103
15 shares, 103 points

Suzuki Vitara постои уште пред светот да смисли име за нејзиниот концепт. Во меѓувреме конкурентските марки масовно го нападнаа сегментот на компактните кросовери. Ќе биде ли предност пазарното искуство на Vitara?

Го знаете името на главниот дизајнер или барем некое дизајнерско име во Suzuki? Тешко, нели. Секако дека и за Suzuki работи солиден тим од дизајнери исто како за секоја друга глобално релевантна марка автомобили. Но, ете, ретко кој досега се заинтересирал да дознае некое од тие имиња, ниту пак, од куќата му придавале толкаво значење на публицитетот на луѓето што ги создаваат возилата. Тоа не е сменето ниту сега, откако марката влезе во дизајнерска офанзива. Овие луѓе остануваат речиси анонимни. За Suzuki, тие се само „нашите дизајнери“.

Такехито Араи. Тој е човекот што заслужува почесто да му се спомнува името кога станува збор за новата Vitara. Не зачудува фактот што Араи-сан го создаде и изгледот на SX4 S-Cross. Заедно со Казуфуми Учијама, главниот дизајнер на Suzuki, во иднина почесто ќе се интересираме за овие имиња. В година следи Baleno, а потоа и новиот Ignis, како реализација на концептот iM-4 во сериски модел. Vitara, конкретно, не нуди ништо спектакуларно и претставува еволуција на изгледот што Suzuki го негуваше низ сите генерации на пионерскиот СУВ од 1988 година наваму. Разликата е во тоа што оваа Vitara е малку повеќе дизајнирана од претходните, со убедлива експресивност во појавата, повеќе стилска. Дали тоа значи дека марката ги напушта вредностите по кои што ја ценевме досега и имаме некој „нов“ Suzuki?

suzuki vitara 16 test 0161
Во дизајнот се препознава линијата што Suzuki ја негуваше во сите генерации на Vitara и Grand Vitara

Тестот ќе покаже најдобро. Новата Vitara е смалена во сите правци. Во висина ѝ недостигаат 7,5 сантиметри, во должина 12,5 сантиметри и во ширина 3,5 сантиметри за да ги достигне мерите на претходничката Grand Vitara. Во меѓуоскиното растојание исто така постои осетна разлика од 14 сантиметри. Suzuki го пресели автомобилот што најмногу придонесе за имиџот на марката во една класа подолу, да го соочи со постоечките кросовери Nissan Juke, Opel Mokka или Skoda Yeti, но и моделите кои штотуку ќе се борат за позиција на пазарот, Honda HR-V, Mazda CX-3, Ford Ecosport, Fiat 500X или Jeep Renegade. Станува збор за остра и беспоштедна конкуренција, со повеќето марки што пристигаат како апсолутни почетници во овој сегмент. Тука лежи и најголемата предност на Vitara, единствено таа има „историја“, впрочем, таа и го создаде овој сегмент пред повеќе од четвртина век. Suzuki всушност се врати на тој првобитен концепт на моделот со новата Vitara.

Просторноста на кабината остана непроменета со напуштањето на носечката рамка

Во споредба со претходникот, кабината не претрпе драстично смалување на габаритите и просторната понуда е поголема отколку што се очекува. Заслугата за тоа е во преоѓањето од самоносечка каросерија со интегрирана носечка рамка на чисто самоносечки концепт на каросерија. На тој начин, просторот можеше да се искористи многу порационално, па меѓу другото и да се постигне предност над конкуренцијата во багажникот, на пример. Со стандардни 375 литри, Suzuki нуди десетина проценти повеќе простор во багажникоит од Mazda и Fiat (350 литри). Единствено Honda поставува повисоки мерила со своите 431 литри.

Драстичното намалување на тежината за преку 400 килограми ги препороди возните својства
Драстичното намалување на тежината за преку 400 килограми ги препороди возните својства

Главното подрачје во кое што најмногу се огледуваат придобивките од отфрлањето на носечката рамка и ефектот од смалувањето на возилото е тежината. Новата Vitara тежи 1.235 килограми, што е фрапантна разлика од преку 400 килограми во споредба со 1.644-те килограми на претходникот, но е исто така значително помалку и од тежината на конкурентите Fiat 500X со 1.395 килограми или Opel Mokka со 1.391 килограми. Потрошувачката на гориво се преполови. Додека Grand Vitara според фабрика трошеше 11,2 литри во град со 2,4-литарскиот бензинец со 169 КС, новата Vitara минува со декларирани 6,5 литри во град, со 1,6-литарскиот бензинец со „само“ 120 КС.

Разумноста на избор на поевтин бензински модел го поттикна бранот на компактни кросовери

Разумот обично ги отфрла верзиите со бензински мотор кај возилата што поседуваат какви било атрибути на теренски автомобил, токму поради очекувањата дека потрошувачката на гориво ќе биде неподносливо висока. „Теренците“ се високи, тешки, со соодветно силни мотори што треба и соодветно да се напојат … Тоа се предрасудите.

Реалноста вели, седум и половина литри бензин на секои сто километри, според стандардната тест рута на Automedia. Сето тоа, Vitara го постигнува со примена на релативно класична технологија, во комбинација со мерки за оптимизација во моторот, како намалување на отпорот на триење или на тежината на самиот агрегат. Бензинецот од 1,6 литар е идентичен со оној во кросоверот SX4 S-Cross и во слична верзија се вградува и во Swift Sport, каде што ослободува 136 КС. Од „технологија“, располага единствено со две брегасти вратила со приспособлива работа на вентилите, но и покрај тоа во реалноста постигнува пеформанси и вредности на потрошувачка на гориво што се блиски, ако не и подобри од конкуренцијата.

Suzuki не мораше да бара нов идентитет како што е случај со марките-новаци во сегментот на кросовери
Suzuki не мораше да бара нов идентитет како што е случај со марките-новаци во сегментот на кросовери

Причината зошто 1,6-литарецот на Suzuki успева во тоа: Индустријата го измисли „даунсајзингот“ или смалувањето на работната зафатнина, па и на бројот на цилиндри, со турбонатполнење како компензација за одземените „кубици“, само за да добива нереално ниски вредности на потрошувачка на гориво при мерењето на пробна рампа. Како производител што во понудата нема модели од повисоките класи, Suzuki нема потреба да вградува „смалени“ мотори заради задоволување на законската рамка од 130 грами СО2 на километар и може спокојно да ги користи и оптимизира постоечките. Според тоа, не станува збор за технолошки заостаток на Suzuki, туку само за комоција што јапонската марка може и смее да си ја дозволи. Во 2020 година веќе ќе важат уште построги норми, па и Suzuki повеќе не можеше да „одолее“ на трендот и новиот Baleno в година ќе стартува со новиот 1,0-литарски бензинец со три цилиндри, турбо и директно впрскување…

Со цената од 14.980 евра Vitara ги пореметува сите воспоставени правила на пазарот

Потврдата дека солидно димензионирани модели како Vitara денес можат да бидат задоволени со потрошувачка како на компакт-модел со мотор со споредлива моќност е вистинското објаснување зошто светот, а најмногу Европа, полуде по малечките кросовери – нема потреба да се доплаќа за верзија со дизел мотор. Во случајот на Vitara, но и вообичаено во браншата, тоа сепак се околу 2.000 евра, што секако прави разлика.

Од друга страна, цената на Vitara ги пореметува речиси сите воспоставени односи и правила на пазарот. Основниот модел со погон напред и ниво на опрема GL чини 14.980 евра, односно исто колку просечно опремен компакт со базниот мотор – и колку никој друг кросовер на пазарот. Со исклучок на Dacia Duster, секако. Fiat планира да го продава кросоверот изработен врз основа на ванот 500L по цена од 15.980 евра за основниот модел со 110 КС, не вклучувајќи клима уред и други ставки што би требало да се подразбираат во модел од класата, Nissan Juke стартува дури од 16.500 евра, додека Opel ја проценува вредноста на основниот модел на Mokka со рустикалниот 1,6-литарски бензинец со 115 КС на 18.438 евра. Споредливата верзија на Dacia Duster, со 1,2-литарски турбобензинец со 125 КС и со опрема Laureate, пак чини 14.190 евра или само 800 евра под Suzuki.

Камерата за рикверц е стандард веќе во средното ниво на опрема, но уште повеќе изненадува присуството на системи за асистенција
Камерата за рикверц е стандард веќе во средното ниво на опрема, но уште повеќе изненадува присуството на напедни системи за асистенција, како замостојно запирање при опасност од судир

Секако дека за повеќе пари следува уште повеќе музика и покрај стартната цена на Vitara од 14.980 евра е полесно да се дозволи и малку луксуз – па и погон на сите тркала. Не постои модел на македонскиот пазар што стандардно располага со радарски систем за самостојно запирање во случај на опасност во класата на цени на Vitara. За 18.490 евра, колку што чини тестираниот модел, покрај погонот на сите тркала AllGrip, доаѓаат и сите ставки на второто ниво на опрема GL Plus, вклучувајќи го спомнатиот радарски систем, заедно со темпомат што самостојно ја намалува брзината кога напред има побавно возило, со задржување на возилото при поаѓање на нагорнина и ограничување на брзината при спуштање по надолнина. Тоа што конкурентите го нудат само како доплата или само во врвното ниво на опрема, кај Suzuki следува како стандард веќе во средината од понудата.

Топ моделот чини 23.500 евра, со диодни светла, навигација и кожа на седиштата

Комплетното ниво GL Plus нуди уште автоматика за клима уредот, кожа на воланот, магленки, диодни дневни светла, дополнително затемнети задни стакла, радио со дисплеј од седум инчи и приказ на камерата за рикверц, алу-бандажи од 17 инчи и хромирани носачи за багаж на покрив. Збунува тоа што Suzuki може да го понуди за 18.490 евра. Најскапата моделска верзија, со дизел со 120 КС, погон на сите тркала и врвно ниво GLX чини 23.500 евра, вклучувајќи хромирана маска, паркинг сензори, пристап и стартување без клуч, автоматика на светла и бришачи, собирање на ретровизори, седишта во комбинација од кожа и велур со грејачи, па и систем за навигација и диодни предни светла.

Во возењето се чувствува релативно ниската тежина на Vitara, може да се констатира и сосема пристојно ниво на комфор на амортизацијата, без непријатни испади на попречни набори и погруби нерамнини на патот. Сите звуци од подвозјето и од погонот се пристојно потиснати од звучната кулиса во кабината, со буквално нечуен мотор кога Vitara мирува во место. Модулацијата на погонската спрега во автоматскиот режим на работа на системот AllGrip помага во значителна мера во заштедата на гориво, поштедувајќи го моторот од непотребни „подбуцнувања“ и поведувајќи го возачот во штедливо возење со користење на вртежниот момент на моторот место коњските сили. Во спортскиот режим веќе е поинаку. Моторот реагира многу поостро и поубедливо ги прикажува своите 120 КС, со будна работа на погонот на сите тркала, со цел на возачот да му се обезбеди спортското чувство во возењето. Секако дека тоа ќе се рефлектира и во потрошувачката, но секое задоволство чини.

Без сериозни забелешки за кое било подрачје од возилото

Во управувањето се манифестира преголема чувствителност околу средишната положба на воланот, што е повеќе прашање на сетапот, во намера на техничарите да симулираат подиректно чувство во управувањето. Може да се посака и поголема префинетост во кинематиката на рачката на менувачот, а во поглед на функционалноста и комфорот, преграда меѓу предните седишта со потпирач за рака или поцврста подлога на подот на багажникот, којашто ќе може да издржи и потежок товар.

Погонот на сите тркала го користи куќниот систем AllGrip и веќе ни е познат од тестот на SX4 S-Cross. Освен со спомнатите модуси „auto“ и „sport“, погонот на сите тркала на Suzuki располага дополнително со модусот „snow and mud“, како и со симулација на блокада на диференцијал. Првиот ја модулира распределбата на вртежниот момент меѓу двете оски во зависност од аголот на завртување на тркалата и положбата на педалот за гас, со цел да се постигне оптимална тракција на лизгава подлога, додека вториот ги користи сензорите на контролата на стабилност и соодветно ја активира сопирачката на едно или повеќе тркала што во моментот се на лизгава подлога, за да пренесе повеќе вртежен момент на тркалата што имаат подобра тракција. Унапредување на системот во меѓувреме е додадената функција на „предвидување“ на лизгањето на тркалата, повторно со користење на сензорите на контролата на стабилноста, за вртежниот момент да се пренесе на тркалата уште пред да се појави пролизгувањето, односно откако електрониката ќе открие услови за создавање на истото.

Технички податоци · Suzuki Vitara 1.6 AllGrip GL Plus

Мотор Бензински, 4 цилиндри, 16 вентили, работна зафатнина 1.586 cm3, пречник х од 78,0 х 83,0 mm, компресија 11,0:1, моќнмост 120 КС при 6.000/min, вртежен момент 156 Nm при 4.400/min Погон и пренос Погон на сите тркала AllGrip, мануелен менувач со 5 степени Подвозје  Напред мекферсон со триаголни водилки, назад торзиска оска со спирални пружини, бандажи 6,5Ј х 17” , гуми 215/55 R 17 94V, напред вентилирани сопирачки дискови, назад полни сопирачки дискови, управување со запчеста летва, електрична сервоподдршка Димензии и тежини ДхШхВ 4175 х 1775 х 1610 mm, меѓуоскино растојание 2.500 mm, растојание од подлога 185 mm, круг на вртење 10,4 m, празно возило 1235 kg, дозволена тежина 1730 kg, приколка со сопирачки 1200 kg, резервоар 47 литри, багажник 375/1120 L Перформанси Крајна брзина 180 km/h, забрзување 0-100 km/h за 12,0 s Потрошувачка на гориво (град/пат/просек) 6,5/5,1/5,6 L/100 km Емисија на СО2 130 g/km, Потрошувачка на тест 7,4 L/100 km


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

103
15 shares, 103 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743