за ,

Тест на моторни масла: Добрите масла не мора да се скапи!

Доброто масло е од основна важност за моторот, но со цени и до 30 евра по литар е трошок што не е за занемарување. Германско здружение тестираше 12 масла. Најдобрите на тестот не се и најскапите.

Современите автомобили се поставуваат пред многубројни предизвици. Без разлика дали се работи за најголемата летна жега кога се бега на летен одмор или за стартување на незагреан мотор на температури далеку под нулата, автомобилот мора во сите ситуации да ги превезе патниците до целта без потешкотии, штедливо и безбедно. Тоа може да успее само кога сите компоненти работат како подмачкани.

Буквално, подмачкувањето е најважното. При смрзнувачки температури, маслото од картерот за масло мора да се искачи доволно брзо до сите точки за подмачкување во моторот, во спротивно ќе се случи триење на метал со метал. При возење на летна температура под полно оптоварување исто така не смее да се прекине тенкиот слој за подмачкување, односно маслото не смее премногу да се разретчи, инаку се заканува трајно оштетување на моторот.

Вискозноста е главниот поим кога се зборува за моторни масла. Првиот број во ознаката на маслото се однесува на неговите својства при ниски температури, додека вториот број го опишува однесувањето на маслото при високи температури. Според табелата на SAE, моторно масло со визкозност 5W-30 мора да биде способно да го подмачка моторот при -35 oС, но во исто време и да создава отпор од најмалку 9,3 mm2/s при температура од 100 oC, односно да биде доволно густо за да се обезбеди потребниот притисок на маслото. Но, оваа вредност што се мери во лабораториски услови не кажува ништо за квалитетот на маслото.

Синтетските масла најдобро ја покриваат оваа температурна разлика. Со специјални процеси при производството, со составот и со додавањето на адитиви, овие масла можат да придонесат за уште голем број позитивни ефекти, на пример да ја смалат потрошувачката на масло. Лесноодните масла го сведуваат триењето на минимум и на тој начин придонесуваат за намалување на загубата во моќноста и на топлината од триењето.

Друг важен податок е класификацијата според ACEA, со која што се одредува дали маслото одговара за одреден тип на мотор. На овој податок исто така мора да се внимава задолжително. Тој задолжително се наведува во упатството за користење на автомобилот.

Јасно е дека моторните масла што се произведени со висока технологија не се евтини. Но, цените од 30 евра за литар во сервисните работилници се чинат претерани и неретко предизвикуваат незадоволство кај сопствениците. Поради тоа, германското здружение за техничка контрола реши да ги тестира евтините моторни масла што се нудат на рафтовите во бензинските станици и супермаркетите, па дури и во центрите за градежни материјали, а секако и на интернет. Главното прашање за германските експерти беше: Дали овие масла вредат барем за половината од разликата во цената со маслата од познатите марки?

За тестирањето беа избрани масла со вискозност 5W-30, класификација ACEA C3 и спефицикација VW 50700, Mercedes 229.51, односно Opel dexos2. Тоа значи дека овие масла се применливи за најголемиот дел од актуелните модели, вклучувајќи автомобили со силни турбодизелмотори со филтри за честички чад, коишто поставуваат најстроги барања во поглед на моторното масло. Три масла со овие спецификации од производителите послужија како референца, а останатите девет евтини масла требаа да се докажат во споредба со нив.

Експертите беа изненадени од резултатите, особено од евтините масла. Иако на поголемиот дел од нив не се наведува јасно дека ги задоволуваат строгите спецификации на производителите на автомобили, со квалитетот тие воопшто не заостануваат зад референтните масла. Објаснувањето за отсуството на спецификацијата од автопроизводителите, што претставува гаранција за квалитетот на маслото, е во тоашто некои производители на масла не можат да си ги дозволат скапите процедури за атестирање од страна на производителите на автомобили. Тоа претставува и главна причина зошто нивната цена е толку пониска.

Експертите на тестот утврдија голема сличност во составот на две од маслата. Gut&Günstig од трговскиот синџир Marktkauf и K-Classic од Kaufland имаат голема испарливост, што може да доведе до зголемена потрошувачка на маслото. Спектралната анализа исто така покажа речиси идентичен состав. Моторните масла можат да содржат адитиви до 25 проценти во составот и сите овие компоненти се покажуваат на анализата. Со адитивите може да се влијае врз стареењето на маслото под дејство на оксидација, како и врз способноста да се впиваат нечистотијата и киселините. Дизајнирањето на маслата е голем предизвик за инженерите.

Најдобар пример за тоа е оригиналното масло на Mercedes-Benz. Заради подобрување на долготрајноста, кај ова масло се преземаат компромиси во поглед на сулфатната пепел. Што значи тоа? Во случај моторот да го согори маслото, што не е исклучено кај моторите се екстремно високи километражи, пепелта што произлегува од согорувањето може да го оштети филтерот за чад, односно катализаторот. Затоа пак, маслото е способно да ги издржи долгите интервали за замена што се вообичаени кај актуелните мотори без какви било загуби во квалитетот. Овој специфичен дизајн на маслото е на границите на дозволеното според нормите на ACEA и интересно е што тоа воопшто не се наведува на етикетата.

Последново се однесува и на оригиналното VW Longlife, на чијашто етикета од разбирливи причини не се наведува дека истото одговара и за другите мотори. Ова масло е воедно и најскапо на тестот на Германците. Маслото на Shell со спецификација за Opel на бензинските станици во Германија се продава поскапо од маслата со универзална примена. Јасно е дека сервисните работилници мора некаде да надоместат за тоа што денешните автомобили мораат поретко ги посетуваат сервисните работилници. Според познавачи, ова масло во набавката не чини ниту пет евра по литар. Дури и за независните сервисни работилници, кои што набавуваат од различни извори по значително подостапни цени, моторното масло исто така го обезбедува главниот приход во работата.

На крајот, последново може да го искористи и сопственикот на автомобилот и самиот да си го набави моторното масло за своето возило. За менување со сопствено масло обично се доплаќа незначително во сервисните работилници, но заштедата останува. Меѓу другото, заштедените пари може да се искористат и за замена на маслото на покуси интервали, за и во зимо и во лето да се вози со свежо масло во моторот.

 

Како се тестираше

 

Сите масла од класата SAE 5W-30 беа набавени во слободна продажба и анализирани како анонимни проби. При оценувањето се земани во предвид и техничките својства, како и цените и информациите на етикетата. Овие фактори учествуваат со една третина во крајната оцена. На фактичките квалитети на моторното масло отпаѓаат две третини од максималниот број на бодови и ова испитување се состоеше од 5 различни проверки, секоја со по 10 бодови.

Се мереше вискозноста при 100 степени, како показател на способноста за подмачкување при загреан мотор. Доплнително се мереше и динамичната вискозност при -30 степени во mPas, што укажува на способноста за брзо подмачкување при незагреан мотор, односно маслото не смее да е премногу жилаво. Важен критериум беше и мерата на сулфатната пепел, што се создава при согорувањето на маслото и може да го оштети филтерот за честички. Бидејќи тестираните масла се таканаречени Longlife масла, што зависно од профилот на возење може да останат во моторот и до 30.000 километри, се тестираа и т.н. базен број и испарливоста. Првиот критериум укажува на способноста на маслото, без значителна загуба на својствата за подмачкување да ги апсорбира штетните материи, а вториот критериум се однесува на потрошувачката на масло. Доколку состојките на маслото испаруваат пребрзо, нивото на масло се намалува и мора почесто да се дотура масло.

 

Тест на моторни масла од германското здружение на техничка контрола

Марка Shell Mercedes-Benz Volkswagen Real Cartechnic Gut & Gunstig
Име Helix Ultra AG, со спецификација на Opel Premium Synthetic Longlife III GSL лесноодно масло Multi Лесноодно масло
Технички својства            
Вискозност на 100 oC 8 8 8 9 8 9
Вискозност на -30 оС 10 5 6 6 4 7
Вредност на пепел 8 1 9 8 6 4
Степен на испарување 8 10 5 5 8 2
Базен број 7 10 6 5 6 7
Оцена за поглавје 41 34 34 33 32 29
Етикета 1 1 1 5 5 3
Цена/Литар (евра) * 25,99

2

20,40

8

26,75

1

13,99

14

12,50

15

8,99

19

Крајна оцена 44 43 36 52 52 52
Препорака на здружението Се препорачува Се препорачува Условно се препорачува Особено се препорачува

(Победник на тестот)

Особено се препорачува

(Победник на тестот

Особено се препорачува

 

 

 

Марка Shell DBV High Performer ATU K-Classic Liqui Moly
Име Helix Ultra ECT Longlife Longlife 3 Специјално моторно масло Longlife III Top Tec 4200
Технички својства            
Вискозност на 100 oC 8 8 8 8 9 8
Вискозност на -30 оС 5 2 6 9 8 2
Вредност на пепел 10 9 8 7 5 7
Степен на испарување 9 7 5 8 2 5
Базен број 5 6 5 5 7 5
Оцена за поглавје 37 32 32 37 31 27
Етикета 5 2 3 2 3 4
Цена/Литар (евра) * 19,99

8

11,90

16

12,80

15

18,99

9

13,99

14

15,40

13

Крајна оцена 50 50 50 48 48 44
Препорака на здружението Особено се препорачува Особено се препорачува Особено се препорачува Се препорачува Се препорачува Се препорачува

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Батлер во сериската опрема на идните Jaguar и Land Rover

Hyundai со рекордни 700 километри со погон на водород