за

Тест • Ford Fiesta 1.4i Titanium

1. FORD FIESTA, продадени примероци 174,441 (+3.8%)

Малечки автомобили? Од каде тоа? Со 96 КС и врвна опрема, Fiesta нуди задоволство во возењето како многу поголем автомобил. Тоа убедува во едно, малечкиот Ford е бескласен.

Кај автомобилите што по навика сé уште ги нарекуваме градски, иако тие веќе одамна нараснаа до четири метри, производителите обично негуваат заштитна политика. Таа не е смислена да ги штити нив, туку првенствено автомобилите од првата класа погоре, компактите. Логиката е едноставна. Ако на купувачите им се понуди автомобил што се носи во стилот на поголемите од него, но секогаш останува недоречен во дизајнерската порака, ако на истиот му се скуси просторот на задната клупа и се ограничи искористливоста на багажникот или ако во опремата се остават дупки, кои затоа совршено ги пополнува поголемиот модел, нормално е дека тие ќе се решат за него. Или кусо: Малечкиот автомобил ги привлекува купувачите во салон со цената, купувачите заминуваат со поголемиот автомобил. И поскапиот автомобил.

Fiesta изгледа како малечок Aston Martin

 

Тоа е јавниот таен принцип на работа на браншата. Заработката е примарна. Но, секаде и секогаш постојат отстапки. Тоа што Ford го нуди со Fiesta во класата на малечките е една од нив. Што тоа ни нуди Ford? Место стилски недоречен автомобил, Германците ни нудат каросерија набиена со емоции, па дури и со маска што окото инстантно го потсеќа на некогашната марка на Ford, на Aston Martin. Исправена по вертикала како со либела, со хромирани ламели уште во основното ниво на опрема, оваа маска оддава впечаток на самодоверба и моќ.

Сегашниот изглед на Fiesta е резултат од темелниот фејслифт, што направи каросеријата да биде уште подостојна на името што го носи моделот, окото да го прославува тоа што го гледа. Неверојатно е колку детали се откриваат при секој нов поглед: Надолжни гребени по хаубата, долен раб на браникот што во краевите е изведен како спојлер на болид во формула 1, широки арки во крилата, одзади надолжен раб во капакот, во линија со графиката на светлата. Овој автомобил може да се сака.

Зрелоста на концептот има едноставно објаснување – речиси 40 години на пазарот

Вистина, во тоа по малку му помага и високиот пакет, Titanium кај тест возилото: Хромирани лајсни под прозорците, дневни светла во лента од светлечки диоди, стилски алу-бандажи од 15 инчи, хромирана лајсна на задниот капак и магленки обрабени во хром. Нема сомнеж дека Fiesta внесува радост и забава во класата на пораснатите малечки, впрочем тоа речиси 40 години го сугерира и името на моделот.

Како што обично бидуваат работите, тоа што е убаво однадвор, можно е однатре да ја сокрива убавината. Може, но не мора. Зад воланот владее истата титаниумска цврстина во стилот како во надворешноста. И повторно Titanium: Средишна конзола и рачки во вратите во клавирски лак, цврсто стегната кожа на воланот, мека облога на горната површина на кокпитот, квалитетен и издржлив штоф на седиштата со контрастна опшивка, па дури и амбиентално осветлување со светлечки диоди во црвена боја, како детал од лимузините од средната класа.

Луксуз од повисока класа по цена од 1.000 евра – вреди

Вреди доплатата од 1.000 евра за ова ниво на опрема, наспроти нивото Trend, како најниско кое што е достапно со моторот со 96 КС, првенствено поради тоа што сите овие дополнителни ставки од опремата и украси оанадвор и однатре го облагородуваат возилото и влеваат чувство на автомобил од повисока класа. Затоа, уште еднаш, Fiesta е бескласен автомобил.

Колку и да се очекуваат пропусти, кои што производителите обично си ги дозволуваат во класата, Fiesta останува суверено да го следи принципот на непогрешливоста на германската автомобилска школа. Дисплејот во средишната конзола е добро засенет и читлив дури и кога сонцето бие ниско одзади, со функциите на радиото се ракува преку копче што се движи во четири насоки, а големото тркало во средина на полето за ракување со функциите на вентилацијата, кое што на почетокот се чини преголемо и нападно, на крајот сепак се цени како функционално и интуитивно за ракување.

Забелешки може да се дадат единствено за задните врати можело да се отвораат за некој степен повеќе, како и за отсуството на џебови во нив, потоа за рефлексиите кои се појавуваат во тубите околу инструментите при ноќно возење, како и за положбата на приклучокот USB и за излезот за надворешни уреди кои што се поставени на чувствително место покрај рачката на паркирната сопирачка. Во ова ниво на опрема би се очекувало и приспособливо ниво на подот на багажникот, за подобро распоредување на ситните предмети што се дел од секојдневието во автомобилот. Заради препознатливата форма на задните светла е жртвувано и малку од ширината на отворот за багаж, а и шарките на задната клупа можело да бидат повеќе сокриени за да не постои опасност од оштетување на багажот.

Со 96 КС во каросерија на градски автомобил веќе следува спортско чувство

Секојдневие во Fiesta 1.4i ќе биде и моторот со 96 КС. Точно е дека повеќе сакавме под хаубата да се најде ѕвездата на Ford, трицилиндарскиот EcoBoost кој две години по ред ја освојува титулата светски мотор на годината, барем во верзијата со 100, ако не со 125 КС, но тоа ќе значеше и 600 евра повеќе во крајната цена на возилото. Кој смета дека оваа разлика во цената ќе ја надомести преку пониската потрошувачка на трицилиндарецот, без двоумење ќе посегне по него – меѓу другото, овој мотор го тестиравме во B-Max и впечатоците исто така беа мошне позитивни.

Но, и класичниот 1,4-литарец е сосема среќен избор. Дури и одличен избор, за возачите кои повеќе ценат вртежен момент што се добива од работна зафатнина, место од турбонатполнење. Со натпросечни 96 КС за класата, четирицилиндарецот обезбедува динамика каква што заслужува агилното подвозје на Fiesta. Моторот повлекува рамномерно, врти со леснотија кон граничникот на работното подрачје, звучи моќно и меко, без каков било вишок на вибрации, а петстепениот пренос примерно се надоврзува на карактерот на моторот. Погонската спрега може да се нарече беспрекорна. Во секој случај се работи за мотор од средината на понудата, над него е единствено 1.0 EcoBoost со 125 КС – ако не се земе во предвид мини монструмот Fiesta ST со 180 КС и цена од 20.900 евра.

Без двоумење, Fiesta го има најдоброто подвозје во класата

Подвозјето е врвот на Fiesta. Марката со овалот отсекогаш била препознатлива по хармоничниот спој на динамичност и комфор во подвозјето, но како што се менуваат генерацииве, Ford како да напредува повеќе и од очекувањата. Иако амортизацијата реагира суптилно на ситните нерамнини и само благо протресува на погрубите несовршености во подлогата, при побрзо влегување во свијок Fiesta покажува цврстина и сигурност, со контролирано подуправување во граничното подрачје, за кое што возачот е наполно свесен благодарение на големата доза на повратна информација во управувањето. Малите димензии и тежина, во комбинација со моќниот мотор, се покажуваат како предност на Fiesta. Без двоумење, ова подвозје е најдобро во класата, во поглед на хармоничноста и огромните динамични потенцијали.

Цените сепак решаваат за изборот на возилото во оваа класа. Во тој поглед Fiesta ја задржува привлечноста, иако моторот 1.4i се нуди дури од второто ниво на опрема, додека кај дел од конкурентите, споредлив мотор во дијапазон на моќност меѓу 85 и 99 КС е достапен и во основното ниво. Seat Ibiza 1.4 16V 85 стартува од 11.470 евра во основното ниво Reference и со тоа го одбележува почетокот на конкурентското поле, веднаш по него е Toyota Yaris 1.33 Dual VVT-i со 99 КС и 11.990 евра, Fiesta 1.4i со ниво на опрема Trend и 12.200 евра, па следуваат Volkswagen Polo 1.4i со 85 КС и 12.518, и на крајот Opel Corsa 1.4 Ecotec со 100 КС и 12.716 евра во основното ниво. Сите цени се според актуелните ценовници на марките, без евентуалните кампањски попусти или промоции.

Комплетна опременост веќе во нивото Trend за 12.200 евра

Доколку не се земе во предвид големата противвредност во нивото Titanium и се реши да се заштедат 1.000 евра за средното ниво Trend, Fiesta и натаму ќе има мануелен клима уред, централна брава со далечинска команда, електрика на предните прозорци, висинско местење на возачкото седиште, лакирани детали на каросеријата, радио со команди на волан и приклучок USB, електрика и греење на ретровизорите, кожа на волан и на рачката на менувачот и програмабилен клуч My Key.

Погледот во списокот на дополнителна опрема нема да предизвика главоболки. Доколку се работи за високото ниво Titanium, се доплаќа 550 евра за пристап и стартување без клуч, 800 евра за аудио систем Sony со гласовни команди и синхронизација со мобилен телефон, 220 евра за автоматска клима, 250 евра за пакет од седум воздушни перници, вклучувајќи ги стандардните два или 250 евра за паркинг сензори, заедно со собирање на ретровизори. Затоа, пак, специјалната сина боја на тест возилото чини 600 евра, односно 100 евра повеќе од обичните металик тонови. Ford знае на што паѓаат купувачите.

[nggallery id=77]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Honda Jazz стартува со врвна штедливост

Seat го има најубавото комби во класата