89
14 shares, 89 points

Во салон на Kia некогаш одамна се влегуваше да се купи евтин автомобил. Но, времињата се менуваат. Денес се влегува да се купи добар автомобил. Многу подобар автомобил. И достапен место само евтин.

Во Kia сé е како што беше и ништо не е како што било. Вредностите како издржливост и противвредност останаа, а на тоа се приклучија новите вредности, како чувство во возење и емотивно доживување на дизајнот. Како резултат од тоа, првото прашање во салон повеќе не е колку чини автомобилот, туку дали го имате во таа и таа боја и дали можам да го добијам возилото со бандажи од 17 инчи.

Ѕвездата на автомобилскиот дизајн, Петер Шрејер, придонесе марката Kia да ја гледаме со други очи. Cee’d е верно продолжение на трансформацијата на визуелниот код на марката во која што продефилираа модели како Sportage, Optima, Soul, па дури и лутото малечко Picanto не остана без зачин во доживувањето на неговата појава. Уште повеќе одушевува тоа што со секое обновување на модел во семејството, дизајнерите како да стануваат уште посмели и посигурни во толкувањето на начелата на стилскиот говор на марката.

Лого на хаубата место во маската, како кај благородните британски купеа

Конкретно, Ceed: Петаголна маска со хромиран раб, поставена вертикално, како кај најмоќните и најсамоуверени италијански и британски суперболиди, лента од светлечки диоди по долниот раб на светлата, извлечени рабови во горната линија на ветробранот, мини спојлери во површината на задните светла, против вртложење на воздушните струи зад каросеријата – сето тоа изгледа впечатливо, но во исто време уверува дека целото возило е конструирано сериозно.

Максимално сериозно. Силната конкуренција во компакт класата не остава простор за производителите да настапуваат пред купувачите со просечна понуда. Мора да се има најдоброто, и купувачите мора да се убедат во тоа. Секое подрачје е подобрено. Продолжувањето на каросеријата за пет сантиметри придонесе багажникот да порасне за 40 литри, на сегашните 380 литри, во исто време се обезбеди повеќе простор за глава напред и назад, како и повеќе простор за нозе напред.

Барањето недостатоци во изработката на Ceed е исто како да се бара влакно во јајцето

Со комотното седење во новите седишта може подобро да се ужива во кокпитот. Површините на арматурната табла се меки, споевите педантни, материјалите квалитетни. Тука не може да се воочи отстапување од најдобрите во класата. Во детали се препознава желбата да се понуди повеќе. Внатрешните рачките на предните врати, на пример, составени се од повеќе делови, со цел да се обезбеди максимална ергономија и пријатно чувство при затворањето и отворањето на вратите. Ако толку се внимавало на навидум неважни детали, колку тогаш е посветено грижа во останатите, многу поважни подрачја?

Чувството во возење ја покажува вистинската вредност на Ceed

 

Многу повеќе. Денешните компакти не се разликуваат по обемот на опрема или моќноста на моторите, туку многу повеќе по чувството во возење. Додека порано уште пред седнување се знаеше дека подвозјето кај азиските марки работи нехармонично, односно на ситни нерамнини реагира премногу тврдо, а на долги нерамнини или во брзи свијоци се препелка немоќно, чувството во возење на овој Ceed, уште повеќе отколку претходникот, не остава простор за сомневање во усогласеноста на работата на амортизерите и пружините во подвозјето.

На моменти се случува амортизацијата и натаму да реагира бурно, со тврди удари оздола, но тоа повеќе се должи на неквалитетот на патиштата отколку на возилото. Ceed влегува храбро и сигурно во граничното подрачје, единствено изостанува малку поголема повратна информација во управувањето. Експериментирањето со трите програми што ги нуди сервоуправувањето, комфорна, нормална и спортска, може слободно да се заборави, затоа што се менува единствено интензитетот на сервоподдршката, но не и директноста или повратната информација во управувањето.

Со технологијата, 1.4 CRDi е над просекот во класата

Повеќе интерес заслужува моторот. Ceed возеше на тестот со 1,4-литарскиот турбодизел со 90 КС. Со две брегасти вратила, 16 вентили и интеркулер, 1.4 CRDi е над технолошкиот просек во неговата класа на работна зафатнина и моќност, и тоа се чувствува во возењето. На почетокот може ќе се констатира дека моторот повлекува послабо, што е очекувана предрасуда при комбинацијата од мала работна зафатнина и релативно тешка каросерија, но погледот во бројачот на вртежи открива дека се работи само за првичен впечаток.

Моторот е оптимиран да работи во низок и штедлив режим, со способност да поддржува умерена динамика на возење уште при 1.500 вртежи. Во мала мера и звукот на моторот го наведува возачот на чувство дека вози со повеќе вртежи, особено во градски услови на возење. Но, откако ќе се привикне на ваквиот карактер на моторот, возачот нема проблеми секогаш да ја добие динамиката што ќе ја побара преку педалот за гас. Во средното подрачје на вртежи и при побрзо темпо се чувствува солидната поддршка од 220 њутнметри.

Правилото кај опремата гласи: Повеќе е подобро

На крајот, колку Kia го цени својот Ceed? Повеќе од порано, но и исто толку – ако се земе во предвид уште побогатото ниво на опременост во споредба со претходникот, и многу повеќе, ако се земе во предвид зрелоста на возилото во споредба со конкуренцијата. Дизелот со 90 КС е достапен во сите три нивоа на опрема што се понудени на македонскиот пазар, при што во основното ниво LX компактот се добива за 15.490 евра, односно 1.000 евра помалку со актуелната кампања на Киа Моторс Македонија.

Обемот на опрема опфаќа повеќе од неопходното. Покрај контрола на стабилност и шест воздушни перници, клима уред, радио со команди на волан и вообичаените комфорни функции, LX вклучува и аларм, греење на ретровизори, приклучок USB, магленки и патен компјутер, кои ретко се нудат во основното ниво кај конкуренцијата. За околу 1.000 евра повеќе, за нивото LX Plus, Ceed добива уште блутут, темпомат, три програми за сервоуправувањето, паркинг сензори, кожа на воланот и на рачката на менувачот, електрика за задните прозорци и за еден палец поголеми челични бандажи.

Врвното ниво е EX, со актуелна цена од 16.950 евра за 1.4 CRDi и со двозонска автоматска клима, дневни светла и задни светла со LED, аудио со дисплеј на допир, камера за паркирање, потпирач за рака назад, хромирани детали внатре и надвор и алуминиумски бандажи од 16 инчи. Во тој поглед ништо не е сменето, односно и натаму важи правилото дека со изборот на повисоко ниво на опрема се добива уште поголема противвредност, односно повеќе за парите.

Во секој случај, купувачот има можност да избира дали повеќе вреди побогата опрема или помоќен мотор, затоа што и 1.6 CRDi со 128 КС е достапен во основното ниво LX за 15.250 евра, односно за 760 евра повеќе од дизелот со 90 КС.

Ceed поседува вредности над цената

Кај новиот Ceed е неблагодарно да се оценува единствено според цената на возилото. Компактот на Kia нуди вредности над цената, односно способен е да се споредува со конкурентите и во поглед на возните својства, перформансите, безбедноста, комоцијата, а особено гаранцијата. За да биде врвен модел во класата, му недостигаат уште една доза префинетост во амортизацијата и повратна информација во управувањето. Моторот е штедлив и доволно култивиран, опремата е комплетна. Може да се посака единствено можност ставки од дополнителната опрема да се нарачуваат одделно. Конкретно, кој преферира кожа на воланот, мора да доплати 1.000 евра, затоа што кожата се добива во пакет во LX Plus.

[box type=”success” ]Штедлив и доволно култивиран дизел
Богато ниво на сериска опременост
Добро ниво на комфор во возење [/box]

[box type=”error” ]Нема можност за нарачка на одделни ставки од дополнителната опрема
Системот старт стоп не се нуди како опција
Недостига повратна информација во управувањето [/box]

Соочување со конкурентите

Разликата во цената со најблиските конкуренти е помала отколку кај претходникот, но и противвредноста е зголемена. Предност е високиот вртежен момент, другите вредности се речиси истоветни. Изненадување е ценовната понуда на Toyota.

Kia Ceed 1.4 CRDi Hyundai i30 1.4 CRDi Opel Astra 1.3 CDTi Toyota Auris 1.4 D-4D
Цена од [евра] 14.490 14.900 15.588 14.590
Мотор 1.4 л., 4 цил. 1.4 л., 4 цил. 1.3 л., 4 цил. 1.4 л., 4 цил.
Моќност [KC] 90 90 95 90
Вртежен момент [Nm/min] 220/1500 220/1500 190/1750 205/1800
0-100 km/h [s] 13,5 13,5 14,5 12,5
km/h 170 170 175 180
L/100 km [град/ пат/ просек] 5,4/3,8/4,3 5,3/3,5/4,1 5,2/3,5/4,1 5,0/3,7/4,2
Димензии [cm] 431х178х147 430х178х147 442х182х151 428х176х146
Багажник [L] 380/1318 378/1316 370/1235 360/1200

[nggallery id=32]


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

89
14 shares, 89 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *