за

Тест • Suzuki Swift Sport

Спортски автомобил за 14.000 евра? Тоа може само ако е користен. Но, не мора. Swift Sport има големо срце и не остава простор за сомнеж во неговите способности.

Производителите долго време го практикуваат трикот со вградувањето големи мотори во малечки автомобили. Така се родија голем број брзи автомобилчиња, но малку од нив го оправдаа епитетот спортски. Повеќе беше спортска опремата, отколку суштината. Кај Swift повеќе успева второво, иако и опрема не недостига. Место да убедува со покрив лакиран во контрастна боја со каросеријата или со уникатни графики исполепени по неа, Swift Sport убедува зад воланот, во возење.

Спортскиот карактер не произлегува само од коњските сили

Кога во неочекуван наплив на адреналин ќе се почувстува дека задната оска сака да си поигра и да го скуси свијокот ако нагло се отпушти педалот за гас или се потчукнат сопирачките, следува сознанието дека коњските сили не решаваат секогаш околу спортскиот карактер, исто како и големината. Впрочем и легендата на автомобилската сцена, Mini, се прослави со управливоста на го-карт и со спортското чувство, а не со бројот на коњските сили.

Swift Sport не нуди само спортска шминка, туку спортско возење

Додека конфенционираната конкуренција, како Citroen DS3 или Alfa Romeo Mito, се потпира повеќе на шминка и на копчиња со функција што им е интересна само на тинејџерите, а и тоа само кусо, парите вложени во развојот на Swift Sport очигледно се искористени за дотерување и усовршување на спортскиот карактер. Сузи спокојно се движи по границата на стабилноста во свијоци и преку воланот обезбедува повратна информација каква што не може да се добие ниту во некои веќе сериозни спортски компакти. Така се добива постојан увид за случувањата меѓу гумите и подлогата, и се благодари за тоа што 136-те коњски сили се секогаш подготвени да го компензираат подуправувањето, со притискање врз гасот и додавање на воланот.

Најевтиниот автомобил со зрел спортски карактер

Тоа што на почетокот изгледаше како невкусна демонстрација на самобендисаност со спортските седишта со надуени образи, сега се покажува како неопходност. Кога би имал повеќе коњски сили, Swift Sport би бил конкурент на Mini JCW, а кога би бил поблагороден би водел борба со Audi A1, но и во обата случаи цената би пораснала соодветно. За 13.900 евра, колку што изнесува цената на Swift Sport со попустот од 2.000 евра на увозникот Миркат, подобро што Suzuki се држи до сегашниот концепт, затоа што автомобил со зрел спортски карактер моментно не може да се купи поевтино на пазарот.

Биксенонски светла и автоматска клима како стандард

Далеку е од евтино, барем што се однесува до опременоста. Биксенонски светла, пристап и стартување без клуч, автоматски клима уред – дури и ако Swift Sport се купи само заради богатата опрема и впечатливата појава, нема да се погреши. Најголемото изненадување кај Sport сепак е подвозјето, поточно амортизацијата. Без разлика на брзината на возење и без оглед на сериските бандажи од 17 инчи со 45-ки гуми, малечково покажува примерно ниво на комфор при поминување преку попречни нерамнини во подлогата што се вообичаени во град, исто како и при прелетување преку долги вдлабнатини на автопат.

Карактер на кого што не му одминува времето

Прифатливата просторна понуда на задната клупа компензира за малечкиот и непристапен багажник од 211 литри, како и за тоа што клупата се соборува само во еден дел. Околу рустикалниот изглед што полека почнуваат да го добиваат прекинувачите и генерално целиот кокпит: Можеби Swift Sport не изгледа толку модерно накитено како поновите и повеќе трендовски ориентирани модели со фалбаџиска ергела од коњски сили во класата, но факт е дека тој ќе изгледа исто и откако ќе минат сегашните трендови и кога на возилото ќе му останат само внатрешните вредности.

Технички податоци Suzuki Swift Sport
Мотор 4 цилиндри, 16 вентили, бензин
Работна зафатнина 1586 cm3
Моќност 136 КС при 6900/min
Вртежен момент 160 Nm при 4400/min
Погон и пренос  
Менувач 6 степени, мануелен
Подвозје  
Водење на тркалата напред Мекферсон
Водење на тркалата назад Торзиска оска
Управување Електро серво, запчеста летва
Гуми 195/45 R 17
Димензии на каросерија  
Д х Ш х В 3890 х 1695 х 1510 mm
Меѓуоскино растојание 2430 mm
Багажник 211/860 литри
Тежини  
Празно возило 1115 kg
Носивост 365 kg
Резервоар 42 литри
Перформанси  
Крајна брзина 195 km/h
0-100 km/h 8,7 s
Потрошувачка град/пат/просек 8,4/5,2/6,4 L/100 km
Цена 14.900 евра

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

3000 КС за нов рекорд за електрични автомобили

Volkswagen планира спортски двосед со мотор од Ducati