107
15 shares, 107 points

Некои автомобили се толку добри што се надраснуваат себеси. Тоа би можело да биде мотото зад Octavia. Или: Луѓето бараат големи работи за мали пари, затоа Skoda ја направи Octavia уште поголема.

Кој е најголемиот проблем на Skoda Octavia? Техниката е слаба? Нема место? Скапа е? Веројатно овој автомобил што е благословен да биде технички брат на Golf и навистина нема проблем. Сепак, има, и тој избувнува секогаш кога на маса ќе започне муабет околу класната припадност на најпопуларното моделско име во помладата историја на фабриката од Млада Болеслава. Според едната страна, Octavia припаѓа на средната класа, покрај Insignia, Mondeo или дури и Passat, а според другата страна, таа е само лимузинска изведба на модел од компакт класата, односно не е ништо поразлично од Jetta, Fluence или Focus и Astra со четири врати. Нешто помал проблем е тоа што Octavia и воопшто не е лимузина, туку има голем капак за уште поголемиот багажник.

Револуционер во стаклените салони на браншата

Која страна е во право, зависи од аршинот. Едните ги мерат автомобилите според сантиметрите, другите според содржината. Со други зборови: Автомобил што во срцето е Golf, не може да биде Passat! Но, Octavia не е едикојси автомобил, кој некогаш ќе замине во историјата без да му бидат запомнети заслугите за човештвото на патиштата и автопатиштата. Овој автомобил е револуционер во стаклените салони на браншата и тој нé научи да не ги мериме автомобилите според класата, туку според нивните способности.

Оваа лимузина комбилимузина е способна за многу работи, и тоа веќе трета генерација по ред, секоја следна уште подобра од претходната. Octavia е семејна и бизнис лимузина, трајно решение за автомобил, успокојување на вечната потреба од поголем и подобар автомобил, просторна и практична, издржлива и доволно моќна, евтина и поевтина. Кому уште му е важно на која класа припаѓа овој автомобил?

Octavia се прерасна себеси

Но, усовршувањето на Octavia воопшто не беше препуштено на случајот. Моделот растеше од генерација в генерација, се подобруваше, постојано нудеше повеќе од претходно. И стана прескап за да биде Octavia. И премногу добар да се остави близу до Golf. Затоа, Octavia мораше уште повеќе да порасне и да поскапи, да се облагороди и оттргне од бестселерот од Волфсбург. Никогаш досега разликата во цената меѓу Golf и Octavia не била толку мала и никогаш досега Golf не бил повеќе засенет. Решението: Луѓето бараа голем автомобил, добија уште поголем.

Во фабричкиот материјал за печат на точно 50 страници пишува дека не постои автомобил во компакт сегментот што има подолга кабина (1782 mm), повеќе простор за нозе назад (73 mm) и повеќе простор за глава назад (980 mm), поголем багажник (590 литри) … потоа се наведува дека новиот модел е „90 mm подолг и 45 mm поширок од Octavia II“ … „меѓуоскиното растојание порасна за 108 mm“ …

Намалувањето на тежината им годи на перформансите и на комфорот

Тоа што ретко кој може да го наведе на овие страници е податокот дека возилото изгубило на тежина, конкретно кај возилово, до 102 килограми. Да нема паника, губитокот на тежина не значи дека Octavia е помалку безбедна од претходната, или од Golf VII. Секако дека тука се воспеваат убавината, штедливоста, просторноста, опременоста, се стекнува впечаток дека Octavia е Superoctavia. Но, каква Octavia е всушност Octavia?

Убедлива. Овој автомобил изгледа самоуверено, претставително, цврсто. Мал детал од повисоките класи е долниот прозорски раб во задните врати кој се искачува во елегантен лак и ја нагласува должината на багажникот, а голем детал е маската, заедно со логото на хаубата. Уште од око може добро да се измерат габаритите на лимузината, се насетува големината на возилото.

Дури и во средната класа се реткост модели со оваа просторност

Порастот се чувствува и во кабината, но многу повеќе импресионира амбиентот. Тука повеќе не се чувствува дека се работи за марка што е поевтина од Volkswagen, туку за автомобил што во поглед на изработката може да се носи со повеќето модели од повисоката класа. Едноставното ракување останува како доблест на моделот, интуитивното пуштање рака секогаш завршува со успех.

Во еден момент, Octavia сепак ќе потсети дека во поглед на цената не може да оди премногу блиску до средната класа – кога ќе се посегне по рачката во вратата. Во манир на Volkswagen, таа е изработена од повеќе делови, но повеќето од нив се изработени од тврда пластика. Истиот материјал се чувствува и во основата на средишната конзола. Се штедело и на местата кои не се откриваат на прв поглед, на пример под хаубата. Место на амортизери, отворената хауба се потпира на обична шипка.

Багажникот од 590 литри е како втор автомобил

Затоа, пак, во поглед на концептот на успехот, ништо не е променето. Под практичниот заден капак се добива багажен простор со зафатнина од 590 литри, односно 1.580 литри со соборена клупа. За овој простор да може целосно да се искористи, соодветно е голема и дозволената носивост од преку половина тон. Покрај овој факт мора уште повеќе да се почитува тоа што Octavia не амортизира тврдо како доставно комби, туку меко и тивко, подобро од претходникот.

Возливоста не изгуби од порастот во димензиите на каросеријата. За тоа придонесе намалувањето на тежината за речиси сто килограми, со истите придобивки како кај актуелниот Golf, односно со намалувањето на товарот на грбот управливоста остана непроменета, а амортизацијата доби на култивираност.

Моторот од 1,2 литар е помоќен од стар 1,6-литарец

Од пониската тежина профитираат и моторите. Четирицилиндарецот од 1,2 литар веќе се докажа во повеќе модели, па дури и во повеќе генерации на модели на концернот, така што останаа само хроничните скептици да се сомневаат во способноста на овој мотор да движи лимузина со големина на Octavia. Трендот на даунсајзинг направи 1,2-литарците денес да работат на местото на старите 1,6-литарци, па дури и подобро, и тоа првенствено поради турбонатполнењето.

Мала слабост при поаѓање се чувствува само во првите моменти во возењето, додека возачот се навикне на оваа појава, но затоа во секој следен момент во возењето не останува многу простор за забелешки во поглед на моќноста на моторот. Зрелоста на возилото во целина е тоа што не дозволува да се почувствува вистинската динамика на возење, туку дури откако ќе се погледнат вредностите на хартија се добива потврдата за вистинската способност на 1.2 TSI со 105 КС. Тие покажуваат: 196 километри на час и 10,3 секунди до сто. Сосема примерно.

Седумка пред запирката за вредноста на потрошувачката

Поголемо задоволство следува кога ќе се потврди ефикасноста на даунсајзингот. Со постојано напумпан вртежен момент преку турбонатполнењето може без тешкотии да се одржува штедлив режим на возење, со рано префрлување во повисок степен и умерено забрзување до средни вртежи, за што возачот ќе биде награден со вредности за потрошувачка со седумка пред запирката. На автопат моторот исто така нема потреба премногу да се напрега, од една страна поради солидната аеродинамика, а од друга поради релативно долгиот пренос во менувачот. Така моторот со 105 КС докажува дека е дораснат и за подолги патувања.

Со своите квалитети, Skoda ја оправдува и цената од 14.690 евра за тестираниот модел, со вториот по моќност мотор и со второто ниво на опрема. Вообичаено за марката, моторот од основата на понудата може да се комбинира и со највисокото ниво на опрема, Elegance, каде што за 17.340 евра, односно со разлика од 2.650 евра се добиваат автоматска клима, биксенонски светла, темпомат, паркинг сензори, алуминиумски бандажи и по неколку ставки што ги облагородуваат практичноста и амбиентот во кабината.

[one_half][box type=”success” ]

    • Натпросечна просторна понуда
    • Штедлив бензинец со 105 КС
    • Комфор во возење [/box]

[/one_half]

[one_half_last][box type=”error” ]

    • Едноставна пластика во вратите и дел од средишната конзола
    • Релативно висок товарен раб [/box]

[/one_half_last]

Технички податоци Skoda Octavia 1.2 TSI 105 KC
Мотор 4 цилиндри, 16 вентили, бензински, турбо, директно впрскување на гориво, dohc,
Работна зафатнина 1197 cm3
Пречник и од 71,0 х 75,6 mm
Моќност 105 КС при 4500-5500/min
Вртежен момент 175 Nm при 1400-4000/min
Компресија 10,5:1
Погон и пренос  
Менувач 5 степени, мануелен
Подвозје  
Водење на тркалата напред Мекферсон, триаголни водилки, стабилизатор
Водење на тркалата назад Торзиска оска
Управување Електромеханичко серво, запчеста летва
Тркала и гуми 6Јх15, 195/65 R15
Димензии на каросерија  
Д х Ш х В 4659 х 1814 х 1461 mm
Меѓуоскино растојание 2686 mm
Багажник 590/1580 литри
Тежини  
Празно возило 1230 kg
Носивост 625 kg
Резервоар 50 литри
Перформанси  
Крајна брзина 196 km/h
0-100 km/h 10,3 s
Потрошувачка град/пат/просек 5,9/4,4,4,9 L/100 km

 

[tabs type=”horizontal”][tabs_head][tab_title]СЕРИСКА ОПРЕМА ВО AMBITION[/tab_title][tab_title]ДОПОЛНИТЕЛНА ОПРЕМА ЗА AMBITION[/tab_title][/tabs_head][tab]6 воздушни перници, ABS, контрола на стабилност со помош при поаѓање на нагорнина, електрика и греење на ретровизори, полуавтоматски клима уред, старт-стоп, централна брава со далечинска команда, електрика на прозорци напред и назад, патен компјутер, дневни светла, висинско местење на возачко седиште, висинско и длабинско местење на волан, радио, магленки, потпирач за рака напред, поврзување со мобилен телефон[/tab][tab]Цени во евра: Бришач на задно стакло 70, собирање и самозатемнување на ретровизори 95, греени прскалки за ветробран 25, влечна кука отстранлива 372, ЛЕД задни светла 120, сензори за паркирање назад 310, хромирани лајсни на прозорци 110, автоматска двозонска клима 415, пристап и стартување без клуч 350, греење на предни седишта 170, сончев покрив 850, греење на ветробран 180, мал кожен пакет 180, металик лак 365, автоматско долго светло 170, биксенонски светла 890, избор на програма на возење 90, озвучување Canton 490, алуминиумски бандажи од 16 инчи од 325[/tab][/tabs]

[nggallery id=62]


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

107
15 shares, 107 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3730