за ,

Тест: Mitsubishi Outlander 2.2 DI-D Instyle

Со промени во повеќе од сто подрачја, Outlander продолжува во втората половина од моделскиот век. Како резултат од промените, премиум карактерот на моделот се чувствува многу поубедливо.

Outlander е шампионот во трансформација на Mitsubishi. Моделот што стартуваше уште рано во 2001 година, како срамежлива кросовер изведба врз основа на тогашниот Lancer, во втората генерација прерасна во еден од најдинамичните модели во сегментот, за потоа повторно да им се препушти на мирните води, со умерен дизајн и јасен нагласок на комфорот – сé во чест на прифаќање на хибридната изведба во понудата, којашто набрзо се покажа како вистински хит. Уште не дошло време за новата генерација, а Outlander веќе ѝ се препушти на следната трансформација. Таа, пак, најавува уште една промена.

Dinamuc Shield е носечкиот елемент во новиот дизајнерски печат на Mitsubishi
Dynamic Shield е носечкиот елемент во новиот дизајнерски печат на Mitsubishi

Со фејслифтот што следува на половината од моделскиот век на третата генерација на Outlander, повторно зовриваат спортските гени на Mitsubishi. Уште со студијата Outlander PHEV Concept-S од ланскиот салон во Париз беше најавено дека набрзо ќе следува промена на дизајнерскиот концепт на кросоверот од средната класа. И ете го Outlander, прв со Dynamic Shield, со доминантни три дијаманти во маската и впечатливи хромирани „рогови“, кои изгледаат како да сакаат да ја растераат во меѓувреме натутканата конкуренција и да ѝ порачаат јасно: Ова е марката со рели-шампионите Lancer Evo и Pajero, а не заборавајте го и легендарниот 3000 GT.

Со зафатите во дизајнот, каросеријата изгледа како да е поширока и пониско од порано. Носечки елемент во новиот изглед се и светлата, кои се развлечени странично и стандардно располагаат со диодна техника на осветлување во највисокото ниво Instyle. Изгледот е освежен и со фалбаџиската заштита на подвозјето во мат сребрена боја напред и назад, со црните арки на крилата и по должината на праговите, како и со хромирана лајсна меѓу задните светла. Како „гратис“ доаѓаат и елегантни алу-бандажи од 18 инчи, со гуми 225/55 R18.

Седиштата имаат оптимирани контури што многу подобро го поддржуваат телото

Промените во кокпитот се суптилни, но во целина се постигнува впечаток на значително подобрена завршна изработка – со исклучок на прекинувачите под воланот или во средишната конзола во делот меѓу седиштата, кои и натаму изгледаат „рустикално“. Тоа што е многу позначајно од сјајниот финиш на арматурната табла во црна боја, во стил на традиционалното јапонско занаетчиство, или од маркантната опшивка на платнените облоги, секако се подобрените седишта. Контурите на седиштата се оптимирани, со поцврсто полнење во ергономски „стратешките“ подрачја, така што се постигнува многу подобра поддршка на телото отколку во седиштата пред фејслифтот. Подобрен е и системот за навигација, со оптимирана структура на менито и со многу подобрено чувство при ракувањето со дисплејот на допир. Нови детали се и држачот за очила во таванот и внатрешниот ретровизор со автоматска заштита од заслепување.

Многу од подобрувањата не се забележуваат, на пример, зголемениот удел на челик со висока цврстина во каросеријата, заради зголемување на крутоста
Многу од подобрувањата не се забележуваат, на пример, зголемениот удел на челик со висока цврстина во каросеријата, заради зголемување на крутоста

Сето ова се само козметички зафати во споредба со промените што се случија во подрачјето на каросеријата, со цел да се постигне уште попријатна акустична кулиса во кабината. Техничарите работеа на повеќе од 40 точки, во насока на зголемување на крутоста на каросеријата, но и на модификации, како замена со подебели лимови и додавање зајакнувања – според принципот, тоа што не тресе, не произведува ниту дополнителни звуци. Техничките зафати опфатија дури и поголем обем на примена на челик со висока цврстина во каросериската структура, со 980 MPa, наспроти 440 MPa кај претходниот модел. Тоа што Mitsubishi сé уште го води како фејслифт, всушност е половина нов модел.

Оптимирањето на акустиката ги опфаќа и новиот ветробран со звучна изолација, сменетите заптивки на вратите, и како што може да се дознае во деталниот опис од Mitsubishi, во уште мал милион изолациски материјали и динамични држачи. Ефектот се чувствува уште веднаш по затворањето на вратите, што е проследено со полн и убедлив звук, но и во отсуството на непријатното ехо што вообичаено се шири низ кабината на големите теренци при минување преку груби нерамнини во подлогата. Звуците од ветрот се комплетно изолирани до темпо од кое што се губи возачката дозвола, а до кабината помалку пробиваат и звуците од работата на подвозјето и моторот.

Подвозјето реагира похармонично од порано, со погоден баланс меѓу динамика и комфор

Заедно со комфорот е подигнато и нивото на динамика во возењето. Примената на попречен носач на елементите од водењето на тркалата на предната оска со поголема крутост произведува многу попрецизно и подиректно чувство зад воланот, на што се надоврзуваат и промени во самото сервоуправување, со интервенции во модулацијата на електричната поддршка и во намалување на триењето во самото управување.

На Outlander не му се потребни „насоки“ каде смее, а каде не смее да вози. Погонот на сите тркала е еден од специјалитетите на куќата
На Outlander не му се потребни „насоки“ каде смее, а каде не смее да вози. Погонот на сите тркала е еден од специјалитетите на куќата

Има објаснување и за тоа што навалувањето во свијоци е намалено и неутралноста на подвозјето при нагло одземање гас или корекција со воланот среде свијок е подобрена во споредба со моделот пред фејслифтот. Амортизерите и пружините имаат променети параметри, вклучувајќи подебели амортизери на задната оска. Во возните својства е воедно и суштинската промена кај „новиот“ Outlander. Управувањето реагира полинеарно и со попрецизна повратна информација, минувањето преку нерамнини во патот при висока брзина не предизвикува промена на правецот, а на крајот, кросоверот сé уште може да се оквалификува како комфорен.

Во моторот немаше што да се менува, освен преоѓањето на Euro 6. Дизелот од 2,3 литри што Mitsubishi упорно го води како 2.2 DI-D, исто како и порано, повлекува моќно и испорачува сé што има веќе при 3.500 вртежи, така што натамошното „вртење“ е бескорисно, но затоа е повеќе од корисен максималниот вртежен момент од 380 њутнметри при 1.750 вртежи. Добро промислена функција додека погонската спрега работи во еко-модус е „будењето“ на моторот кога возачот посилно ќе притисне на педалот за гас, за да се ангажира полната моќност, на пример при забрзување или извлекување од критична ситуација во возењето. Одовите на рачката на менувачот да бидат изведени пофино и помеко, но од друга страна, менувачите на Mitsubishi се докажани во издржливоста и секако може да се најде оправдување за таа „рустикалност“.

Потрошувачката во реални услови на возење е под 8,0 литри, што се должи и на лесната каросерија

Згодна фунција е спомнатата еко-програма, кога моторот, климатизацијата и погонот на сите тркала се префрлуваат во штедлив режим, кога интелигенцијата на возилото се грижи да постигне заштеда, без притоа да влијае негативно врз уживањето во возењето. На крај произлегува просечна потрошувачка што се движи околу вредноста од 8,0 литри, што го квалификува Outlander како еден од поштедливите модели во класата. Како корисно помагало се покажува и еко-индикаторот, кој на возачот точно му сугерира до каде може да го „притиска“ моторот за да се постигне примерна штедливост. Може да се повика и запис на патниот компјутер кој ги регистрира вредностите на потрошувачката во претходните возења, заради споредба – хибридниот Outlander PHEV испраќа поздрав.

Светлата со диодна техника на осветлување за сите функции е стандард во нивото Instyle
Светлата со диодна техника на осветлување за сите функции е стандард во нивото Instyle

Тестираниот модел е со врвното ниво Instyle, со цена од 35.980 евра и со луксузни ставки во опремата, од типот на кожени седишта со електрика за возачкото седиште, озвучување Rockford Fosgate со моќност од 710 вати, сончев покрив и електромотор за капакот на багажникот, но и со ставки што се релевантни за безбедноста, како диодни светла, за кои што обично се доплаќа кај европските модели.

Тоа што исто така го разликува Outlander од европската конкуренција е „поврзувањето“ на напредните системи за асистенција само со верзијата со автоматски менувач. Во тој случај следуваат радарски систем за самостојно запирање при опасност од судир, активен темпомат што самостојно го одржува темпото со возилата напред и предупредување при напуштање лента – како стандард во Instyle.

Влезот во Outlander чини 29.980 евра, за верзијата со ниво Intense, каде сé уште следуваат автоматски клима уред, алу-бандажи од 16 инчи, сензор за дожд, електрично собирање на ретровизори, темпомат и мултифункциски кожен волан. Следното скалило е Intense+, со цена од 32.980 евра и дополнително опремено со алу-бандажи од 18 инчи, пристап и стартување без клуч, голем средишен дисплеј, блутут поддршка и трет ред седишта.

Духот на Lancer Evo ќе продолжи во екстремните спортски верзии од новите кросовери

Од првите две генерации на Outlander, од јуни 2001 до април 2012 година се продадоа над 960.000 примероци, додека третата генерација, по стартот во 2012 година достигна 320.000 примероци до јуни годинава. Само европскиот пазар прими 94.796 примероци од актуелниот модел, при што хибридниот Outlander PHEV учествува со 42.530 примероци. Токму хибридниот модел е тој што ќе биде пресуден за новата ориентација на Mitsubishi.

Јапонската марка претходно објави дека не планира наследник на спортската икона Lancer Evo. Затоа, пак, неговото место, според изјавите на челниците во марката, веројатно ќе го пополнува со екстремни спортски изведби на новата генерација кросовери – со хибриден погон. На тој начин Mitsubishi ќе ги задоволи строгите норми за издувни гасови, но ќе излезе во пресрет и на љубителите на спортските модели на марката. Според тоа, сегашниот фејслифт на Outlander веќе ја најавува следната трансформација. Outlander PHEV, меѓу другото, веќе е пуштен во трки по беспаќата, да лови победи за марката. Гените го прават тоа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

4K Epic Mountain Drone Video Filmed By Eric Novak

Дизајнерската ѕвезда на концернот Volkswagen заминува во пензија