144
19 shares, 144 points

Голем број возачи размислуваат да ги заменат тркалата со поголеми, очекувајќи подобри возни својства. Германскиот магазин провери: Дали поголемите гуми секогаш се и подобар избор?

Во ценовниците на возила редовно се нуди можност за избор на поголеми бандажи и пошироки гуми од стандардните. Но, прашање е дали секогаш се исплатува доплатата за нив. Германскиот магазин auto motor und sport изврши темелно споредбено тестирање за тоа кои димензии на бандажи и на гуми одговараат најдобро за секојдневието. Резултатот гласи: Бандажите од 17 инчи обично нудат најдобар компромис.

Магазинот тестираше бандажи од 16, 17 и 18 инчи со Audi A3 со преден погон и со класата С на Mercedes со заден погон, во услови на сув и влажен пат, како и во свијоци. Се тестираше бучноста на гумите, отпорот при тркалање, должината на патот на сопирање и управливоста. Сосема очекувано, потесните гуми се подобри при појава на аквапланинг во споредба со пошироките гуми, коишто пак ја докажуваат својата супериорност на сува подлога.

Бандажите од 16 инчи се значително поскаби од 17-инчните во должината на патот на сопирање. При брзина од 80 километри на час, сопирањето со помалите бандажи е подолго за дури три метри. Страничната стабилност во свијоците исто така е послаба. Изненадувачки е тоа што предноста на бандажите од 17 инчи во подоброто држење, поголемата прецизност во управувањето и поголемата безбедност при сопирање не се разводнува со слабости во аквапланингот. Во случајот на Audi A3, бандажите од 17 инчи се дури и во мала предност наспроти помалите бандажи, додека аквапланингот кај Mercedes со бандажите од 17 инчи се појавува при само 1,3 километар на час пониска брзина отколку со 16-инчните бандажи.

Генерално, бандажите од 17 инчи кај обата модела нудат најдобри возни својства. Возачите на коишто им е најважен комфорот во возењето можат спокојно да останат на фабрички монтираните бандажи од 16 инчи. Тие се најдобри во поглед на отпорот на тркалање и бучноста, но имаат незначителни слабости во патот на сопирање и управливоста.

Најголемото изненадување на тестот е тоа што бандажите од 18 инчи не нудат предности во поглед на управливоста. Обата автомобила на тестот со најголемата димензија постигнаа идентични времиња на патека како со бандажите од 17 инчи. Менувањето на правецот е полесно со 18-инчните бандажи, но затоа граничното подрачје е потесно. Кај Audi, дури и патот на сопирање со најголемите бандажи беше на исто ниво како со 16-инчните.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

144
19 shares, 144 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *