ТестТестови

Тест • Opel Meriva 1.4 Turbo

Вановите во класата на Meriva спаѓаат во сортата што претрпе една од најрадикалните трансформации, во екот на надоаѓањето на компактните кросовери. Според тоа што го нуди Meriva, на вановите им претстои уште долга иднина.

Не е едноставно да се купи нов автомобил во овие времиња. Не само што секојдневно се измислуваат нови казни за возачите и се поскапуваат старите, па ни остануваат сé помалку пари, туку дополнително и производителите на автомобили ни го отежнуваат изборот. Прашањето дали е подобро да се избере модел од компакт класата со основен мотор и основно ниво на опрема или модел од градската класа, но со силен мотор и со највисокото ниво на опрема, само некогаш беше тешко да се одговори. Денес изборот е многу поголем, а со тоа и одговорот е посложен. За исти пари, во игра влегуваат уште кросовери, акциски модели пред замена со нова генерација или фејслифт, повеќенаменски комби изведби, ванови…

Особено ванови! Сортата што ни се чинеше дека е прва пред изумирање откако заживеа трендот на мини кросоверите, со цената е позиционирана токму каде што би било најлесно да се пресече и да се донесе решението околу изборот. Opel Meriva, според редовниот ценовник, стартува од 14.633 евра, наспроти Opel Astra, чија што почетна цена изнесува 14.965 евра, со истиот 1,4-литарски бензинец со 100 КС и споредливо ниво на опрема. Со практично идентична цена на два тотално различни концепта на возила, прашањето е: Конвенционално или малку поразлично?

Задните врати се отвораат наназад – исто како во Rolls-Royce Phantom

Комерцијализацијата на актуелната генерација ванови се случи приближно во време кога производителите го привршуваа развојот на сега трендовските мини кросовери. Додека втората генерација на Meriva се подготвуваше за старт, пазарните стратези на Opel веќе го имаа датумот на појавување на актуелниот бестселер Mokka. Секако дека тие не го превидоа загрозувањето на Meriva од појавувањето на моментно третиот најпродаван модел на Opel, исто како и од неговите сé побројни соперници, па затоа наложија и соодветна подготовка на ванот.

Meriva му се спротивставува на трендот на кросоверите со неверојатната приспособливост на кабината
Meriva му се спротивставува на трендот на кросоверите со неверојатната приспособливост на кабината
Евидентно е дека минивановите во последниве години претрпеа една од најрадикалните трансформации меѓу сите класи на возила. Што сé не е во состојба да направи Meriva, само да го задржи вниманието. Прво и основно, задните врати се отвораат наназад – исто како, на пример, во хиперексклузивниот Rolls-Royce Phantom. Тие се еден од носечките делови на концептот на миниванот на Opel, што е соодветно потенцирано и дизајнерски, со прекршувањето на долниот раб на страничните прозорци во делот меѓу двете врати.

Во Meriva се го носи предзнакот Flex, од седиштата и вратите, преку интегрираниот носач за велосипеди, до моторот

Следна на репертоарот на трансформација на Meriva е задната клупа. Принципот FlexSpace што таа го следи, предвидува надолжно лизгање на страничните седишта, а по потреба или желба, приближување на обете седишта едно кон друго, додека средишното мини седиште е вовлечено долу, за патниците на задната клупа да седат комотно оддалечени од страниците на каросеријата исто колку патниците напред. На тоа се надоврзуваат уште целосно рамниот под по соборувањето на задната клупа, со што зафатината на багажникот се зголемува од 400 на 1.500 литри, потоа дводелниот под, средишната конзола FlexRail со лизгачки потпирач за рака и огромен простор за одлагање оздола и под потпирачот, па на крајот и електричната паркирна сопирачка, којашто ја овозможува последнава функционалност и следува како стандард во сите моделски изведби на Meriva.

Кому сето тоа му е недоволно, на располагање има уште опции во списокот на дополнителна опрема: Носач за 2 велосипеда FlexFix, којшто волшебно се извлекува од задниот браник и секогаш е присутен во возилото, потоа функциски пакет со кутија под возачкото, фиока под совозачкото седиште и уште неколку прегради, па се до корито за багажникот или двострана подна облога за истиот, изработена од издржлива гума и лесна за одржување. Meriva уште во место покажува таленти коишто се својствени само за концептот на ван. Но, како на крајот функционира оваа целина?

За разлика од првата генерација, актуелната Meriva повеќе конкурира во сегментот на компактни ванови

Прво, задните врати. Веројатно децата ќе бидат одушевени најмногу од тоа што автомобилот на нивниот татко се разликува. Другите, малку повозрасните, ќе забележат дека принципот со задното отворање е сосема во ред, дури и кога на задната клупа треба само да се остави актовката или чантата, поштедувајќи половина метар пешачење од предната до задната врата, но при седнувањето ќе го почувствуваат недостигот на уште неколку сантиметри во ширината на отворот за вратата, за целото ова искуство да може да се оцени како совршено комотно и пријатно. Покрај тоа, кога некој излегува од предната врата, тој што е назад мора да почека. Тоа би биле и единствените забелешки во поглед на функционалноста на Meriva.

opel meriva 14t test 2237266908Со должината од точно 4,3 метри, во кабината не може да се очекува просторност послаба од компактна комбилимузина, со тоа што високиот покрив дополнително придонесува за попријатно просторно чувство. Истото важи и за ширината: Со 1,91 метар, Meriva е широка исто колку лимузина од високата класа. Токму последново влијае најмногу врз тежината на миниванот, или поточно, компактниот ван. Во тестираната верзија со 1,4-литарски бензинец со 140 КС, симпатичниот Opel тежи 1.408 килограми, вклучувајќи ги 75-те килограми на возачот.

Комфорот во возење е подеднакво убедлив аргумент како приспособливоста на кабината

Тоа е веќе пристојна тежина и за очекување е овие килограми да се покажат и во возењето. Продолжената платформа од Corsa сепак нема преголеми проблеми со дополнителниот баласт. Со меѓуоскино растојание од 2,65 метри, подвозјето добива релаксираност при совладувањето на подолгите нерамнини на патот, воспоставувајќи изненадувачки пријатно ниво на комфор. Како што се зголемува брзината, така Meriva сé повеќе се претвора во крстосувач на долги релации, доволно тивка, еластична во амортизацијата, со добри манири во возните својства. Комфорот во возењето е дури и поубедлив аргумент од флексибилноста во кабината на Meriva.

Проблеми со тежината има повеќе моторот. Не дека турбобензинецот е недоволно моќен, туку поради онаа мала, но сепак присутна „турбо дупка“, покренувањето на масата на Meriva некогаш мора да се одложи во втор обид, затоа што при невнимание може да се случи моторот да згасне. Затоа, пак, моторот потоа надоместува целосно за оваа почетна слабост и продолжува да работи култивирано, со пријатен звук и рамномерно ослободување на силината во целото работно подрачје. Чоколадната страна на моторот е секако и сонорниот звук што се слуша кога паѓаат вртежите и при префрлување во понисок степен, поради присилното полнење.

Чувството во возење е како да се седи во поголем автомобил

Во поглед на возните својства не треба да се очекуваат спектакли, што секако е условено и од вановската концепција на Meriva. Многу повеќе радува тоа што меката амортизација не повлекува несигурно тетеравење на каросериската надградба во свијоци, како и нагла промена на „расположението“ при грубо одземање на гасот и силно сопирање во свијоци. Возачкото искуство би се подобрило за уште нијанса доколку се одземе „сунѓерастото“ чувство при милиметарски корекции со воланот и доколку рачката на менувачот добие помалку нервозни одови. Новата генерација шестстепени менувачи е значително подобрена во тој поглед, но таа следува дури со исто така новиот 1,6-литарски дизел на Opel.

На крај, повторно за прашањето со цените. Opel го олеснува прашањето на изборот со акцискиот модел Meriva 1.4 Selection со 100 КС за 11.350 евра, вклучувајќи клима уред, вообичаен пакет комфорна електрика во внатрешноста и магленки. Заштедата од 3.283 евра во однос на редовната цена на моделот од 14.633 евра, се зголемува за уште 850 евра, колку што е цената на гратис опремата во акцискиот модел, така што на крајот произлегува попуст во висина од неверојатни 36,5 проценти! Со тоа, акциската Meriva е понуда што сигурно вреди да се земе во предвид, особено покрај фактот што станува збор за модел што од почетокот на оваа година настапува со фејслифт и може да се биде спокоен во тој поглед.

Со акциската понуда, Meriva чини исто колку стандардна комбилимузина од класата на Corsa

Во случај на тестираниот модел се работи за нивото на опрема Drive што наспроти основното ниво доаѓа дополнително со автоматска двозонска клима, електрика на сите прозорци, кожа на воланот, темпомат, алу-бандажи од 16 инчи, автоматика на светла и бришачи, амбиентално осветлување во кабината, странични воздушни перници напред и радио со команди на волан. Вака опремена и моторизирана, Meriva чини 18.927 евра во редовниот ценовник, односно 1.100 евра помалку во пониското ниво на опрема Enjoy. За верзија со систем старт стоп, којашто ќе постигне заштеда во потрошувачката на гориво во град од околу петнаесетина проценти, потребно е да се доплати уште 300 евра. Моторот и без тоа не покажува преголема жед, со просекот од околу осум литри при комбинирано возење, што е прифатливо ниво ако се земат во предвид повисоката каросерија и тежина на Meriva.

Ознаки
loading...

Слични објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Откриен е Adblock

Ќе ни помогнете доколку ја исклучите вашиата блокада за реклами