за

Сите досегашни (пропаднати) обиди за пробив на електричните автомобили

Иднината им припаѓа на електричните автомобили. Конечно. Обиди за пробив на електричниот погон постојат уште од автомобилскиот памтивек. Првите од нив се многу порано отколку што се претпоставува.

Голем е бројот на фирми што се обидуваат да се вмешаат во светот на автомобилизмот, но не само да учествуваат, туку да воведат револуција. Google, Apple, Faraday Future, а особено Tesla. Сите тие ја гледаат иднината во погонот на струја, сите се насочени кон утрешнината. Но, електричниот автомобил има многу подолга историја. Подолга дури и од историјата на автомобилите со мотор со внатрешно согорување.

На електричниот автомобил му се има случено најголемата историска неправда, откако Benz Patent-Motorwagen Nummer 1 е патентиран како прв автомобил во светот на 2-ри ноември 1886 година. Пет години претходно, на светскиот саем за електрична струја во Париз, инженерот Густав Труве покажа нешто дотогаш невидено за светот – трицикл со електромотор и батерија, кој постигнуваше 10 километри на час. Оваа брзина во тоа време уште се сметаше како опасна.

trouve tricycle

Trouve Tricycle им даде идеја на колегите изумители на Труве да размислуваат коњите да се заменат со батерии и електромотори. Инспирацијата делуваше на британската компанија Immisch, како и на германскиот изумител Андреас Флокен, кој уште во 1888 година изработи електрично возило со четири тркала.

Првиот автомобил што надминал 100 km/h е со електричен погон

Три години откако Англија го помести брзинскиот лимит од четири на 14 милји на час, автомобилот наречен La Jamais Contente или во превод „никогаш задоволен“ прв пречекори брзина од 100 километри на час во 1899 година. Секако, станува збор за електричен автомобил. Конструктор на 1,5-тонскиот автомобил во форма на ракета беше белгискиот тркач Камил Јенаци, воедно и сопственик на работилница за изработка на електрични возила. По три години, неговиот рекорд го урна автомобил со погон на пареа.

ljc elektricen auto

Очигледно е дека тогашните автомобили се движеа или на струја или на пареа. Само мал дел од возилата користеа мотори со внатрешно согоривање. Следното важно поглавје во електромобилноста е испишано во 1900-та година, со претставувањето на моделот на Lohner-Porsche на светскиот саем во Париз. Овој автомобил со моделско име Semper Vivus постигнуваше 50 km/h и со оловните акумулатори совладуваше до 50 километри.

Не само електричен погон, туку и хибрид и погон на сите тркала

Фирмата изработуваше уште неколку модели со електричен погон, меѓу другото и т.н. Mixte, прв автомобил со хибриден погон. Неговиот ото-мотор служеше за полнење на батериите. Првиот Lohner-Porsche имаше електромотори во предните тркала, за две години подоцна да следи верзија со електромотор во сите тркала. Токму така, овој автомобил веќе располагаше со погон на сите тркала.

lohner porsche semper vivus 3

Од денешно гледиште е тешко да се поверува дека електричните возила доминираа во возниот парк во тоа време. Тие беа полесни за стартување и ракување, во споредба со моделите со ото-мотор, кои палеа „на курбла“, а требаше да се ракува и со менувачот. Дури откако во 1911 година почна да се вградува електричен стартер, автомобилите со ото-мотор почнаа да доаѓаат во предност, меѓу другото и поради поголемиот досег.

Завршниот удар на електричните автомобили им го зададе никој друг туку токму Хенри Форд, откако Американецот го копираше и модифицираше принципот на производство на подвижна лента во автомобилската бранша. Толку прославуваниот Ford Model T е „убиецот“ на електричните автомобили. За среќа, развојот и тестирањата на електричниот погон не престанаа.

Електричен BMW 1602 ги водеше маратонците на Олимписките игри во Минхен

За Олимписките игри во 1972 година, „соседот“ BMW излезе со моделот со ознака 1602e. Верзијата со погон на струја од славниот модел на Баварците ја придружуваше колоната маратонци. Електричната „двојка“ поседуваше досег до 60 километри и крајна брзина од 100 km/h. Но, светот не реагираше толку одушевено на идејата за електромобилноста.

bmw-1602-electric-122

Во 1970-те години и Volkswagen се обидуваше да го промовира електричниот погон. Golf Citystromer се произведуваше во мала серија примероци од првата до третата генерација на моделот од средината на 1990-те години, но никогаш не доживеа вистинско сериско производство. Дури во 2014 година, Volkswagen започна со сериско производство на e-Golf, во седмата генерација на моделот.

Citroen AX electrique уште во 1990-те години се произведуваше во серија

Повеќе од деценија и пол пред да се појави триото Citroen C-Zero, Peugeot i-On и Mitsubishi i-MiEV, францускиот концерн веќе го имаше во понуда Citroen AX electrique, од сериско производство. Батериите овозможуваа досег до 120 километри и беа вградени толку вешто во подот на возилото, што кабината остана целосно нечепната. Крајната брзина изнесуваше 100 km/h. Неговиот наследник Citroen Saxo исто така се појави во електрична верзија во 1996 година.

https://youtu.be/U8jFCNyV3ZE

Во 1996 година, во САД беше претставен GM EV1. Концернот General Motors со овој автомобил реагираше на строгите норми за издувни гасови во Калифорнија. Каросеријата имаше исклучително низок отпор на воздух со коефициент Cw од 0,195, спринтуваше за десет секунди до сто километри на час и беше примерно опремен, меѓу другото со контрола на притисокот во гумите, со акустично предупредување за пешаци и батерии што се полнеа по пат на индукција.

Америка го уништи погонот на струја – Политиката реши нафтата да остане

Десет години подоцна, документаристот Крис Пејн ја разоткри заднината, зошто автомобилската индустрија во земјата сакаше да го уништи електричлниот погон и да ја потисне опасноста од издувните гасови од возилата со обичен погон. GM ги повлече сите примероци од EV1 и ги уништи до последниот дел, со образложение дека не може да гарантира безбедно користење на електричното возило во подолг временски период.

general motors ev1 1996

Во 1999 година, кога заврши производството на EV1, светлото на денот го виде следниот пионер во електромобилноста, Tesla Roadster. Оттогаш, електричниот погон континуирано вози по нагорна линија.

[FAG id=24417]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вака се краде автомобил за 50 секунди во Израел

Peugeot 3008 се унапреди од кросовер во спортски теренец