96
14 shares, 96 points

Еден автомобил влева надеж во продажбата на нови возила на нашиот пазар. Оваа семејна лимузина им парира на возилата од плацот за користени со големината, со квалитетите на нов автомобил, но и со цената.

Производителите го нарекуваат тоа глобализација, а фактички се работи за воведување на модели во понудата на возила за пазарите на кои што првенствено се ценат традиционалните вредности на автомобилот. Во голем број земји на купувачите не им е пресудно при изборот дали возилото поседува напредни системи за асистенција, како самостојно запирање при опасност на патот или одржување постојана конекција на интернет, туку се бараат практичност, комфор при патување, робусност, штедливост, и најважно од сé, достапна цена.

Понудата на широка палета на мотори и на разновидни каросериски изведби, богат избор на дополнителна опрема и разни можности за индивидуализација на стилот само го поскапуваат развојот на возилото, а со самото тоа расте и неговата цена во салон. Peugeot умее да ги задоволи сите овие барања со моделите од вообичаената понуда и тоа е еден од силните столбови на француската марка. Но, што се случува кога понудата ќе се сведе на три погонски единици, една каросериска изведба и три нивоа на опрема?

Peugeot 301 е револуција во понудата на марката за глобалниот пазар

Се случува Peugeot 301, семеен автомобил со преферираната триделна каросериска форма и со големина и практичност на модел од средната класа, а со цена на автомобил од две класи подолу. За споредба, последната генерација на „двојката“ на Peugeot, со мотор со 68 КС и каросерија со пет врати, во првото ниво на опрема чини 11.290 евра во редовната понуда, додека Peugeot 301 со споредлива моторизација и опрема е достапен за 10.490 евра. Добредојде за глобализацијата.

Конкурентскиот Renault изведе сличен чекор со воведувањето на марката Dacia, чии што модели Sandero и Logan возат веќе во втората генерација и постигнуваат одличен успех во продажбата, наведувајќи ги другите производители и тие да го преземат потегот. Место да воведе евтина марка, Peugeot реши да го искористи силниот имиџ што стои зад неговото име на глобалниот пазар и со мала измена во номенклатурата да укаже на посебната позиција на 301.

Секако дека 301 е сто проценти Peugeot, како во поглед на задржувањето на визуелниот идентитет на марката, така и во поглед на актуелноста на техниката што се вградува во моделот. Големата лимузина не е евтина заради попуштањето во стандардите за применетите материјали или застареноста на техниката, туку поради посебниот развоен пристап со една каросерија, помалку мотори и нивоа на опрема, и многу поважно, поради наменетоста за големите пазари кои што ќе доведат до масовна продажба на моделот и брза исплатливост на инвестицијата во моделот. Примарни пазари на Peugeot 301, чие што производство се одвива во Шпанија, се Централна и Источна Европа, Русија, Украина, Грција, Тунис, Алжир, Мароко, Средниот Исток, земјите од Голфот, Латинска Америка, а во втората фаза и Кина. Тоа е навистина многу свет.

Возило полно со изненадувања

Новата француска лимузина ја користи платформата од моделот 208, продолжена за единаесет сантиметри на 2,65 метри, со 30 милиметри поширока трага напред и 10 милиметри назад, и соодветно на тоа поголема кабина од комбилимузинскиот модел. Од продолжувањето на меѓуоскиното растојание најмногу профитираше просторот за нозе на задната клупа, кој според Peugeot има рекордна должина во сегментот. Меѓу другото, тоа произлегува од анкетирањето на потенцијалните клиенти за новиот модел, во кое што се покажа дека во голем дел од земјите каде што ќе се продава 301, сопствениците имаат возач и седат назад.

Од триделната каросерија може да се насети голем простор за багаж назад – и да се погреши. Просторот е огромен, до толку што се очекува да се чуе екот кога нешто ќе се остави во него! Според стандардот VDA, багажникот има зафатнина од 506 литри, односно 640 литри вкупна слободна зафатнина, вклучувајќи 35 литри под подната облога. Мал проблем може да биде тоа што на самиот капак на багажникот отсуствува копче, па се отклучува или преку копчето во кокпитот или преку копчето во клучот од возилото. Тоа што завршната изработка попушта во овој дел и подната плоча е тенка и без практична рачка за повлекување, не би требало да се сфати како пропуст, од аспект на ценовното позиционирање на моделот.

Затоа е практично соборувањето на задната клупа, со поевтина јамка место со пластична рачка, но затоа во еден потег и без потреба од повлекување на предните седишта или спуштање на потпирачите за глава. Тоа е уште една предност од долгиот простор за нозе назад. Критика за тоа што по соборувањето на клупата не се добива совршено рамен под по целата должина повеќе би била претерување. Очигледно се внимавало на искористливоста на овој простор: Отворот во долниот дел е долг и доволно висок за куферите да може да се натоварат и исправени, товарниот праг е релативно низок, носачите на капакот не навлегуваат премногу во багажникот и нема опасност од евентуално притискање на куферите, просторот меѓу поткрилата е широк. Беспрекорно!

Моторот со 72 КС остава впечаток на поголема моќност

Повеќе неизвесност се јавува околу прашањето за моторот. Трицилиндарецот од 1,2 литар со 72 КС, според хартија не ветува динамика во возењето. Но, предрасудите постојат да се побиваат. Овој мотор од новата генерација без каков било проблем го следи вообичаеното градско темпо, но тоа што изненадува уште повеќе е фактот што постои резерва од моќност и при искачување по нагорнина со половина од дозволеното оптоварување. На тест рутата која што во редовниот дел води и преку Гостивар до Маврово, Peugeot се однесуваше небаре го има основниот мотор на 308.

Објаснувањето за ова примерно однесување на 1,2-литарецот од една страна лежи во трицилиндарската конструкција, која што типично ослободува повеќе њутнметри при ниски и средни вртежи, а од друга страна во смаленото внатрешно триење во моторот, што освен во потрошувачката на гориво секако дека се огледува и во реакцијата на моторот. При нормален режим на возење може дури и да се заборави на тоа дека моторот работи со три цилиндри, затоа што типичниот звук се јавува единствено при влегување во последната третина од работното подрачје.

Потрошувачката од 7,2 литри ја потврдува вредноста на возилото

Целиот концепт на Peugeot 301 добива смисла дури со штедливиот и култивиран мотор од 1,2 литар од основата на понудата. Во овој сегмент на цени и на возило досега вообичаено се нудеше стара погонска техника, која што одамна ги исплатила развојните трошоци и се произведува речиси беспари. Но, тоа што е евтино за производителот, за корисникот е скапо и ја урива целата смисла на евтиното возило. Со 7,2 литри просек, основниот Peugeot 301 троши исто колку пософистицираниот, но помал брат, Peugeot 208.

Позитивниот впечаток од возилото го заокружува и подвозјето. Обично платформите од малечките автомобили од кои што е изведена долга лимузина попуштаат кога ќе се потерааат до граничното подрачје во тесни свијоци. Оваа лимузина упорно ја следи линијата и не дозволува опашот да побегне ниту на миг, пред да се вклучи контролата на стабилноста, која што е во серискиот пакет. Дури ниту подуправувањето не е премногу изразено, Peugeot 301 остава впечаток на одлично избалансирано возило, а во тој поглед се надоврзува и управувањето, со пристојна доза на повратна информација и доволна директност за агилна управливост на кривулест пат.

Второто ниво на опрема е сосема доволно

Тестираниот модел со второто ниво на опрема во редовниот ценовник чини 11.490 евра, односно 10.930 евра со актуелниот попуст. При решавање за заштеда од 1.000 евра и избор на основното ниво на опрема, купувачот ќе треба да се откаже од клима уредот, радиото, електриката на ретровизорите, магленките и поделената задна клупа во Active, но затоа остануваат контролата на стабилноста и четирите воздушни перници, комфорната електрика за прозорците и вратите, патниот компјутер и висинското местење на возачкото седиште.

Третото ниво на опрема Allure е достапно само со 1,6-литарските мотори, но затоа ставките што ги содржи ова ниво се достапни како опција за Active: Автоматски клима уред за 240 евра, приклучок USB и блутут, заедно со команди на волан за радиото за 340 евра, алу бандажи од 15 инчи за 340 евра. Паркинг сензори за 260 евра, аларм за 260 евра и алу-бандажи од 16 инчи за 260 евра се достапни како опција само кај врвното ниво Allure, односно во верзијата 301 1.6 VTi за 13.490 евра според редовниот ценовник. Покрај бензинците се нуди и дизел од 1,6 литар со 92 КС и цена од 13.490 евра за второто ниво на опрема.

Технички податоци Peugeot 301 1.2 VTi
Мотор 3 цилиндри, 12 вентили, бензински
Работна зафатнина 1199 cm3
Моќност 72 КС при 5500/min
Вртежен момент 110 Nm при 3000/min
Погон и пренос  
Менувач 5 степени, мануелен
Подвозје  
Водење на тркалата напред Мекферсон, стабилизатор
Водење на тркалата назад Торзиска оска
Управување Електро серво, запчеста летва
Гуми
Димензии на каросерија  
Д х Ш х В 4442 х 1748 х 1466 mm
Меѓуоскино растојание 2652 mm
Багажник 506 литри
Тежини  
Празно возило 980 kg
Носивост
Резервоар 50 литри
Перформанси  
Крајна брзина 160 km/h
0-100 km/h 14,2 s
Потрошувачка град/пат/просек 6,9/4,2/5,2 L/100 km

[nggallery id=73]


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

96
14 shares, 96 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3730