107
15 shares, 107 points

Комби-купето е последниот свеж потег во каросериската форма и тоа можеби би прераснало во нов тренд, доколку Mercedes CLA Shooting Brake не беше толку совршен во својата форма, што секаков обид конкуренцијата да излезе со сличен предлог ќе се препознае како плагијат.

Најмалечкиот Mercedes излезе мошне голем автомобил. Четири метри и 63 сантиметри, толку мери оваа неортодоксна креација што во понудата од модели на Mercedes се повикува на ознаката CLA Shooting Brake и ја дели основата со стандардната комбилимузина од класата А. Но, димензиите не се тие што прават комбито од CLA да биде голем автомобил, туку стилот што тој го носи со себе и непоколебливо го покажува каде и да се појави. Да можеше автомобилскиот свет да погоди точно дека последната варијанта во гамата од компактни модели ќе се појави со оваа форма, експлозијата на еуфоријата несомнено ќе ја одложеше до појавувањето на малечкиот брат на CLS Shooting Brake, место да ја ослободи уште веднаш при дебито на првиот од петорката модели.

CLA е дел од најтемпераментното моделско семејство, ослободено од сите класични пранги на премиум сегментот
Како дел од најтемпераментното моделско семејство компакти во премиум сегментот, CLA ги надминува класичните пранги и внесува свежина и во кокпитот

CLA Shooting Brake не е само кулминација на компактните модели на Mercedes, туку и доказ дека марката со ѕвездата е подготвена да понуди ексклузивни и созреани стилски концепти во сегмент што е близок до поширок круг купувачи, отколку CLS Shooting Brake. Релативно близок. Со цената, CLA се приближува до класата C, за што има и право, како модел со повисока спецификација и возвишено хиерархиско место во споредба со стандардните модели со „само една буква“. Тоа сепак нема да предизвика канибализам во сопствените редови, затоа што купувачите на класата C по правило ќе си останат верни на својата автомобилска кауза, додека CLA Shooting Brake ќе лови и надвор, меѓу купувачите што одбиваат да се приклонат на главната струја и место теренец или каков било кросовер избираат индивидуално, за себе.

Повеќе простор и полесен пристап назад од купе-лимузината

Колку тогаш е голем Shooting Brake како автомобил? Тој за купе-лимузината CLA е исто како што T-Modell е за лимузините од класите C или E. Најпросто, Shooting Brake е комби на купе-лимузината CLA. Обата модела се идентични до средниот столб, но на задната клупа кај стилското комби следуваат четири сантиметри повеќе слободен простор над главата и поширок изрез на вратите, заради полесен пристап и излегување. Со тоа, Shooting Brake уште е далеку од тоа да понуди просторност на лимузина од средна класа, исто како и функционалност на комби.

Најдоцна откако ќе се отвори задниот капак се разбира поентата на ова комби што свесно се откажува од лов на максимален простор во багажникот и елегантно го спушта покривот само со цел да постигне целосна хармонија на линијата, место да продолжи право назад и да обезбеди уште неколку стотини литри повеќе простор во багажникот. Додека обичните комби модели по отворањето на задниот капак изгледаат како гаража или бродски контејнер, овој го прикажува пристапот до товарниот простор на стилски начин, поинаку. Со други зборови, дизајнерите очигледно земале во предвид како Shooting Brake ќе изгледа и со отворен заден капак.

Во ова комби стилот е поважен од практичноста

Стил пред практичност, тоа е мотото на автомобилов во овој поглед. Товарниот праг на багажникот е висок, отворот се стеснува долу, куферите не смее да бидат превисоки ако се оставаат исправено. Со зафатнината од 495 литри е сè во ред. Просторот што се жртвува со косото спуштање на покривот се огледува во максималната зафатнина од 1.354 литри, што е стотина литри помалку во споредба со конвенционалните комби-модели со слични габарити на каросеријата. По соборувањето на задната клупа останува гребен во подот на багажникот и тоа го отежнува лизгањето на потешки или погабаритни предмети по подот, а претходно треба и предните седишта да се поместат понапред. Тоа, пак, воопшто не ја намалува вредноста на комбито од CLA. Зборот товарање е премногу груб, тука повеќе одговара одлагање или ставање на место. Одлагање опрема за голф, спортски реквизити, одвреме навреме превоз на некоја уметничка фигура за дома. Shooting Brake е продолжение на животниот стил, возило за активни луѓе, место алатка за занаетчии.

Високата безбедносна резерва на подвозјето е основа за забавата во возењето

Неговите возачи треба да бидат активни и во возењето, односно барем да умеат да уживаат во високата динамика што ја обезбедува подвозјето, во манирот познат од целата низа компакти на Mercedes, од класата А до GLA. Гените на компактниот Mercedes се препознаваат најмногу во лесната управливост и агилноста во водењето на тркалата. Купе-комбито го има истото широко гранично подрачје на стабилност како класата А и истиот совршен баланс во суспензијата и во работата на контролата на стабилноста. Преку директното управување со феноменална повратна информација и дозволата од контролата на стабилноста за мало странично лизгање, Shooting Brake се претставува како активна машина за уживање во возењето. Последиците од повисокиот опаш во споредба со лимузината, во одредени услови може да се манифестираат лажно како задоцнета реакција на управувањето при преамбициозно влегување во свијок. Но, тоа што се чувствува во минимална мера е всушност ефектот од дополнително скрутената задна оска, како резерва во случај опашот да се натовари до полната носивост на комби-купето. Разликата во тежината со CLA е минимална, околу 30 килограми.

Моторот очигледно располага со многу поголем потенцијал од тој што го прикажува во 200 CDI

Познатиот 2,1-литарски дизел, воедно и најпопуларен избор во гамата, не приредува никакви спектакли. Тоа само значи дека не се издвојува ниту еден недостаток или дефицит што би се почувствувале во возењето. Моторот со 136 КС ја ослободува моќноста рамномерно и невпечатливо во поглед на акустичната кулиса, со пристојна еластичност при средни вртежи, примерна расположеност за завртување до крајното работно подрачје и звук што не здодејува ниту при подолги етапи по автопат. Единствено може да се стекне субјективна оцена дека во најниското подрачје на вртежи недостигаат неколку њутнметри, но се работи само за фиктивно одземање моќ, затоа што истиот мотор, со мали модификации достига до 177 КС, па дури и до 204 КС во 220 CDI, односно 250 CDI, вградуван меѓу другото и во хибридниот S 300 h. Сето тоа значи дека каросеријата, товарот и какви било дополнителни задачи се лесна игра за овој дизел во комбито CLA 200 CDI.

Shooting Brake оддава впечаток како да се работи за модел од повисока класа

Комфорот на амортизацијата е на мошне високо ниво за класата, како во поглед на сувереното придушување на секаков вид нерамнини во подлогата, така и во поглед на потиснувањето на звуците од работата на подвозјето. Предните седишта го нудат комфорот својствен и за останатите модели во гамата компакти, додека патниците на задната клупа го добиваат потребниот простор за стопалата под предните седишта, но седечката површина е поставена ниско и е куса, поради што може да се очекува заморот во мускулите на бутовите да се појави порано. Оваа забелешка сепак важи за возрасни патници, додека децата тука ќе бидат сосема среќни. Позитивно е тоа што останува доволно простор над главата дури и кога од списокот на дополнителна опрема ќе се избере панорамскиот покрив.

Кокпитот воспоставува емотивен спој со возачот, тоа исто така е меѓу највпечатливите својства на CLA. На фотографијата е изведба со менувач 7G-DCT, со „слободна“ средишна конзола
Кокпитот воспоставува емотивен спој со возачот, тоа исто така е меѓу највпечатливите својства на CLA. На фотографијата е изведба со менувач 7G-DCT, со „слободна“ средишна конзола

Купе-пуристите би очекувале и задната клупа да биде профилирана соодветно на сортата, со две засебни седишта, раздвоени со масивна конзола. Тоа Mercedes не го нуди ниту како опција, иако останува доволно простор до поскапиот и попрестижен CLS Shooting Brake, за на одреден круг купувачи да им се понуди можност за дополнително облагородување на возилото. Во секој случај, автомобилов не оддава впечаток дека се работи за модел од компакт класата, туку за нешто повисоко. Доволен купе-фетиш ќе биде и фактот што прозорците се изведени без рамка.

[quote_box_left]Технички податоци
Mercedes CLA Shooting Brake 200 CDI

Мотор: 4 цилиндри во линија, дизел, зафатнина 2.143 cm3, моќност 136 КС при 3.200-4.000/min, вртежен момент 300 Nm при 1.400-3.000/min; Погон и пренос: Погон напред, 6-степен мануелен менувач; Подвозје: Водење на тркала напред мекферсон со попречни водилки, назад попречни и надолжни водилки, пневматици 205/55 R 16, сопирачки напред диск-вентилирани, назад диск; Димензии и тежини: багажник 495/1.354 L, круг на вртење 11,0 m, празно возило 1.530 kg, носивост 520 kg, носивост на покрив 100 kg, дозволена тежина на приколка со сопирачки 1.500 kg; Перформанси: 0-100 km/h за 9,5 s, крајна брзина 215 km/h; Потрошувачка (град/пат/просек): 5,5/3,7/4,4 L/100 km, емисија на CO2 115 g/km, Euro 6[/quote_box_left]

За багажникот може да се изберат неколку „симпатични“ детали, како ракување со задниот капак со електромотор или магнетен држач на капакот на отворот за скии, којшто е дел од „карго“ пакетот. Можностите за дополнително облагородување на возилото и оставање личен печат се според вообичаените стандарди на Mercedes. Покрај основното ниво, односно основна линија на опрема како што ја нарекуваат во куќава, достапни се линија Urban, со неколку козметички детали, вклучувајќи и спуштено подвозје и бандажи во повпечатлив дизајн и пречник од 18 инчи, како и AMG Line, со целата армада на спортската подмарка на Mercedes. На тоа се надоврзуваат неколку пакети опрема, почнувајќи од пакет со амбиентално осветлување со избор од дванаесет бои, до пакет што додава хромирани прстени околу повеќето команди во кокпитот.

 

Најдобрата „доплата“ секако е онаа за врвната верзија CLA 45 AMG 4Matic, со 360 КС, погон на сите тркала и цена од 65.000 евра. Суперболидот вреди за секое евро, но и натаму е достапен само за мал круг купувачи со специфични автомобилски потреби – и соодветен буџет. Барем малку поблиску до овој модел може да се дојде со пакетите на AMG, и тоа неколку на број, за на крајот да се заврши со алуминиумски прагови, црн плафон, мултифункциски спортски волан зарамнет долу и перфорација во делот за држење, спортски седишта во црна боја и црвени штепови, перфорирани сопирачки дискови напред, спортско подвозје и бандажи AMG од 18 инчи. Тоа е воедно и суштината на купе-автомобилите, па макар и на необичните купеа, како ова комби-купе, да се обожуваат, до последниот детал.

 

 

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

107
15 shares, 107 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743