По повод 50-годишниот јубилеј на фирмата, Mercedes-AMG ја подготви специјалната серија Edition 50 од GT C Roadster. Серијата ќе се изработи во 500 примероци и на прв поглед се препознава по двете ексклузивни бои, графитно сина и кашмир бела. Дополнителен нагласок даваат хромираните детали.
Надворешната појава на лимитираната серија ја дополнуваат дополнителни проширувања на праговите, преден сплитер, украсни лајсни во отворите за воздух на маската „панамерикана“, перки на отворите за воздух во крилата, украсна лајсна на задниот дифузор и впечатливите издувни цевки. Кованите бандажи од AMG со двојни краци имаат ист хромиран финиш како елементите на каросеријата.
Главниот печат во кокпитот го дава контрастот од црна и сребрена боја. Седиштата се обложени со скапа напа кожа, додека за воланот е избран црн микрофибер со сива опшивка, ознака за 12 часот во сребрена боја, натпис „Edition 50“, како и плочка со бројот од ограничената серија. Составен дел од серијата е ноќниот пакет AMG за кокпитот, со црни краци на воланот, рачки за менувачот и плочки на праговите. Стилот го следат и сребрените безбедносни ремени и украсните елементи во хромиран финиш. Спортските седишта AMG имаат втиснато амблем „GT Edition 50“ во потпирачите за глава.
Нарачките се отвораат во март, испораката следува во јули. Цената ќе биде објавена по премиерата на Edition 50 на салонот во Женева во март.
0 Comments