за ,

Совети: Мали делови што се од суштинско значење за автомобилот

Широки гуми на полирани бандажи не може да останат незабележани. Но, автомобилот се состои од многубројни делови што се ситни и невоочливи. На некои од овие делови сепак треба да им се посвети внимание. Капите на вентилите на гумите се еден од овие делови што умеат да предизвикаат проблеми. Совети што може да бидат од голема корист.

Автомобилот е составен од десетици илјади делови. Некои од нив се евтини и навидум безначајни, но при невнимание или расипување може да предизвикаат големи проблеми. Истрошена батерија во клучот од возилото, на пример, не само што ја оневозможува работата на централната брава и бара возилото да се отклучи со механичкиот клуч, туку може и целосно да го блокира возилото. Оваа батерија меѓу другото го напојува и имобилизаторот. Батеријата можеби е ситен, но важен дел.

Зошто капите на вентилите не се толку безначајни?

Вентилите на гумите се еден од деловите чиишто контрукција и изглед најдолго останале непроменети. Изумот потекнува дури од 1893 година. Проблемот настанува доколку лошо се постапува со нив. Честопати се случува капите на вентилите да се заборават по проверката на притисокот, па дури има и случаи кога возачите намерно ги фрлаат, мислејќи дека се непотребни. Кражбата исто така не е исклучена.

zastitna kapa na ventil

По веб-дуќаните може да се најдат и „стилски“ комплети со сомнителен квалитет. Дополнителен проблем е тоа што тешките метални капи, па дури и цели комплети вентили, може да го нарушат балансот на тркалото

Покрај тоа што претставуваат дополнителна заштита од губење на притисокот, капата првенствено има функција да го заштити вентилот од нечистотија. Доколку капата отсуствува, при следното пумпање на гумите е голема веројатноста дека во вентилот ќе навлезе нечистотија. Потоа, вентилот пропушта. Капата поседува и гумена заптивка. Внимателно и со украсните капи што се изработени од метал и обично имаат лого или некоја симболична форма. Овие капи честопати се изработени со пропусти, но поголем проблем е тоа што нивната тежина може да предизвика дури и нарушување на балансот на тркалото.

Корисни совети: Скапите светилки не се само „скапи“

sitnici sto se vazni 02

Грешка во стотинка од милиметарот решава дали светилката ќе работи правилно

Кога ќе прегори некоја од светилките на автомобилот, не треба да се посегнува по првата светилка што ќе се најде во дуќан. Особено кај светилките за главните светла постојат големи разлики во квалитетот. Затоа треба да се избираат првенствено познати и квалитетни марки. Разликите не се однесуваат само на трајноста, туку и на квалитетот на осветлувањето. Грешка во стоти дел од милиметарот при изработката на жаречкото влакно решава дали возачот ќе го гледа патот пред себе добро или не. Покрај тоа, светилките мора да поседуваат хомологација, што не е случај со производите кои се нудат на тезга.

Добрите метлички за бришачи имаат и „дополнителни“ делови

sitnici sto se vazni 01

Метличките за бришачи може да се состојат и од дваесетина и повеќе делови. Секако дека гумата е најважна. Познатите марки користат дури и комбинација од природен каучук и синтетски материјали кај своите поскапи модели. Во зглобовите на овие метлички се наоѓаат метални чаури, коишто го олеснуваат движењето околу оската. Овие дополнителни делови не може да се очекуваат кај метличките што се десетпати поевтини. Покрај тоа што траат подолго, добрите метлички обезбедуваат и темелно чистење. Безбедноста не е за потценување.

Празна батерија може да предизвика проблем исто како празен акумулатор

sitnici sto se vazni 03

Проверката во прирачникот за возилото секогаш може да доведе до корисни информации

Во речиси сите автомобилски клучеви денес се наоѓа батерија. Покрај тоа што батеријата го напојува предавателот за далечинската команда со централната брава, нејзината енергија се користи и за имобилизаторот, а во некои модели и за мемориските модули во коишто се вчитани личните местења на сопственикот. Затоа, празна батерија во клучот може да има слични последици како празен акумулатор: Ништо не функционира. Сервисните работилници „би требало“ да практикуваат превентивна замена на батеријата во клучот при секоја посета на сервисот. Најдобро е во преградата пред совозачот да се чува резервна батерија, заради избегнување непријатни изненадувања, коишто по правило секогаш ќе се случат за време на одморот или далеку од поголем град.

За жал, типската ознака на батериите не е унифицирана. Соодветната големина не смее да биде единствен критериум при купувањето. Подобро е на интернет да се побара кој тип на батерија одговара. Не смее да се заборави проверка на рокот на траење! Батерии што не се спакувани треба да се избегнуваат.

https://automedia.mk/objavi/25486

Полначот за мобилен треба да се подразбира во „опремата“

Паметните телефони денес ни се наоѓаат од голема помош при возењето, особено при патување, како навигациски уред. Потрошувачката на струја при извршувањето на оваа функција им е голема и затоа во возилото е неопходно да се поседува полнач со адаптер, како корисен прибор. Овие адаптери обично го „претвораат“ приклучокот за 12 волти во USB-приклучок за полнење. Не е случајно тоа што станиците за гориво на магистралните патишта обично имаат во понуда вакви адаптери, кои чинат неколку стотини денари. Но, адаптерот треба да се наоѓа во возилото, а не да „остане“ на бензинската. Постојат разновидни адаптери, некои од нив имаат светликави контролни светилки, но поважно е да обезбедуваат доволно силна струја за полнење. Покрај тоа, треба да се внимава адаптерот да поседува и регулација. Во исклучителен случај, преголемо отстапување од нормираниот напон за полнење преку USB од 5 волти може да го оштети приклучениот телефон.

Среќен пат!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дваесетгодишен BMW на рели од 6000 километри до Јордан

Кибер-напади го запреа производството во Renault