87
13 shares, 87 points

Lexus го пушти кросоверот NX со хибриден погон во регијата на владеење на дизел моторот, во сегмент кадешто противниците се напаѓаат најжестоко. Но, погонот со две срца не е сé што тој има да понуди. Причината зошто NX прерасна во бестселер на премиум марката на Toyota се открива лесно. Иако настапува во нова класа за Lexus, чувството е исто како во традиционалните модели на марката. Како дополнителна сензација: Акцизно ослободување во вредност на градски автомобил.

Суперавтомобили? Тоа беа оние налудничави спортски купеа што забрзуваат пред сите други, речиси до бескрај, и што изведуваат странични забрзувања кои ја компромитираат важноста на законите на физиката? И тоа е сé што тие имаат да понудат? Можеби е време воспоставената терминологија да се менува.

Кога ова парче Lexus ќе го активира вториот електромотор на задната оска да се пробие низ длабок снег или за дваесет милисекунди ќе смени во некој од 30-те степени на чувствителност на амортизерите, или пак, кога каросеријата им се спротивставува на надворешните сили со последната еволуција на ласерското заварување, со спојување цели должини на рабови место само точки, тоа веќе укажува на супер-својства, на суперавтомобил. Кога ќе се надоврзе и фактот што NX не навлегува ниту половично во ценовната регија на традиционалните LS-крстосувачи на Lexus, тоа мора да е суперавтомобил и ништо друго.

Поглавјето за здодевниот и блед изглед е префрлено кај конкуренцијата

Не, Lexus NX 300h сепак нема да ги загрози суперавтомобилите или да го замени нивното место и фасцинација, но сосем е сигурно дека има да понуди многу повеќе отколку „само“ хибриден погон. Или дизајн. Тоа што денес вози по улиците како NX е незначително видоизменета форма на концептниот LF-NX, со когошто премиум марката на Toyota ги тестираше реакциите на публиката прво на салонот во Франкфурт во 2013 година, а неколку месеци подоцна и на токискиот салон.

Lexus NX 300h test

Публиката очигледно немаше ништо против прогресивниот и револуционерен дизајн на компактниот кросовер. Апсолутно ништо, затоа што веќе следната година на бината во Пекинг се појави серискиот NX, како следен степен на преродбеничкиот L-finesse, со ѓаволеста маска и дополнителен чифт светла чијашто форма како да „штиклира“ дека тука сé е во ред. Динамичната силуета на купе-теренец видливо „паѓа“ нанапред и типично за новиот дизајн на Lexus ја поставува највисоката точка над завршетокот на задните врати.

Изгледот на NX потсеќа на парче откршено од голем метален блок

Сето тоа произведува појава којашто се издвојува во унифицираната каста компактни теренци, покрај BMW X3 или Audi Q5, па дури и покрај стилски посамостојните Jaguar F-Pace или Mercedes GLC. Јапонскиов кросовер потсеќа на парче што е откршено од голем метален блок под дејство на енормни сили. Поглавјето со критики за здодевниот и неуверлив изглед на премиум марката на Toyota веќе одамна се има префлено кај некои од конкурентските марки.

Lexus NX 300h test

Гордоста на дизајнерите на марката е очигледна, затоа што на NX му измешаа три специјални бои, вклучувајќи ја и титаниум сребрената, како на возилото на тестот. Ниту бојата за оваа марка не може да биде обична боја, туку се состои од козметички и функционален слој, во веќе вообичаената перфектоманија на Lexus. Ефектот на првиов слој се состои во тоа што неговата дебелина по сушењето се намалува на само една третина од првично нанесениот слој, заедно со металните честички во неа. На тој начин се зголемува рефлективноста на овие честички и се постигнува поголем контраст меѓу површините на каросеријата. Значи, не било случајно тоа што NX „изгледа“ поразлично.

Вози поразлично, исто така. Кросоверот е достапен во две моделски изведби, едната со првиот мотор со турбонатполнење во историјата на Lexus, во верзијата NX 200t, втората во „стандардниот“ хибриден погон, како во тестираниот NX 300h. Погонот со две срца во функција на помошник на возачот прерасна токму во стандард. Само два проценти од продажбата на Lexus на европскиот пазар се „нехибридни“ модели, Европа во меѓувреме е најголем светски пазар за хибридните автомобили на марката, NX е бестселер. Последната статистика што ја има објавено благородната марка ќерка на Toyota до април минатата година наведува 63.000 примероци од кросоверот!

Динамика во возење како што доликува на спортски кросовер, штедливост на градски автомобил

Како се случи хибридите да завладеат со ваков апсолутистички режим? Во повеќето земји во Европа постојат повластици при купувањето возила со електрифицирана погонска спрега, Македонија не е исклучок. Хибридите се ослободени од плаќање акциза, што во случајот на NX носи заштеда приближно колку што чини Toyota Aygo. Повластици при возачкото секојдневие не се предвидени како во останатите држави, но тоа е веќе посебна тема. Погонот со две срца сепак немаше да наиде на толкава прифатеност, доколку не нудеше „нешто плус“ во возачкото чувство и искуство.

Lexus NX 300h test

Внимавањето на штедливо возење во автомобил со обичен погон е напорно и бавно. И здодевно. Во NX 300h, целата работа ја завршува вештачката интелигенција. Возачот е растоварен од грижата околу ефикасноста на возењето, техниката ја презема задачата. Погонската спрега ја сочинува класичната двојка од бензинец со еткинсонов режим на работа и електромотор за предната оска, но тука има и втор електромотор којшто е задолжен за погонот на задната оска.

Секогаш кога ќе се појави потреба од воспоставување дополнителна тракција, без разлика дали станува збор за поубедливо забрзување и динамично возење на сув пат или поаѓање и возење по лизгава подлога, задниот електромотор се вклучува и го „произведува“ погонот на сите тркала. Постапката се одвива речиси телепатски: Веднаш штом возачот ќе се посомнева дека пред себе има „вонредни“ услови, како длабок снег или замрзната подлога, на неколку мигови се слуша тивко зуење некаде оздола, како знак дека погонот ги има препознаено условите на возење и го има повикано на помош вториот електромотор.

Манири на хибридниот погон на граница на човечки разум

Што во случај кога батериите се полуиспразнети и не можат да испорачаат доволно енергија за погонот на задната оска? Ништо посебно. Генераторот во тој случај испорачува дополнителна енергија, NX 300h не може да остане без погон на сите тркала, кога тој е неопходен. Токму овие манири на граница на човечки разум ја чинат фасцинацијата на возењето хибрид толку неодолива.

Lexus NX 300h test

Фасцинацијата сепак е придружена со типичното „завивање“ на бензинецот при силно забрзување, условено од природата на безстепениот менувач. Секогаш кога крвнички ќе се притисне врз педалот за гас, бензинецот се буди од блажениот сон и преоѓа на работа со константни вртежи некаде во втората половина од работното подрачје кадешто е највисок вртежниот момент, додека менувачот во меѓувреме го „подолабавува“ преносот.

Потреба од такво впрегнување на бензинецот сепак не постои, затоа што со малку трпение ќе му се остави повеќе простор на електромоторот да се координира со моторот и целата процедура на забрзување на темпото ќе се реализира покултивирано. Тоа е воедно и поентата на хибридниот погон за којашто се свесни купувачите кога го избираат малото „h“ во ознаката на моделот.

Забрзување од 80 до 120 km/h на ниво на трилитарски турбо

Моќ секако дека не недостига. Со седум секунди потребни за забрзување од 80 до 120 километри на час, NX 300h постигнува вредност што е на ниво на трилитарски турбо, со таа разлика што њутнметрите тука не пристигаат од турбокомпресор туку од електромоторот – или електромоторите. Добра претстава за начинот на „размислување“ на хибридната погонска спрега се добива кога ќе се префрли во динамичниот модус и бројач на вртежи ќе се појави на местото на покажувачот на моќноста: При умерено забрзување, стрелката на бројачот се поместува незначително, поголемиот дел од забрзувањето паѓа на товар на електриката. Перфектна координација.

Lexus NX 300h test

Средина во којашто хибридниот погон се чувствува најприродно, секако е градот. Секое сопирање враќа по некој дел од енергијата што претходно била потрошена за поаѓање и забрзување, многу поубедливо и побрзо отколку кај повеќето хибриди, поради тоа што тука има два електромотора кои вршат рекуперација, односно повраток на енергијата при сопирањето. Честопати на таблата со инструменти проработува светилката за електричен модус, кога ќе се отпушти гасот или се вози умерено со брзина од четириесетина километри на час. Повторно, на задоволство на возачот, без разлика што електричната тура достига само неколку стотини метри. Но затоа, се повторува.

Зошто неприкосновениот лидер и натаму не применува плагин-хибридна техника во помасовен обем во својата понуда од модели, со можност за полнење на батериите на приклучок за струја и електричен досег од три-четириeсетина километри, повеќе е премолчена мудрост, отколку мистерија. Цената и исплатливоста несомнено пресудуваат, NX е за околу десет илјади евра поевтин од малкуте конкуренти со плагин-хибридна технологија.

Сто проценти Lexus во класата што уште е нова за престижната марка

Тоа што остава најсилен впечаток кај NX сепак не е „само“ хибридниот погон, туку е севкупното чувство во возењето. Мерено според досегашните стандарди на марката, кросоверов е мини Lexus. Тој е трипати поевтин од основоположникот LS, до поголемиот брат RX 450h му недостигаат уште 116 КС, со девет секунди забрзува двапати подолго до сто отколку снагаторот RC F, но тој и натаму е Lexus. Со исклучок на компактниот CT, на чиешто место веројатно ќе следува сериската реализација на концептот UX, маркава досега не понудила модел според поприземни стандарди. Тука е влезот во Lexus. На тестот го осознавме тоа дури по првите стотини километри: „Чекај, па ова е ‘само’ компактен кросовер, ова е во класата на X3 и GLC?“

Lexus NX 300h test

NX дефинитивно остава впечаток на возило од повисока класа од фактичката и тоа се однесува како на просторното чувство или квалитетот на изработката, така и на возниот комфор и зрелоста во целина. Вистина, автомобилов умее да заведе со ненападното вклучување на светилките сокриени во рачките на вратите кога возачот се приближува, со мирисите што ги оддава кабината и што укажуваат на квалитетот на вградените материјали, несвојствени за сакам-да-бидам-премиум марките, со фантастичната ергономија и прегледност на возачкото место, со минималното ниво вибрации во кабината, затоа што техничарите го влежиштиле моторот буквално на иста висина со неговото тежиште. Околу 30-те степени на чувствителност на амортизерите од воведот: Тие се достапни кај нивото F Sport Premium, овој на тестов постигнува завиден комфор и без приспособлива амортизација.

Секој детал во Lexus има нешто плус, има унапредена суштина

Аналоген часовник во кокпитот што не е изработен од пластика, посебен потпирач предвиден за дланката кога се ракува со централниот контролер – секако, обложен со кожа и педантно штепуван, индуктивен полнач за мобилен телефон во преградата под средишниот потпирач за рака, нелизгачка гумена облога во преградите меѓу седиштата, за шише да може да се отвори само со една рака, сензорска контрола на светилките во ентериерот, шимамоку-политура на дрвените панели по пример на концертните пијана – заради намалување на рефлексиите. Секој детал во Lexus има нешто плус, има унапредена суштина. Отсуството на блинк-блинк-ефект во командите и воопшто во кокпитот доаѓа како пријатно освежување. Ништо ново, козметиката произведува само привидна убавина.

Lexus NX 300h test

Аудиофилите традиционално се услужени на највисоко ниво. Специјалистот Mark Levinson изработе систем што коригира секаков формат на компримиран музички запис и буквално го враќа оригиналниот квалитет – резервирано за врвното ниво на опрема President. Стандардно следува „само“ пристојно озвучување од Pioneer, но и тоа доаѓа со дигитален засилувач од Class D.

Lexus им ги препушта пропустите на аматерите во премиум сегментот

Дали управувањето работи прецизно, дали подвозјето обезбедува врвна стабилност, дали амортизацијата е комфорна, возењето тивко и кабината просторна? Пропустите во овие подрачја, Lexus им ги препушта на аматерите во премиум сегментот. Уште малку околу тоа како хибридната погонска спрега секогаш ќе искористи шанса да се најде од помош. Мозокот на погонот соодветно ја регулира распределбата на вртежниот момент заради спречување на непријатното клатење на каросеријата при возење по нерамен пат. Доволно.

Дали има нешто да пречи? Темпоматот не може да се активира во електричен модус, затоа што нема смисла според Toyota – на струја одеднаш може да се извозат само неколку стотини метри, најмногу километар и пол, најбрзо со четириесет и нешто километри на час. Вистина, нема смисла, но добро би било макар за проба. Спортскиот модус на менувачот, со можност за рачно менување на степените е нереален исто колку виртуелната реалност – барем буквата S на менувачката кулиса можело да биде заменета со M, за мануелно. Полето за ракување со аудио-функциите е најгрдо дизајнираното парче во браншата – веројатно намерно, за во следната генерација да има што да се коригира.

Технички податоци Lexus NX 300h

Мотор 4 цилиндри, 16 вентили, еткинсонов циклус со Dual VVT-i, зафатнина 2494 cm3, пречник и од 90 х 98 mm, компресија 12,5:1, моќност 155 КС при 5700/min, вртежен момент 210 Nm при 4200-4400/min, издувна норма Euro 6 Хибриден погон Системска моќност 197 КС, напред генератор за полнење на батеријата и стартување на моторот, електромотор со моќност од 143 КС и вртежен момент од 270 Nm за погон на предни тркала, со повраток на енергија при сопирање, назад електромотор за погон на задните тркала со моќност од 68 КС и вртежен момент од 139 Nm со повраток на енергија при сопирање Погон и пренос Автоматско вклучување на погон на сите тркала, безстепен планетарен менувач со електронска контрола, преносен однос 3,542 Подвозје Напред мекферсон, назад мултининк оска со надолжни водилки и двојни попречни водилки, управување со запчеста летва со електромеханичко сервоуправување, преносен однос 2,68:1, број на вртежи 2,68, круг на вртење (каросерија) 12,1 m, сопирачки напред 328 mm, назад 281 mm, електрична паркирна сопирачка, бандажи 18 х 7,5, гуми 225/60 R 18 100H Димензии на каросерија 463 х 185 х 165 cm, меѓуоскино растојание 266 cm, растојание од подлога 185 mm, агол на пристап 17,2 степени, агол на излез 24,5 степени Димензии на кабина Висина напред 970,8 mm, назад 968,4 mm, простор за нозе напред 1088 mm, назад 918 mm, ширина напред 1455 mm, назад 1405 mm, багажник 555/1600 L Тежини и зафатнини Празно возило 1785 kg, дозволена тежина 2385 kg, тежина на приколка 750 kg, резервоар 56 L Перформанси 0-100 km/h за 9,2 s, забрзување 80-120 km/h за 7,3 s, крајна брзина 180 km/h Потрошувачка на гориво (град/пат/просек) 5,2/5,3/5,1 L/100 km, Потрошувачка на тест 8,2 L/100 km

Цени и опрема Lexus NX 300h Luxury

  • Цена на моделска изведба со основно ниво на опрема 43.500 евра
  • Цена на моделска изведба со ниво на опрема Luxury 49.500 евра

Сериска опрема: Контрола на сатабилност со помош при поаѓање на нагорнина, 8 воздушни перници, диодни предни, дневни и стоп-светла, диодни трепкачи, диодни магленки, пакет за студени региони, носачи за багаж на покрив, алу-бандажи 18 инчи, аудиосистем Pioneer со 8 звучници, двозонски автоматски клима уред, кожени облоги на седишта, грејачи во предни седишта, кожена облога на волан и рачка на менувач, електрика на прозорци, темпомат, автоматски бришачи, самозатемнувачки ретровизор, паркинг сензори напред и назад, камера за рикверц, пристап без клуч, електромотор за отворање на капак на багажник, безжичен полнач за мобилен телефон, алу-прагови на предни врати

Lexus NX 300h Luxury

Flickr Album Gallery Powered By: Weblizar

Like it? Share with your friends!

87
13 shares, 87 points
djakonov

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3730