашто има заглавено автомобилската индустрија – и целиот континент, како најголем „потрошувач“ на дизели во светот.

toyota auris touring sports hybrid 065_1

А, на дизелот не му врви најдобро деновиве. Прво дизел-скандал, потоа обвинување за картелско здружување на германските авто-концерни, од кадешто произлегува и целиот скандал со лажираната емисија на штетни материи, а последно и кукањето на главнината од добавувачите, кои речиси целото свое производство го имаат поставено за и околу дизел моторот. Локалната бранша стравува за својата иднина, додека електрификацијата на погонската спрега продолжува со сé посилен замав. Сето тоа по 20 години откако Toyota стартуваше со продажба на својот прв хибриден автомобил Prius и по над 10 милиони продадени возила?

Прашањето не е дали хибрид, туку кога хибрид

Ова комби во гамата на Auris, со хибриден погон и еко-безгрешна бела, но бисерно финиширана каросерија, веројатно се смешка задоволно додека дизелот го ставаат на клада. Овој не-СУВ, не-асистиран и речиси тотално секојдневен автомобил, има една суштествена предност којашто кај многуте отсуствува. Хибриден погон, од специјалистот.

toyota auris touring sports hybrid 025_1

Колку и да се чини дека браншата напредувала во основната електрификација на погонската спрега, моментно само една автомобилска двојка ѝ прави конкуренција на Toyota Auris Hybrid: Фолксвагеновската двојка A3 Sportback e-tron и Golf GTE, произведувана во концернот што е најдлабоко загазен во дизел-аферата. Јапонската марка сепак останува единствената адреса на нашиот пазар, кога станува збор за хибридниот погон.

Зошто Toyota Auris Hybrid не е плаг-ин хибрид, односно приклучен хибрид?

Toyota не оди на натамошно комплицирање на погонот што и без тоа е доволно комплициран. Auris Hybrid не е плаг-ин хибрид. Идејата можеби изгледа привлечно на хартија, но реалноста е друга. Пример, Холандија. Земјата неодамна ги укина широкоградите субвенции за квази-електричниот погон, затоа што практиката покажа дека возачите купуваат плаг-ин хибриди само заради акцизата и воопшто не ги дополнуваат батериите на полнач. Десетици илјади полначи во „низоземска“ остануваа недоволно искористени. Според тоа, зошто плаг-ин хибрид кога возачите на крај сепак ќе го користат како класичен хибрид?

toyota auris touring sports hybrid 039_1

Постои уште една причина, зошто Auris Hybrid не е приклучен хибрид. Цената. Додека онаа на Auris почнува со единица, вториве не прифаќаат за помалку од тројка. Цената сепак останува пресуден фактор, иако убедените возачи најчесто го избираат хибридниот погон заради самиот хибриден погон. И, комплетна пресвртница! Комбилимузинска изведба на Toyota Auris Hybrid за 18.990 евра и комби Touring Sports со цена од 20.490 евра? Три илјади евра акциски попуст кај првиот и две илјади евра кај вториот, драстично ги менуваат работите. Или, народски: „Го убиваат дизелот во поим“.

Таму кадешто има Hybrid нема D: Auris, Yaris, Aygo и C-HR без „D-мотор“

Најблиска конвенционална алтернатива до Auris Hybrid е моделската верзија со 1,6-литарски Valvematic со 132 КС и менувач CVT. Со „дизелашко“ резонирање, Auris Hybrid е 2.820 евра поскап од Auris 1.6 Luna CVT, но е воедно и 6.000 евра поевтин од Prius. Доколку преостанала било каква неизвесност: „D-мотор“ не постои како опција во ценовникот за компактот на Toyota – исто како и во ценовникот на Yaris или C-HR. Практично, таму кадешто има хибридна опција, не постои дизел. Исклучок е RAV4, но како што наведуваат од Тојота Авто Центар, и кај него сé повеќе купувачи се решаваат за верзијата со електромотор плус во погонската спрега. „D“ е достапно во Corolla, Avensis и во „тешката гама“, Land Cruiser и Hilux.

toyota auris hybrid touring sports 9

Возилото на тест, пак, како да е дојдено од возниот парк на западноевропски увозник на Toyota. Повеќе од половината од продажбата на „евро-компактот“ таму отпаѓа на хибридната верзија, а подеднакво е висок и уделот на комби-изведбата Touring Sports. За доплатата во споредба со класичната комбилимузина следува багажник од 530 литри, што е за 170 литри или за еден багажник на Aygo повеќе простор за товарање. Со 1.658 литри, максималниот товарен волумен е блиску до RAV4. Шампионските вредности произлегуваат од опашот којшто е за 26,5 сантиметри продолжен во споредба со комбилимузината.

Единствено комби со хибриден погон на Toyota – и прво хибрид-комби

Дополнителната тежина од системските компоненти на хибридната спрега изнесува одвај дваесетина килограми во споредба со 1,6 Valvematic со менувач CVT. Приближно толку килограми додава и продолжениот опаш на комбито. Мултилинк задната оска примерно се справува со оваа екстра тежина додадена во чувствителното подрачје за возните својства. Дури и при провоцирано силно сопирање во остар свијок не се чуствува дека опашот сака да „побегне“, пред да зграби контролата на стабилноста.

toyota auris hybrid touring sports 7

Оваа неутралност произлегува и од фактот што батеријата е пред задната оска, под клупата. Таа практично компензира за продолжениот опаш. Кај конкуренцијата постојат модели што во намерата да постигнат рекордна носивост буквално скокаат на секоја нерамнина, кога задната клупа и багажникот не се оптоварени. Не е случај тука. Отсуствува и одѕвонувањето во кабината коешто долги години беше пратечки оркестар на комби изведбите и сé уште опстојува кај некои теренци.

Auris е во најдобрите години – како и секој друг автомобил по фејслифт

Компактот на Toyota се однесува како секој автомобил по фејслифт, или барем повеќето. Освежената генерација на Auris е веќе втора година на пазарот, со значајни преправки во подвозјето во насока на подобрување на возните својства и комфорот. За сé што можеше да се забележи претходно – за слабата повратна информација во управувањето и извесната нервоза во неутралната положба, за сувото удирање на груби нерамнини или за резервираната возна динамика, вклучувајќи осетно странично навалување на каросеријата – повеќе нема простор.

Трендот на урбани теренци, дисплеи што читаат од рака и автопилоти е само замачкување очи и обид производителите да наплатат неколку илјади евра повеќе. Во време кога индустријата со години наназад продава фејслифт како нова генерација, хибридниот погон е единствениот суштински напредок. Сé друго е лажен напредок, додека електрификацијата не стане неизбежна

Целото возачко искуство во Auris Hybrid може да се окарактеризира како ненападно, повеќе релаксирано, отколку здодевно. Најголемата заслуга повторно ја има погонот. Во време кога пионерот Prius е во четврта генерација и погонот со две срца преоѓа во секојдневие, уште постојат обиди да се постави најточната дефиниција на хибридниот погон. Поточна дефиниција од онаа што ја кажуваат во центарот на Toyota не постои: „Хибридот штеди таму кадешто останатите трошат најмногу.“

[tie_slideshow]

[tie_slide]

Технички податоци · Toyota Auris 1.8 VVT-i Hybrid Touring Sports

Мотор Ознака 2ZR-FXE, 4 цилиндри, dohc, 16 вентили со VVT-i, директно впрскување на гориво, работна зафатнина 1798 ccm, пречник и од 80,5 x 88,3 mm, компресија 13,0:1, системска моќност 136 КС при 5200/min (бензински мотор 142 Nm при 4000/min, електромотор 207 Nm), издувна норма Euro 6 Електромотор/Генератор Перманентен синхронен мотор, максимален напон 650 V, моќност 82 КС, батерија Ni-Mh, номинален напон 201,6 V, број на ќелии 28, капацитет 1,31 kWh, капацитет 6,5 Ah Погон и пренос Погон напред, планетарен преносник Подвозје Напред Мекферсон, стабилизатор 23,2 mm, назад мултилинк, стабилизатор 22,0 mm, управување со запчеста летва, електрично сервоуправување, преносен однос 14,8:1, вртежи меѓу крајни положби 2,67, круг на вртење 11,0 m, напред вентилирани сопирачки дискови 277 mm, назад дискови 270 mm, гуми 195/65 R15 91H Тежини Празно возило 1335 kg, дозволена тежина 1815 kg, приколка со сопирачки 345 kg Аеродинамика cW 0,29 Надворешни димензии Д х Ш х В 4595 х 1760 х 1485 mm, меѓуоскино растојание 2600 mm, ширина на трага напред 1535, назад 1525 mm, растојание од подлога 140 mm Багажник 530 / 1658 L Внатрешни димензии Д х Ш х В 1830 х 1485 х 1180 mm Перформанси Крајна брзина 175 km/h, забрзување 0-100 km/h за 11,2 s Потрошувачка на гориво (град/пат/просек) 3,5 / 3,4 / 3,5 L/100 km, резервоар 45 L Емисија на СО2 81 g/km

[/tie_slide]

[tie_slide]

Цени за Toyota Auris Hybrid

(извадок од ценовникот на Тојота Авто Центар)

Auris Hybrid Light 20.490 евра

Auris Hybrid Fancy 21.990 евра (акциска цена 18.990 евра)

Auris Hybrid Chic 23.990 евра

Auris Hybrid Touring Sports Fancy 22.490 евра (акциска цена 20.490 евра)

Auris Hybrid Touring Sports Chic 24.490 евра

Доплата за металик боја: 300 евра

Доплата за бисерна боја: 400 евра

Доплата за бела боја: 250 евра

[/tie_slide]

[tie_slide]

Сериска опрема и гаранции · Toyota Auris Hybrid

(извадок од ценовникот на Тојота Авто Центар)

Ниво на опрема Fancy (тест-возило)

ABS, контрола на тракција, контрола на стабилност, помош при поаѓање на нагорнина, 7 воздушни перници, автоматска клима, електрика на сите прозорци, електрика и греење на ретровизори, радио, USB, блутут, алу-бандажи 16 инчи и гуми 205/55 R16, диодни дневни светла, централна брава со далечинска команда, камера назад, дисплеј на допир од 7 инчи, темпомат, предни магленки, кожа на волан, грејачи во предни седишта, шини за багаж на покрив и преградна мрежа во кабина

Гаранции

6 години или 200.000 km на хибриден погон, 5 години или 100.000 km на батерија

Гаранција за заштита од корозија: 12 години

10 години бесплатна грижа за хибридната батерија

Доплата за патна помош: 5 години (Македонија) 2900 денари, 5 години (Европа) 3900 денари

[/tie_slide]

[/tie_slideshow]

Тоа ја искажува сета суштина. Одушевувањето не е во тоа што електромоторот се вклучува и погонот повлекува убедливо кога педалот ќе се притисне до крај, ниту пак уживањето е во постојаното зјапање во средишниот дисплеј кадешто се прикажува што точно работи погонската спрега во моментот, а целта најмалку е во задршката да се вози побрзо.

toyota auris hybrid touring sports 1

Најдобро е воопшто да не се префрлува на „мониторот на погонската спрега“ за лов на рекорди во штедливост, целосно да се заборави на електриката и возачот и патниците да се препуштат на уживањето во хибридниот погон. Возачот може да биде спокоен дека во секој момент има на располагање и повеќе од доволно сила, чиешто активирање нема да се наплати при првото полнење гориво, а патниците ќе уживаат во тивката кулиса, добрата просторна понуда и пријатното возење. Можеби некој ќе се чувствува поспокоен од фактот што возилото не ја загрозува или доуништува животната средина.

Toyota Auris Hybrid штеди и при возење по автопат: Еткинсоновиот циклус на 1,8-литарскиот VVT-i постигнува повисок степен на ефикасност од кој било обичен бензински мотор

Toyota Auris Hybrid, токму во комби изведбава, функционира слично како временска машина – под претпоставка да постои таква машина. Се пристига до одредиштето, возилото се паркира незабележливо, во небетонирана природа во некој од македонските краишта во коишто луѓето повеќе сакаат да погледнат околу себе отколку да заглупуваат во паметниот телефон. Затечените животоуживатели не се вознемируваат од појавата на автомобилов, како што обично се случува со некој нашминкан СУВ, мув или кросовер, дури и никој не знае дека во него работи напреден хибриден погон.

toyota auris touring sports hybrid 008_1

Отворањето на задниот капак го комплетира враќањето назад во времето. Замирисува на скара (не онаа што им го загадува воздухот на полит-забавувачите), човек лесно се втопува во природниот џагор во замена за растропани и зомбифицирани лимузини. Релаксација и реанимација а ла хибрид.

toyota auris touring sports hybrid 058_1

Дали седиштата се добри и сите прекинувачи на број, дали „инфотејнментот“ чита е-пошта и дали бандажите требало да бидат за еден инч повисоки, апсолутно е неважно. Фактите се други: Auris е во најдобрите години – по фејслифт, во Европа не постои хибриден автомобил што се продава повеќе, моделот брилјира во извештаите за издржливост на Германците, а најмалку е неважно тоа што го носи логото на светскиот број еден.

Има уште еден модел под Toyota Auris Hybrid

Цената е сензационална и ќе остане репер меѓу хибридните возила во класата и во следните неколку години (заедно со Yaris Hybrid во градската класа, со акциска цена од 15.500 евра). Нема да биде изненадување и ако хибридното комби во видно време се појави во помасовен број како дел од возниот парк на компаниите што ќе ги препознаат фантастичните можности за заштеда.

toyota auris touring sports hybrid 056_1

Што се однесува до „D-прашањата“: Автомобил со хибриден погон се вози заради уживање, а тоа пак бара извесна умешност во резонирањето; Потрошувачката во град е недостижна за кој било автомобил со конвенционален погон, под услов резонирањето да опфаќа основни математички операции; На хибридот не му се трошат батериите, затоа што веднаш потоа се полнат.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

101
22 shares, 101 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3730