Download WordPress Themes, Happy Birthday Wishes
Тест

Тест • Great Wall Steed 5 2.4i One

Некој ги нарекува играчки за возрасни деца, иако нивната функција се сведува на работа и само работа. Некој друг ги вози заради животниот стил. Но, едно е неоспорно: Пикапите се вечна категорија на возила.

Кинеските возила ја имаат таа особеност што имиџот им доаѓа долго пред возилата да пристигнат на овдешните пазари. Светот ги мисли како плагијати, како кршливи метални кутии, особено по фијаското на Brilliance, како возила што примарно се конципирани да бидат евтини, што подразбира занемарување на останатите квалитети што се очекуваат од автомобилот. Кај Great Wall испадна поинаку.

Овдешниот свет слушна повеќе за марката откако таа ја отвори фабриката во Бугарија – Great Wall е прва кинеска марка со продукција на европска територија, и тоа воопшто не е случајно, токму во земја членка на ЕУ. За разлика од претходните случаи на пазарни премиери на кинески марки, имиџот на оваа носи само позитивно – и тоа е единствениот исклучок досега.

Пред повеќе години, кога Hyundai ги пробиваше возилата од поскапите сегменти на пазарот во САД, Корејците изведоа експеримент со предрасудите на купувачите: Сите логоа и сите обележја на марката беа покриени додека потенцијалните клиенти ги пробуваа возилата. По анкетирањето, возачите покажаа големо задоволство, претпоставувајќи дека се работи за нова генерација на модел од одомаќените марки. Така се побиваат предрасудите, така се стекнува реална претстава за квалитетите на возилото.

Наспроти вообичаените плагијати од кинеските марки, Steed покажува свежина и оригиналност

Малку од предрасудите остануваат при соочувањето со пикапот на тест. Steed 5 не е плагијат, туку напротив, покажува интересен стил, или комбинација од стилови, особено со елегантниот нос, иако во тој поглед моделот отстапува од типичната робусност што пикапите ја оддаваат со нивната појава. Тука Steed повеќе личи на модерен спортски теренец, отколку на работна машина на која што воопшто нема да ѝ пречи ако биде испрашена до половината од вратите. Чудно е тоа што кинеска марка се приклонува на страната на авангардата и воведува промени во воспоставените стандарди на визуелниот идентитет на пикапите. Чудно, но не и неубаво. Во секој случај, тука ќе има соочување на различните ставови.

Кај овие возила е многу покорисна изработката на каросеријата, или барем оние неколку знаци што укажуваат на тоа. Обидот да се најде отстапување од паралелноста во зјајот меѓу вратите со каросеријата завршува неуспешно. Истото се однесува и на превиткувањата на ламарината, кои неретко кај кинеските марки изгледаат како да се направени отпосле со чекан.

Изработката на каросерија убедува во робусноста и издржливоста на пикапот

Најважниот дел од пикапот сепак е товарната површина одзади. Тука малку разочарува едноставноста на шарките на капакот, што не значи дека истите не се издржливи. Трагите од користење, поточно нивното отсуство кај тест возилото, укажува на тоа дека површинскиот заштитен слој ќе издржи и долги години експлоатација. Надворешните држачи за прицврстување оставаат впечаток дека се солидно димензионирани, соодветно на тежината од еден тон до која што е дозволено да се товари пикапот. Малку повеќе внимание можело да се посвети во внатрешните прстени за прицврстување на товарот, кои се фиксни и изведени едноставно, место да се преклопливи за товарот да се заштити од оштетување при транспортот. Затоа, пак, задните светла се одлично заштитени при пристапот до товарната површина од претходно критикуваните едноставни шарки, а и поткрилата одземаат веројатно рекордно малку простор, со што се овозможува максимално искористување на товарниот дел.

Новодојденецот да ти бил светска ѕвезда – 700.000 примероци

Многу детали изненадуваат во Steed, многу детали кажуваат дека ова не е само евтин пикап. И вистина, Steed е гордоста на Great Wall – најголемиот дел од пикапите и спортските теренци на кинескиот пазар го носат токму знакот на оваа марка. За да биде појасно, секој трет пикап е Steed. Во повеќе од 100 држави низ светот, вклучувајќи ги Централна и Јужна Америка, голем дел од Африка, Австралија, од минатата година и Велика Британија, Норвешка, а подолго време и Италија, марката што го носи името на најголемата знаменитост на светот има продадено преку 700.000 примероци од овој пикап. Ете зошто не треба да се избрзува со предрасудите.

Увозникот Толту го нуди Steed 5 во шест моделски изведби, дополнително во верзија со погон на автогас, во две нивоа на опрема, со пристоен список на дополнителна опрема, па и со неколку надградби на товарниот простор. На тест е изведбата со погон само на задната оска, со 2,4-литарски четирицилиндарец од Mitsubishi и со повисокото ниво на опрема, која според официјалниот ценовник чини 13.550 евра. За овие 1.810 евра разлика во цената во однос на најевтината можност да се вози кинескиот пикап, дополнително се добиваат електрика за ретровизорите и за прозорците, кожени седишта и врати обложени со перфорирана кожа, хромирани детали на каросеријата и покомплетно озвучување.

Ниската цена не оди со ускратување на опремата

Тоа што оди како стандард се две воздушни перници, клима уред, централна брава со далечинска команда, радио со команди на волан и приклучок USB, кожа на воланот, потпирач за рака напред, дневни светла, алу-бандажи од 16 инчи – вклучувајќи го и резервното тркало. Интересни се цените на дополнителната опрема. Паркинг сензори чинат 150 евра, аларм 140 евра, металик лак отпорен на гребаници 450 евра… за алки за фиксирање товар сепак треба да се доплати 60 евра, исто како и за пофалената пластифицирана заштита на товарниот простор – 230 евра. Малку е чудно тоа што греење на задното стакло е достапно како опција само кај второто ниво на опрема, за 40 евра.

Погонот на сите тркала се врзува само со повисокото ниво на опрема Star и чини 16.900 евра со бензинскиот мотор, односно 17.900 евра со дволитарскиот дизел со 150 КС. Како за товарно возило, на оваа цена треба да се смета можност за поврат на ДДВ од 18 проценти. Тоа значи дека најевтиниот Steed, при професионална примена чини 9.950 евра. Толку чини градски автомобил со багажник  од одвај 300 литри и седумдесетина коњски сили.

И за култивираниот мотор има објаснување – Mitsubishi

Возењето пикап во основа не се разликува многу од модел до модел – под услов тој да е направен солидно. Тука се решавачки издржливоста и едноставноста на механиката во услови на голема носивост и секојдневна експпоатација во отежнати услови и не треба да се очекуваат чуда во префинетоста во работата на погонската спрега или комфор во возењето. Во тој поглед, доволен е фактот што култивираноста на механиката не отстапува од пикапите што подолго од Steed 5 се застапени на европскиот пазар. Кабината е пречистена од непријатни вибрации или резонанси од погонот, рачката на менувачот работи суво и ковчесто, но не и непрецизно или отежнато, управувањето бара привикнување, поради отсуството на повратна информација.

При патување на подолги релации помага тоа што петтиот степен е пресметан релативно долго и тоа го спушта нивото на помалку од 3.000 вртежи при темпо за автопат, што е попријатно и за ушите и за џебот. Акустичниот комфор е на пристојно ниво, но затоа тука е постојаното и ситно потскокнување на задната оска, како потсетник на товарниот карактер на возилото и на крутите листести пружини одзади, особено кога товарниот простор е неоптоварен. Кој повеќе пати возел пикап, нема да се изненади од ова типично однесување за сортата.

Подеднакво е типична и конфугирацијата на просторот на задната клупа. Во интерес на добивање колку е можно подолга површина за товарање, на сметка на должината на кабината, задната клупа е повеќе исправена и во тој поглед не може да се очекува комфор на седење како во семејна лимузина. Но, сето тоа е работа на компромис, која што и досега не ја попречи постојаноста на популарноста на овие мини камионети за секаква пригода.

Возењето на автогас е следната голема предност на Steed – дизелот е вишок

Понудата на Steed во бензинска варијанта е предност на пикапот – поради можноста за преориентација на автогас. Оваа можност чини 1.200 евра и според педантно изведените пресметки на увозникот се враќа по околу 20.000 километри. Верзијата на тест користеше токму автогас и при префрлување од еколошкиот и евтин гас на бензин не се почувствува разлика во моќноста и во однесувањето на моторот. При умерен режим на возење може да се очекуваат вредности на потрошувачка од десетина литри бензин на сто километри, односно дваесетина проценти повеќе при погон на автогас – при споредлива динамика на возење.

Предност на пикапот се и гаранциските рокови: Пет години или 150.000 километри за техниката, шест години гаранција за корозија и три години за лакот, плус гаранција за мобилност, односно 24-часовна поддршка при дефект на пат. Во комбинација со ниски цени на резервни делови, тука лежи најголемата доблест што се очекува од пикапот. Да биде издржлив и евтин за возење.

Ознаки
loading...

Слични објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Провери и ова

Close

Откриен е Adblock

Ќе ни помогнете доколку ја исклучите вашиата блокада за реклами

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3730