за

Старо-новата германска марка Borgward ќе стартува со теренец

Автомобилско име што се вбројуваше меѓу најголемите во 1960-те години, се враќа повторно на сцената. Кинески инвеститор вложува во германската марка Borgward, на салонот во Франкфурт ќе биде прикажан и првиот „нов“ модел.

Големо име од 1960-те години се враќа на автомобилската сцена. Со финансиска поддршка од кинескиот производител Beiqi Foton, внукот на основачот на марката, Кристијан Боргвард, стартува со повторното заживување на култната германска марка Borgward. Фирмата сега објави неколку фотографии од маскираниот прототип што треба да доживее премиера на салонот во Франкфурт наесен. Од фотографиите единствено е јасно дека станува збор за спортски теренец, околу големината може само да се шпекулира дека се работи за модел од класата на BMW X5 или Mercedes GLE, додека околу техниката нема никакви податоци.

До денес е неразјаснето што точно доведе до пропаѓањето на легендарниот Borgward

Карл Фридрих Вилхелм Боргвард (1890-1963) важи како генијален инженер, но и како тврдоглав човек што не прифаќал совети. До денес е неразјаснето што точно довело до пропаѓањето на Borgward во почетокот на 1960-те години. Многумина историчари ја префрлаат вината на подоцнежниот претседател на надзорниот одбор Јоханес Землер, кој во исто време бил ангажиран и во санацијата на BMW. Можеби Землер едноставно ги префрлил картите во интерес на марката од Минхен, на штета на Borgward. За едногодишниот ангажман, тој добил во тоа време астрономски хонорар во висина од 250.000 марки. Други експерти ја гледаат причината за падот во големата разновидност од модели. Во понудата на Borgward влегувале повеќе модели отколку што Daimler и свежо преземениот Auto Union имале заедно. Можеби производството било нерационално или имало потешкотии со извозот?

Теренецот ги привршува тестирањата на Нирбургринг, пред премиерата во септември
Теренецот ги привршува тестирањата на Нирбургринг, пред премиерата во септември

Историските факти сведочат дека Боргвард побарал банкарски кредит во висина од 30 милиони марки веднаш по Божик во 1960-та година, кои требало да бидат исплатени во три месечни рати од по 10 милиони марки, под гаранција на градскиот сенат на Бремен. По еден месец, сенатот ја повлекол својата гаранција за последните десет милиони германски марки од кредитниот износ, по што банките престанале со исплата во февруари 1961. Потоа следат порамнување, стечај и продажба на имотот на претпријатието. Дури по повеќе години се утврдува дека воопшто немало потреба од стечај. Долговите на доверителите им биле исплатени во целост, исто како и кредитите во банките. Тоа што најмногу е нејасно околу целата оваа постапка е улогата на градскиот сенат на Бремен.

За првпат по 54 години пауза, во минатата пролет Borgward повторно се појави на салонот во Женева, но само со олдтајмер. Следен чекор во тоа што засега изгледа како совршена стратегија е претставување на првиот автомобил по повторниот старт на Borgward, на салонот во Франкфурт наесен. Деталите за новиот спортски теренец не се познати, но е сосема веројатно дека во понудата од погонски варијанти ќе биде вклучен и хибриден модел, развиен во соработка со кинескиот партнер Foton. Производството ќе се одвива само во Кина, додека развојот и дизајнот се работени во Германија. Место во Бремен, седиштето на фирмата сега се наоѓа во новоградбата „Сити Гејт“ на Кригбергштрасе во Штутгарт. Продажбата ќе стартува прво во Кина, а дури потоа и за другите поголеми пазари.

Внукот на основачот, Кристијан Боргвард, досега има искуство само како трговец со појалоци во Волфсбург
Внукот на основачот, Кристијан Боргвард, досега има искуство само како трговец со појалоци во Волфсбург

Критичарите се сомневаат дека плановите на новата марка се премногу амбициозни

Ултих Валкер, поранешен менаџер во Daimler и актуелен претседател на Borgward е убеден дека „Borgward ќе го врати своето место на меѓународниот автомобилски пазар“. Критичарите сепак се сомневаат во шансите за успешен камбек, посочувајќи на досегашното професионално искуство на Кристијан Боргвард, кој работел како трговец со пијалоци во Волфсбург. Коосновачот Карлхајнц Кнос, пак, има титула на дипломиран филолог и само две години искуство во одделението за односи со печат во Daimler.

Плановите на двајцата основачи на новиот Borgward се мошне амбициозни. До 2020 година се очекува продукцијата да достигне 800.000 автомобили, за потоа бројката да се зголеми двојно до 2025 година. Покрај тоа, секоја година до 2020 ќе бидат претставувани по два нови модела. Тоа е речиси невозможно во денешните услови на пазарот. Borgward преговара и за спонзорство на прволигашот Кајзерслаутерн. Во секој случај, автомобилите на новиот Borgward ќе мораат да бидат најмалку исто толку добри колку старите. Последниот примерок што ги напушти производствените ленти во Бремен од легендарниот модел Borgward BT 100, носеше натпис: „Ти беше премногу добар за овој свет.“

Последниот автомобил на марката, Borgward BT 100, ја напушти фабриката со натписот „Ти беше премногу добар за овој свет“
Последниот автомобил на марката, Borgward BT 100, ја напушти фабриката со натписот „Ти беше премногу добар за овој свет“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Јапонски научници развија преносен мост на извлекување

Европа: За овие сообраќајни правила веројатно немате слушнато