за ,

Тест: Skoda Kodiaq 2.0 TDI DSG 4×4 Style

Преименување на цел остров во најдалечните краишта на Аљаска, спектакл за премиерата во Берлин и лет над Алпите – тоа беше само дел од сценариото за пристигањето на Skoda Kodiaq. Сега следува враќање во реалноста. Го оправдува ли големиот теренец сиот овој публицитет?

Уште откако Skoda го претстави концептниот VisionC како најава за актуелниот Superb на салонот во Женева пред три години, впечатокот не се менува. Сето внимание на јавноста кон марките што се под покривот на Волфсбург, настрана од дизел-аферата, како да е сосредострочено кон Skoda. Нешто големо се случува во чешката марка на Volkswagen, или поточно, веќе се случи.

Skoda ја заврши својата трансформација. Во постојаното меѓусебно репозиционирање и реоткривање на армадата од марки под заштитниот знак на VW, Чесите напредуваа најдалеку и први го заокружија новиот настап на својата марка. На матичниот Volkswagen му преостануваат уште неколку години додека го врзе електричниот погон со својот имиџ, Audi наесен конечно ќе го реализира екстра-неопходниот стилски апдејт со новата генерација на A8 со цртите на концептната серија Prologue, додека Seat уште не е дефиниран конечно.

Kodiaq е втората Octavia за чешката марка на Volkswagen

Ова што Kodiaq сега го чини за Skoda, не може да се опише или доживее поинаку, освен вака: Kodiaq е „втората Octavia за чешката марка. Поточно, трета, ако се зафаќа подалеку во историјата. Но, зошто Kodiaq е втората Octavia за Skoda? Кога новата генерација на моделот со ова име се појави во 1996 година, пет години по преоѓањето на марката под Волфсбург, Octavia изврши автомобилска револуција еквивалентна на спуштањето на железната завеса.

Kodiaq го заокружи процесот на реиновирање на Skoda

Десет години подоцна следува Kodiaq, во комплетно нов сегмент за Skoda, еволуиран во стилската насока од Superb, дотеран и усовршен до последната завртка и исполиран до последната површина што е видлива за око. Веројатно и под неа. Буквално не преостанува ниту еден детаљ што е недоработен, како во почетоците под VW – и под налог на „волците“. За да биде појасно што претставува големиот теренец за маркава: Kodiaq е единствениот автомобил што може да го засени Superb. Нешто како SuperSuperb.

Дека Kodiaq е голем, тоа се гледа, дека носи впечатлив дизајнерски потпис, тоа се гледа уште подобро. Не е случајност тоа што Јозеф Кабан во февруари беше зграпчен да дизајнира за BMW.

Skoda Kodiaq покрива неверојатно широк дијапазон на цени, од 20.000 до близу 60.000 евра

Во вообичаениот манир на Порше Македонија, Skoda Kodiaq се појавува на тест во „супербна“ моделска изведба, со дволитарски дизел со 190 КС, кој следува стандардно со погон на сите тркала и седумстепен менувач со двојна спојка, во ниво на опрема Style. Сето тоа чини 38.040 евра, речиси двојно повеќе отколку основниот модел со 1,4-литарски TSI со 125 КС и ниво на опрема Active. Со сите вклучени опции, тестираниот примерок чини 41.127 евра.

Просторноста на кабината небаре се оценува според критериуми за избор на стан

Теренецот сепак не се прикажува лажно во оваа добро наоружана варијанта. Просторноста и функционалноста на кабината остануваат неприкосновени и својствени за сите моделски изведби на Kodiaq. Иако каросеријата е само 40 милиметри подолга од Octavia, внатрешноста постигнува растојание од близу 1,8 метар од педалот за гас до горниот раб на задната клупа, повеќе од метар и половина меѓу потпирачите за рака во вратите – напред и назад – како и повеќе од еден метар висина при седење. Буквално, салон на тркала. Задната клупа лизга надолжно 18 сантиметри, потпирачот за грб се мести по агол.

Со доплата од 715 евра, следува и трет ред седишта. Простор има на располагање толку што дури и кога задната клупа ќе се помести нанапред до крај, за колената останува простор колку во компактна комбилимузина. Тоа значи дека дури и кога е зафатен последниот ред седишта, патниците во средниот ред нема да жртвуваат премногу од својот простор.

Повеќе нема траги дека Волфсбург диктира до каде смее да „оди“ Skoda

Завршната изработка веќе е созреана во константа на ниво на целиот концерн, истата е повеќе нагласена во нивото Style, со неколку украсни детали и дополнително со амбиенталното осветлување. Доплатата од 472 евра за алкантара по средишниот дел од седиштата заслужува препорака, повеќе поради тоа што телото дише и се држи подобро, отколку поради стилското освежување. Седењето е беспрекорно – поглавјето со прекусата задна клупа кај претходната генерација на Superb, наспроти фантастично долгиот простор за нозе, одамна е завршено.

„Мечката“ на Skoda не стравува од природните предизвици

Фин потег е тоа што помошта од електромотор за отворање на задниот капак следува стандардно веќе од средното ниво на опрема. За отворање на багажникот со замавнување со стопало под браникот, се доплаќа 150 евра. Останатите опции исто така се одликуваат со прочуената широкоградост на Skoda. Дел од опциите во тест возилото: Затемнети задни стакла 128 евра, радарски темпомат 241 евро, четири камери што возилото при паркирање го прикажуваат од птичја перспектива 353 евра, бандажи од 19 инчи 451 евро, озвучување од Canton 320 евра, металик лак 300 евра. Неколку изненадувања пристигаат како дел од стратегијата „едноставно мудро“ – на пример, заштитата на рабовите на вратите, во форма на пластични лајсни што се извлекуваат при отворањето на вратата и се поставуваат врз страничниот раб, за потоа самостојно да се вовлечат при затворањето на вратата.

Комфорот е заеднички именител во сите подрачја на оценување

Од однесувањето на Skoda Kodiaq во возење не треба да се очекуваат изненадувања. Но, пријатно е да се почувствуваат способностите. Големиот теренец ја користи платформата MQB, којашто за разлика од старата „платформска стратегија“ не користи масивни модули, туку повеќе се однесува на можноста конструкторите да посегаат по систем од заеднички компоненти, што овозможува досега невидена флексибилност во браншата. Нешто како лего-коцки. „Финтата“ е во тоа што овие компоненти одговараат и за автомобил од средна класа и компакт, за комбилимузина и теренец.

Општиот впечаток: Комфор. Попрецизно: Комфооооор!!! Тоа се однесува подеднакво и на акустиката и на амортизацијата. Во Skoda Kodiaq не може да се наслушне непријатно „тапанарење“ што доаѓа од просторот на багажникот и уште е присутно кај дел од конкурентите. Истото важи и за амортизацијата, чијашто реакција на нерамнини на патот при запознавањето со возилото секогаш е над очекуваното – дури и покрај бандажите од 19 инчи. Дволитарскиот TDI постојано е некаде во заднина, а кога ќе се заврти повисоко, леснотијата и тонот потсеќаат на дизелите на BMW.

Функцијата на едрење внесува мала забуна при возење во град со вклучена еко-програма

Но, не мора сé да биде по волја. Идејата да се вклучи еко-програмата, којашто ја почитува целата погонска спрега, претставува добра можност за расипување на возачкиот ден. Седумстепениот DSG (од новата генерација на VW, премиерно во Skoda) премногу се колеба дали да префрли во понизок степен кога ќе се побара само малку поубедливо забрзување, возењето постојано е проследено со чувство дека менувачот е во степен превисоко. Контролната електроника премногу строго го разбира налогот за штедење. Тоа сепак е дело на функцијата на „едрење“, во којашто се прекинува погонската спрега при секое отпуштање на педалот за гас и се овозможува возилото да се движи по инерција, без ефект на моторно сопиурање и без отпорите во погонот. Затоа: Да, за еко-програмата на пат, Не за возење низ град.

Недостига „апдејт“ со ротациски прекинувач за централно ракување со функциите

На крај, изборот на програмите за возење ќе се најде на „спорт“. Тука, новиот DSG надоместува комплетно. Најдобро, на кривулест и неоптоварен пат. За разлика од многубројни автомобили со менувач со двојна спојка што ја поседувале опцијата за мануелно менување на степените со рачките зад воланот, во Skoda Kodiaq возачот навистина сака да ја користи оваа опција.

За тоа во голема мера придонесува и подвозјето. Идејата да се префрли во повисок или понизок степен додека страничното забрзување веќе се чувствува во стомачните мускули и на тој начин да се провоцира будноста на системите за контрола на стабилноста, тука завршува безуспешно. Водењето на тркалата постигнува совршен баланс, речиси е неверојатно дека автомобил со габарити и тежина на Skoda Kodiaq може да прикаже и сервира толку убедлива спортска нота во возењето. Мала заслуга тука има XDS+, а малку поголема и контролата на погонот на сите тркала.

Со доплата од 300 евра, Kodiaq може самостојно да ја следи колоната во застој – и во благи свијоци

Од системите за асистенција, не само што понудата ги вклучува сите можни „помошници при возење“, туку дел од нив следуваат и како стандард, барем во Style. Радарскиот темпомат, доколку се комбинира со систем за следење лента (опција 332 евра), може самостојно да го запира и поаѓа возилото при застој, па дури и да го контролира правецот до одреден лимит – автопилот во зачеток. Контролата над мртвите агли е фабрички стандард во топ-нивото на опрема, исто како и динамични диодни светла или препознавање замор на возачот.

Конечно флексибилност во користењето на можностите што ги нуди големиот дисплеј во кокпитот

Во поглед на инфо-забавните системи се чувствува дека некој во Skoda (и општо во Volkswagen, секако) се потрудил да го присобере огромниот расчекор меѓу тоа што автомобилската бранша го нуди во своите автомобили и тоа што веќе одамна е станато неизбежен придружник во секојдневието, паметниот телефон. Дури и индуктивно полнење е стандарден репертоар во Style.

Автомобилот сепак не е мобилен телефон и ракувањето со намножените функции што стојат на располагање не може да се сведе на постојано чепкање по дисплејот на допир или по командите на воланот. Тоа што недостига – барем во ниво на опременост и „класна зрелост“ како во тестираниот примерок – е обичен ротациски прекинувач меѓу седиштата, за централизирано командување со почесто користените функции. MMI, на пример, или ракување преку гестикулација, како кај фејслифтот на Golf. Но, тоа е само електроника и вештачка интелигенција. Kodiaq во секој случај ја има суштината.

[mks_pullquote align=”left” width=”800″ size=”16″ bg_color=”#000000″ txt_color=”#ffffff”]Теоретски, тоа што Skoda го нуди дополнително наспроти конкуренцијата е празен простор. Octavia има повеќе празен простор во кабината и во багажникот, и тоа ја поставува над компакт-класата, кадешто припаѓа теоретски. Истото важи и за Superb, а сега и за Kodiaq. Теренецот припаѓа во класата на VW Tiguan, но цели кон Touareg. Фактичката ситуација е драстично поразлична. Празниот простор е облагороден, дадена му е содржина во смисла на мотото „Едноставно мудро“. Сеедно што Skoda Kodiaq е „само“ Tiguan XL, во поглед на просторноста, функционалноста, комфорот особено, нема потреба од повеќе. Големово парче Skoda може да биде разумен избор, со посегање по основните моделски изведби, но може да добие и премиум карактер, доколку топ-модел како тестираниот се надгради со сите опции што стојат на располагање. Ценовниот дијапазон е огромен, од 20.000 до близу 60.000 евра, противвредноста во секој случај ќе биде „супербна“.[/mks_pullquote]

[mks_accordion]
[mks_accordion_item title=”Технички податоци“]
Мотор турбодизел, напред попречно, турбополнач со променлива геометрија, две брегасти вратила во глава, 4 цилиндри, 1968 ccm, пречник и од 81,0 х 95,5 mm, моќност 190 КС при 3500-4000/min, вртежен момент 400 Nm при 1750-3250/min, компресија 15,5:1, Еуро 6, впрскување под висок притисок со заеднички вод Погон и пренос Погон на сите тркала со автоматска распределба на вртежен момент, две коаксијални повеќеламелни спојки со електрохидраулична контрола, 7 степени на пренос, DSG, мануелно менување степени Tiptronic Подвозје Напред мекферсон со долни триаголни водилки и стабилизатор, назад мултилинк со една надолжна и три попречни водилки, стабилизатор, електромеханичка паркирна сопирачка, електромеханичко сервоуправување, бандажи 7Јх17, гуми 215/65 R17 Димензии Д х Ш х В 4697 х 1882 х 1655 mm, меѓуоскино растојание 2791 mm, растојание од подлога 187 mm, ширина на трага напред 1586, назад 1576 mm, багажник 650-835/2065 литри Тежини Празно возило 1752 kg, носивост 6575 kg, товар на покрив 75 kg, приколка со сопирачки 2500 kg, резервоар 60 L Перформанси Крајна брзина 210 km/h, забрзување 0-100 km/h за 8,9 s Потрошувачка Град / Пат / Просек 6,6/5,3/5,7 L/100 km Емисија на СО2 150 g/km[/mks_accordion_item]
[mks_accordion_item title=”Сериска опрема“]
Опрема во топ-ниво Style

Комплетно диодно осветлување напред, диодни стоп-светла, предни магленки со осветлување во свијоци, самостојно запирање при појава на пречка, автоматски тризонски клима уред, радио Bolero со дисплеј на допир од 8 инчи, гласовни команди и Mirror Link, блутут, USB, SD Card, греење на предни и задни седишта, лумбално местење на предни седишта, алу-бандажи 7х18 Triton, паркинг-сензори напред и назад, камера за рикверц, рабна заштита на врати, автоматско собирање на ретровизори, 7 воздушни перници, темпомат, автоматика на светла и бришачи, електромотор за ракување со заден капак, стартување на копче, алу-педали, пакет за лоши патишта, трикрак мултифункциски волан, кожа на волан и на рачка на менувач, греени прскалки за ветробран, амбиентално диодно осветлување во 10 бои, хромирани лајсни на странични прозорци и на прагови, рачна светилка во багажникот, избор на програми за возење – вклучувајќи теренска програма, предупредување при замор на возач
[/mks_accordion_item]
[mks_accordion_item title=”Дополнителна опрема“]
(нагласените ставки се вградени во тест возилото, ставки достапни за Style, цени во евра)

Трет ред седишта 715, варијабилен под на багажник 140, држач за таблет 42, сончев покрив, лизгачки 931, греење на ветробран 241, електрично местење на предни седишта 863, алкантара ентериер 472, кожени седишта 681, кожени спортски седишта 892, кожени седишта со вентилирање 1089, влечна кука 773, сребрени кровни шини 126, двострана прекривка на багажник 39, греење во место со далечинска команда 910, преклопливо совозачко седиште (превоз на предмети до 2,8 метри) 77, асистенција при паркирање со приколка 592, четири камери со приказ од птичја перспектива 353, дополнително затемети задни стакла 128, виртуелна педала за отворање заден капак 150, радарски темпомат до 160 km/h 241, следење на мртвите агли 332, приспособлива амортизација 744, аларм 217, фамилијарен пакет 47, навигација Admunsen со мапи за Централна и Источна Европа 315, 3D навигација Columbus со пристап на интернет 967, озвучување Canton 575 W, сабвуфер 320, приклучок 230 волти, USB 125, алу-бандажи 7×19 Triglav 451, металик лак 300

[/mks_accordion_item]
[/mks_accordion]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Стартуваше производството на новата Ford Fiesta

Отворен новиот центар за Jaguar и Land Rover во Скопје